23 Април, 2024
0.0247

Литл штрц

Објавено во: Колумни 02 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

  Доаѓаат потопли денови,фала му на Бога,но и на  потребата од борба со повисоките температури.Консумацијата на ладни пијалаци се подразбира(по дифолт,што би се рекло).....и замислете си ја оваа ситуација:

Кафеанска мртва природа:извалкан кариран прекривач, кој повеќе наликува на земјописна карта,превртена празна чаша од „два деци“ и заспан гостин, кој поради насловот на сликата е мртов пијан, и неговото величество сифон.Одамна се прашувам дали некаде во градов во некоја забутана биртија, барем ,постои макар еден примерок од овој некогашен кафеански заштитен знак?

За помладите мало појаснување:сифон е шише од литар од помасивно стакло со механизам за дозирање-штрцање на содржината.А содржината е сода-вода која служи,односно служеше некогаш,за подготвување на шприцер-две третини вино„смедеревка“и една третина сода од сифонот.Според мојот кустос за Скопје од минатото, на кое и јас не се сеќавам, Киро Томовски од кај „Мак-пен на Цобе“ или виното или сифонот,а може и двата субјекта, треба да бидат кочан ладни.Со сифонот само се дополнува чашата со вино и шприцерот е погоден кога дур е цел од него да летаат студени меурчиња кон дотичниот консумент.

Сега ме фаќа мерак што тоа не сум го доживеал,а за сифоните знам од многу одамна.Уште во Дебар маало еднаш-двапати во неделата поминуваше содаџија со колска запрега со посебно уреден плехан сандак,а од куќите излегуваа домаќини,кој со едно,кој со две  празни шишиња и во нивна замена добиваа полни сифони за извесен паричен надоместок-нешто како млекото што го доставуваа студенти во некогашно Скопје.Сифони се растовараа и пред „Идадија“ и „Мал Одмор“.

Но,за да се лади сифонот треба мраз-тогаш немаше фрижидери,а по бунарите се ладеа лубаници и други попотребни намирници.И мраз се продаваше.Поминуваа одвреме- навреме,повторно со колска запрега и посебно направен затворен сандак полн со долги паралелопипедни парчиња од мраз,но и помали,веќе подготвени за продажба,„мразаџии“со престилки од кожа или гума со ракавици и железни ченгели, со кои ги извлекуваа мразните производи.Мраз се доставуваше и во кафеаните и кај „Апче“,се разбира,за сладолед.

Некаде во седумдесеттите сифоните полека но сигурно исчезнаа….Дојде кисела вода „пелистерка“,па малите шишенца сода,но звукот на „литл штрц“веќе не се слушна,ниту пак нарачката „мало бело пресечено“.Сум слушал дека постоеле мајстори –шприцераши кои можеле од маса на маса да погодат со млазот од сифон во полуполната чаша вино.Сега е време на атракции и враќање кон старите и убави обичаи и навики.Зошто некому да не му текне да набави сифони за сода.Тие се и украс на масата-верувајте.Шприцер си е шприцер,а бунар си е бунар...се во свое време,а може и обата освежителни пијалаци истовремено....

Инаку,годинашнава промена на сметањето на времето-од зимско на летно- се совпадна со моето веќе традиционално  утринско седнување на компјутер за да ги напишам тие педесет и петшест реда на неделната колумна.

Како вчера да беше кога во тогашната „Југа“ помпезно се најави дека од тој и тој март, во толку и толку часот стрелките на часовникот се поместуваат „наваму-натаму“ и се во тој стил.Како да ни беше малку што буквално се мешавме со умот на граница кога поминувавме во Бугарија или подоцна во Грција.Те колку е според наше, а колку според грчко или бугарско време.Никому воопшто не му беше јасно што се придобивките од тоа преминување на летно или зимско време(сега придобивките се бенефити).Како кога годиниве возиме со запалени светла сред бел-ден во географски простори каде што има по двесте и дватриесет сончеви денови во годината.Првото летно сметање на времето го пречекавме ко божем е Нова Година.Цело Скопје беше будно за ритуално да се поместат стрелките на сите саати по куќа.Се седеше на софра,се играа карти-мунти триесет и еден, реми-бриџ,коко кои,се маваа шприцери,само на ми текнува дали во два изутрина се избацивме за да си честитаме-„ај среќно летно сметање на времето“.Такви беа времињата,не дека беше нешто полесен животот или побезгрижно се живеело па се било песна,од се се правеше атракција,па и шанса за убава дружба.......


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок