Лиле Стефанова денеска ќе сведочи за „Рекет“
Објавено во: Македонија 20 Јануари, 2020
Лиле Стефанова, како поранешна специјална обвинителка, која ја води истрагата за случајот „Империја“, денеска ќе сведочи за „Рекет“, а што има да каже ќе слушнат и обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева како некогашна нејзина претпоставена.
Стефанова е следна од списокот на сведоци, откако претходно тоа го направија заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска, бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ, куќната помошничка на Јовановски и други.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција првообвинетиот Јовановски го сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева за „примање награда за противзаконито влијание“ како и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.