29 Март, 2024
0.0259

Лазаровски: Доста е од поделби, црни сценарија и меѓупартиска омраза

Објавено во: Македонија, Интервјуа 23 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Црно-белата слика на македонската политичка сцена се обиделе да ја променат повеќе личности, движња и партии, но актуелниот изборен модел не дозволувал посилен настап во Собранието бидејќи поделени во шест изборни единици нивните гласови паѓале во вода, па така мораа да се приклучат на големите коалиции предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Сега се најавува нова политичка платформа наречена „Македонски концепт“ која вели дека ќе се залага за подигнување на политичката култура, нов начин на водење на политичка битка преку идеи, проекти и конструктивни предлози, но засега немаат амбиција да прераснат во политичка партија. За новата платформа „Македонски концепт“ разговараме со Сашо Лазаровски кој вели дека треба да се стави крај на црнилата, да се создадат силни институции кои нема да бидат под влијание на партиите, а ќе се работи за подобра иднина на сите граѓани без оглед на нивната етничка, верска или партиска припадност.

Фактор: Најавивте нова политичка платформа Македонски концепт. Зошто токму сега, која е потребата од ваков нов вид на политичко делување?

Лазаровски: Македонски концепт е идеја, платформа околу која можеме да се обединиме сите заедно и да работиме за наша подобра и заедничка иднина. Да ги оставиме сите етнички, партиски и религиозни определби и да ја градиме нашата заедничка држава, во која треба да останат нашите поколенија. Сведоци сме дека изминатите години многу семејства трајно се иселија и тоа е процес кој никако не запира, што пак укажува дека нешто мора да се направи без одлагање, дури може да се констатира дека веќе доцниме со реакција.

Фактор: Се наоѓаме сред предолга политичка криза околу скандалот Рекет и закочените реформи во правосудството но и воопшто во градењето капацитети на институциите. Кои се вашите предлози за излез од овој ќорсокак?

Лазаровски: Скандалите, црните сценарија, политичките оцрнувања се наше секојдневие со децении, но сите сме сведоци дека истите не донесоа ништо добро за граѓаните. Напротив тие ја продлабочуваат кризата, го зголемуваат јазот и проблемите во општеството. Аферата Рекет, скандалот со прислушувањето и многу други појави покажаа дека промени во Република Македонија мора да има и дека политиката мора да ги тргне рацете од обвинителството и судовите. Ако правдата е зависна од политиката, неа нема да ја има. Се ќе се повторува како расипана лента, а само актерите на филмот ќе се менуваат. Време е законодавната власт да нема допир со политичките елити, инаку се е залудно. Во моментот течат преговори меѓу власт и опозиција за законот за јавно обвинителство и пак борбата е кој да ја има контролата над истото. Мој предлог е независно обвинителство, кое нема да биде поврзано со политичките партии и кое ќе може само да избира и делегира кој ќе управува со истото. Другата варијанта за која се борат сега најголемите партии, нема да ги промени состојбите и агонијата ќе продолжи. Како сакаме решение на аферите, ако тие кои треба да ги решат зависат од актерите во истите?

Фактор: Секогаш кога имаме изблици на и онака екстремната поларизација и отсуството на различна политичка понуда од неизбежната двоглава ламја СДСМ - ВМРО-ДПМНЕ се потекнува прашањето за трета опција, трета партија или алтернатива. Имате ли такви амбици и дали ве доживуваат партиите како таков вид на закана?

Лазаровски: Со важечкиот изборен закон оставањето простор за нови политички партии во Македонија е скоро невозможно. Изминатите години сите кои се обидоа да излезат со нова понуда на политичкиот пазар пропаднаа, односно не успеаа да освојат пратенички мандати, иако некои од нив освојуваа и по 30.000 гласови. Тоа ги тера да се ставаат во услуга на постоечките политички партии каде многу тешко можат да иницираат промени во општеството бидејќи зависат од големите. Од друга страна се забележува апатијата и разочараноста кај граѓаните од актуелните политики во Македонија, кои полека и сигурно ја разоруваат земјава. Во моментов во Собранието на РМ е актуелна темата за промена на изборниот модел во Македонија, и се надевам дека парламентарните партии ќе смогнат сили да се направи позитивна промена. Идејата за една изборна единица со отворени листи е добра, бидејќи ќе овозможи Парламент каде ќе има присуство на повеќе политички партии и каде ќе се овозможи и помалите партии да имаат влијание во политичкиот живот, за и тие да помогнат за развој на нашата држава. Изборот на пратеници нема да зависи само од желбата на раководствата на партиите, и во Парламентот ќе имаме преставници кои покрај партиската тежина ќе имаат и личен придонес, односно интегритет.

На прашањето дали планираме политичка партија или нова опција, и како не доживуваат големите партии, мојот одговор како подржувач на овој концепт е дека идејата на истиот не е во моментов да станеме политичка партија. Секој кој размислува како нас и е свесен дека во нашата држава е време нешто да се промени е добродојден со идеи,независно дали е член на некоја партија, невладина организација или е неопределен, независно од етничката и религиозната определба. Идејата е да ги принудиме сите да почнат да размислуваат, заеднички да го изградиме нашиот дом и да ги вратиме насмевките на лицата на нашите сограѓани. Свесни сме дека продолжувањето на досегашните политики нема да донесат решение на проблемите кои се наталожени и дека промените мора сите заедно да ги направиме. Набрзо ќе го презентираме концептот јавно и ќе побараме поддршка на истиот од сите учесници во политичкиот живот во Република Македонија. Од сите граѓани без разлика на политичката, етничката, религиозната или друга припадност.

Фактор: Планирате да вклучите личности од сите етнички заедници. Каква е визијата за подобрување на меѓуетничките односи, на градење на заедништво и вистинско залагање за подобар живот над сите партиски, етнички, бизнис па дури и криминални интереси?

Лазаровски: Сите кои живеат во Македонија без разлика на етничка или друг вид на припадност треба да ги уживаат сите права и да ја сакаат државата. Проблемите на економски план, правосудството и слично им тежат на сите без разлика, и затоа заедно треба да ги решиме. Доста е од поделби во општеството, доста е од црни сценарија, плукање, и навреди едни кон други. Лошата реторика на политичките партии влијае на расположените на граѓаните и многу млади семејства не гледаат перспектива за себе во Македонија, токму поради лошата атмосфера која се создава. Мораме да ја смениме  реториката и темата од криминал, рекети, затвори, предавници... кон проекти, идеи и нормална комуникација без навреди на лична основа. Критиката е секогаш добредојдена, ама не на овој начин. Демократско право на секого е да го искаже свој став, но тоа не е право со кое некој треба да биде на лична основа дискредитиран, да се осуди без докази од јавноста, да биде лажно обвинет, па дури и политички осуден. Како сакаме после смена на власт истиот тој да биде рамнодушен, и да не бара одмазда за својата голгота и страдања, но сето ова нема крај со години и доколку сите заедно не тргнеме во промена во најбрз можен рок, може да останеме и без нормална држава.

Фактор: Вие  целата  политичка  кариера ја поминавте  во ВМРО ДПМНЕ, бевте директор на институции, заменик министер, а сега и советник на локално ниво. Возможно е ваков вид на политичко дејствување без реакција од партискиот врв, што може тука да се промени?

Лазаровски: Јас сум член на ВМРО ДПМНЕ, актуелен советник во општина Карпош, и до денес не сум постапил никогаш спротивно на интересот на истата. Присуствувам на координациите на советничката група, учествувам со свои идеи и предлози, а ставот кој е донесен заеднички го почитувам. До денес не се случило да дискутирам или гласам спротивно од ставот на политичката партија која ја застапувам и од чија листа сум станат советник. До сега не сум имал притисок од партискиот врв, но не ни гледам причина за таква реакција. Моите предлози и лични ставови јавно ги презентирам, и сметам дека со тоа ќе придонесам да ме подржат, доколку сметаат дека се добри за иднината на Македонија. Мојата критика е насочена кон сите нас кои се занимаваме со политика, а идејата е сите заедно да направиме промена во нашето однесување. До сега не сум упатил јавна критика за ВМРО ДПМНЕ, туку критиката е упатена на начинот на кој функционира политиката во Република Македонија. За да се промени политичкиот амбиент мора сите политички партии да се вклучат. Таа промена не може да биде само кај позицијата или само кај опозицијата. До пред три години истата позиција беше од другата страна и се однесуваше како сегашната опозиција, а опозицијата беше на власт и се однесуваше како сегашнава. Во сите држави промената на власта е нормална работа, но кај нас мислам дека е прашање на живот или смрт за учесниците. Тоа мораме заедно сите да го промениме, и мора да почне од некаде.

Еве јас јавно ќе повикам, сите политички субјекти да размислат и да ја отвориме темата за нормализирање на политичката клима во нашата татковина. Ако сите ние не се освестиме и ако не почне тој процес, апатијата и разочараноста кај сите ќе расте, младите ќе бараат егзистенција надвор и Македонија нема да биде онаква каква што сите сакаме да ја гледаме.

Фактор: Велите дека сакате да воведете Македонски концепт што ќе води кон подобра политичка култура, натпревар на идеи и проекти, и подобра економија и развој во сите општествени сфери. Како да тргнеме кон тој правец ако општествената енергија е во апатија, имаме притисок од соседите по идентитетските прашања и неможност за креирање и водење политики според сопствените национални интереси?

Лазаровски: Во Македонија политичката борба се сведува на дискредитирање и оцрнување на политичкиот противник, се шири говор на омраза, лични навреди, политички закани со одмазди. За жал и дел од медиумите се поделени на наши и ваши. Дел од нив шират лажни вести и дезинфирмации, па дури и навреди на лична основа и со тоа политичката борба станува лична омраза, па јазот на поделби се продлабочува. На сето тоа мора да се стави крај. Критиката да се насочи кон подобри идеи, проекти, а народот да избира и да дава мандат на тој што има подобра програма и реализација на истата. Се надевам дека конечно ќе добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, кое е резултат на политичкото делување на сите влади во изминатиот период, а тука се отвара шансата да почнеме да менуваме нешто на подобро. Да почнеме да дебатираме за проекти, искористување на предпристапните фондови, реформите во законодавната власт. Да гледаме напред, да градиме иднина и да ја оставиме нашата држава силна и просперитетна на нашите поколенија. Ако се заробиме во минатото нема да ја подобриме иднината. Колку генерации изгубивме во проблеми и кавги, па размислете дали не е подобро да се промениме? Историјата нека ја решаваат историчарите, а ние да ја искористиме шансата и да тргнеме напред.

Фактор: Веќе ве поврзуваат со реформаторите поради јавната поддршка од Петар Богојески и ако тоа силни го демантиравте. Тоа поглавје на Реформаторите очигледно заврши, но постои ли изглед дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се реформира вистински, дека ќе прерасне во партија која ќе ја носи својата одговорност и ќе даде придонес во деескалација намеѓупартиската омраза, стоп за ширењето на бескрупулозни фејсквести и нахални и малициозни напади на политичките неистомисленици, критичари и противници?

Лазаровски: Реформаторите беа група на луѓе, членови кои бараа реформи во ВМРО ДПМНЕ, во период кога партијата и државата беа во тешка криза. Јас во тој период нити сум бил вклучен во тој процес, ниту сум присуствувал на било кој собир и настан кој бил организиран од нив. Истите беа присутни на последниот Конгрес за избор на нов претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Мој личен став е дека реформите во ВМРО ДПМНЕ кои се најавуваа не се завршени, и за доброто на сите нас е да се случат. Со Петар Богојески се познавам преку 15 години, за многу работи имаме ист став, но има и работи за кои размислуваме различно. Во една демократска партија и организација секој има право да има свој став за одредени прашања, и тоа не треба да биде осудено или санкционирано. Различните размислувања не треба да се осудуваат и оцрнуваат.

За меѓупартиската омраза, ширењето на лажни вести и напади, одговорноста не е кај ВМРО ДПМНЕ, туку сите партии во РМ се одговорни за истата. За да се заврши со таа пракса ќе треба сите политички партии заеднички да превенираат. Сведоци сме дека и кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт, тогашната опозиција се служеше со истите методи, кои сега се користат. Таа промена мора веднаш да започне од сите политички партии, но треба да биде подржана и од медиумите, кои се дирекни учесници во истата.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ЗА УБИСТВОТО ВО ЖЕЛЕЗАРА: До овој момент не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на делото

ЗА УБИСТВОТО ВО ЖЕЛЕЗАРА: До овој момент не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на делото

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите