Курц: Исламот е признат во Австрија, но не и радикализмот
Објавено во: Свет 23 Март, 2018
Австрискиот канцелар Себастијан Курц, познат по своите тврди ставови кон наездата на мигранти за време на бегалската криза, сега истакна дека нема ништо против исламот како религија која е целосно призната во Австрија, но нема никаква толеранција кон радикалното размислување и политичкиот ислам.
- Во нашата држава постои слобода на вероисповед и секој треба да ја практикува својата вера, но нема толеранција кон радикалниот и политичкиот ислам - нагласи Курц и потенцираше дека во Австрија уште од 1912 година исламот е призната вера.
Вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе даде нешто поостра изјава за исламот во Австрија. Тој оцени дека исламот не е дел од неговата земја, барем не од историски аспект.
- Не, исламот не е дел од Австрија. Во централна Европа имаме христијанско-еврејско обележје. Но, граѓаните од исламски вероисповед денес се дел од општеството - изјави Штрахе за австриските медиуми по повод 100 дена од работата на новата Влада.