19 Април, 2024
0.0297

Кубеш и Рада

Објавено во: Колумни 18 Август, 2019

Добивај вести на Viber

„Сега ќе ти раскажам за Лудвик Кубеш и Рада Оскар“- значајно,скоро помпезно, ми најавува Киро,правејќи мала пауза за да „сркне“од жолтата што ни помага „Кај Јоле“да направиме добар и конструктивен муабет.  Рада Оскар,сестра на познатиот боксер Фијат, е предвоена атратктивна убавица што им го запирала здивот на младите скопјани.Кога поминувала по корзо и низ плоштад сите погледи биле свртени кон неа.За време на окупацијата слободно влегувала во Офицерски,каде што било полно со германски офицери.Во една шега пред 40-на години Трпе Јаковлевски,висок вункционер и дипломат,рекол:„Чим Рада Оскар дојде во партизани на крајот на 44-та беше јасно дека војната набргу ќе заврши“....

    Нејзин обожавател и постојан придружник ,но и повеќе од тоа,претпоставувам,станал и архитектот-урбанист  Кубеш.Дојден е во Скопје да ја води неговата урбанизација,инаку чех по потекло,за кого Киро не знаеше ништо да каже,тука пред се мислам за неговото минато во родната земја,иако едно време лично го запознал и со него се дружел по скопските кафеани-собиралишта на боемите и значајните градски фаци.Со ноќи седеле во „Москва“ заедно со Михо Атанасовски и многумина други поети и уметници. Кубеш бил сестрано образован,бил поет,преведувач,едноставен човек кој го сакал животот.Сакал и да се напие,не избирал друштво.Едно рано утро одејќи на работа Киро го видел на басамаците на Народна банка со шише ракија и во придружба на еден амал.

Во 50-те години е уапсен и осуден за непријалска дејност  и шпионажа и  со Рада има лежано затвор.Работеле заедно на изградбата на Мавровската брана.Кубеш добил налог да помогне во урбанизацијата на Кичево.Тој се согласил,но ја побарал и Рада да дојде со него.За кратко време ја завршил задачата,а потоа поминале незаборавни денови во кичевската месност  Крушино.Многу подоцна повторно по барање на Живко Трајковски,претседател на кичевското градско собрание и некогашен секретар на комората на Македонија,Киро го довел познатиот архитект за ревизија на кичевскиот урбанистички план.Чехот  на крајот побарал да престојуваат во Крушино.Тука откако добро ќе „тргнел“ правел еликсир за отрезнување од живо јајце,коњак и некеква киселина измешани во чаша од „два деци“ што му помагало успешно да продолжи со пијачката.Кубеш бил женет,но не со Рада Оскар и живеел кај Зелен пазар,во  убава двоспратна куќа во чие приземје имало фурна.

Можевме тоа претпладне со Киро Томовски да седнеме и да разговараме за неговиот скопски младешки живот било каде,но каква случајност-јас избрав тоа да биде „Кај Јоле“-некогашниот „Клуб на уметници“.Тука ние,голобради и неискусни гимназијалци некако влеговме во 1967 година.Вeлам, некако, зошто таму беше тешко за влегување-гостите беа од разни категории и сакаа интимност  и конспирација.Е тука на истата маса на која што седевме и муабетевме, пред многу години јас го видов Кубеш заедно со Рада во  “мешано“ друштво, во добро расположение.Архитектот често стануваше –се пиеше шприцер и беше разбирливо.При едно станување тој дискретно со мала камера снимаше и јас како добар и дисциплиниран граѓанин му кажав на Јоле се што видов.„Шта те брига,гледај своја посла“ ми рече тој...можеби и имаше право!   


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок