Криминална група за неколку месеци шверцувала скоро 400 мигранти
Објавено во: Македонија 15 Октомври, 2019
Обвинителството бара притвор за девет лица за шверц на скоро 400 мигранти.
Обвинител за гонење на организиран криминал и корупција бара притвор за сите девет лица кои се уaпсени во денешната полициска акција за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење мигранти“ и за „Криумчарење на мигранти“.
Опфатени со истрагата се и други 4 лица, но еден од нив е веќе на издржување казна затвор, друго лице е под истрага и во притвор за истото кривично дело, а трето лице е во притвор во Р.Србија.
Еден осомничен не е достапен на органите на прогонот.
Групата во периодот од мај до крајот на септември од нашата јужна граница долж Повардарието до Кумановско-Липковскиот регион, а потоа кон север спровела 395 мигранти од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот исток. Меѓу мигрантите имало 18 деца.
Откако ќе ги прифателе, членовите на групата ги сместувале мигрантите во автомобили или во багажници и со брзина од над 200 км/час ги превезувале до договореното место, притоа загрозувајќи го сопствениот живот, животот на мигрантите и на другите учесници во сообраќајот.
За пренесување, прифаќање, засолнување и превоз на мигрантите им земале од 180 до 250 евра, а членовите на оваа група за 5 месеци се стекнале со значителна противправна имотна корист од околу 150.000 до 200.000 евра.
Соработници во организираната криминална група биле и Б.Г., кандидат за полициски службеник и Ф.А., полициски службеник, кои ја информираче групата каде има полициски патроли, контроли или заседи.