28 Март, 2024
0.0271

Крим и Косово – пазар меѓу САД и Русија

Објавено во: Колумни 15 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Утре се навршуваат пет години од Кримскиот референдум на кој граѓаните се изјаснија за присоединување кон Руската Федерација. На 17 март беше прогласена Република Крим. На 18 март во Москва се’ стана стварност со потпишувањето на документите за присоединување. Никој немаше намера да ја прашува Украина за сецесијата на Крим. Киев кон крајот на февруари беше соочен со бран насилство, кој се ширеше низ државата, а кој наскоро можеше да го заплисне и Крим.

Но на улиците на Крим излегоа луѓе со руски знамиња. Се презема власта во администрацијата, се воведува „улична демократија“. На 16 март се организира референдум и мнозинството гласа за присоединување кон Русија. Важна улога во тоа време одиграа „зелените човечиња“, кои практично ги блокираа сите можности за некаква реакција на украинските воени сили или на противниците на присоединувањето со Русија.

Многумина и ден денес не можат да сфатат како можеше сето тоа да се заврши без испукан куршум. Има многу одговори околу ова прашање. Лично сметам дека Украина , како и Југославија во деведесеттите години не беше подготвена да ја задржи својата целосност. Во Југославија распадот беше созреан во нечии глави и најмногу дојде од внатре, но брзо го поддржаа и од надвор. Пред се Сојузна Република Германија со признавањето на независноста на некои федерални единки. Се разбира од нејзин политички интерес. Распадот на Југославија беше крвав, а цената не ја плати Германија, на пример, туку населението.

Така и Украина. Незадоволството на народот од корупцијата и сиромаштијата доведе до протести, но тоа доведе и до растот на национализмот во време на „Револуцијата на Мајдан“, па државниот удар, бегањето на претседателот Виктор Јанукович...Сето тоа поддржано од САД си имаше своја цена. Само што се смени власта веднаш се донесе одлука за укинување на рускиот, како државен јазик, која подоцна се промени, но работата веќе беше завршена. Донбас се отцепи, досега загинаа десетина илјади луѓе. Се сеќавате како кај нас ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, се однесуваше кон Албанците, за по многу години тој да се кае за својот однос. Во државата Украина има Руси и рускојазично население во милиони! Дали Русија можеше сето тоа да го гледа спокојно. Сигурно е дека во Москва за Крим разговарале уште пред ескалацијата на настаните во Киев. И резултат на тоа се „зелените човечиња“. А во меѓувреме внатре во Украина олигарсите се бореа за власт и превласт. Крим и источниот дел од државата како да беа на нејзината периферија. Затоа токму украинската власт е пред се  виновна што Крим се присоедини кон Русија.

Во Киев деновиве има судски процеси против воени лица кои наводно години пред „Мајдан“ намерно ја намалувале воената моќ и способност на украинската армија! Дури има обвинувања дека армијата е виновна за се’ што се случило. Корумпираната власт сака својата вина да ја префрли врз војниците за кои знаеме дека работат по нечија команда.  Деновиве Михаил Саакашвили, поранешен претседател на Грузија, а потоа и прв човек на Одеската област во Украина, фрли нова светлина врз работите околу Крим. Според неговите зборови „Порошенко во почетокот на 2014 година  не верувал  дека после Крим ќе почне вооружениот конфликт во Донбас, мислејќи дека  Киев има „силни позиции“ на југоистокот на Украина“.  Но Саакашвили не застанува на оваа изјава. Во интервју за украински медиум тој вели дека, Порошенко му зборувал во 2014 година, дека  Киев мора да се помири со соединувањето на Крим со Русија. „Тој (Порошенко) ми рече: „Знаеш Миша, ти практично се навикна со идејата дека Јужна Осетија и Абхазија никогаш нема да се вратат во Грузија и токму така и ние треба да се навинеме дека Украина веќе ќе го нема Крим, но затоа ние тоа ќе го смениме со членство во ЕУ и НАТО“, изјави Саакашвили во интервјуто.

Саакашвили на покана од Порошенко стана дел од Украинската политика во 2015 година Тој беше советник на Порошенко и претседател на државната администрација во Одеската област. Но во летото 2017 година се скараа со Порошенко и овој на Саакашвили му го одзеде украинското државјанство. Во февруари истата година Саакашвили регистрираше политичка партија „Движење на нови сили“ и почна активна политичка  опозициона работа, критикувајќи го Порошенко и обвинувајќи го за корупција.

Петгодишнината на присоединувањето на Крим кон Русија е повод за мноштво анализи и коментари. Но се’ се сведува на едно. Русија ја зацврсти својата контрола врз Крим, а обидите на Украина и на Западот да ја оспорат таа контрола само ја усложнуваат работата.  Западот воведува санкции против Русија, против Крим, против поединци од Русија и од Крим, но возот си врви. Дебатите за тоа дали и колку соединувањето било во согласност со меѓународното право се само за на хартија или во стручни кругови. Се гледа дека меѓународното право важи само за мали земји, како Македонија на пример. Големите едноставно го игнорираат. За на крај работите да се прифатат како реална состојба, иако со години ќе бидат предмет на спорови. Или се додека не се поклопат интересите на големите политички играчи.

Москва секако дека плати голема цена за Крим и за „отцепувањето“ на Донбас. Во Украина расте бројот на приврзаници за присоединување кон ЕУ и НАТО, но колку и да е парадоксално, една најнова анкета покажа дека за една година е пораснат бројот на испитаниците кои имаат позитивно мислење за Русија. Од 48 во 2018 на 57 проценти годинава. Се разбира ова не важи и за руската власт. 

Деновиве во Русија актуелен е Крим во светлината на петгодишнината од присоединувањето кон Русија. Од она што се зборува и пишува произлегува дека сепак не било се’ препуштено на случајноста. Алексеј Чалиј кој е еден од потписниците на договорот за присоединување на Русија во едно интервју вели дека воделе сметка за правните норми при спроведувањето на референдумот за влегување во состав на Русија. На пример на Повелбата на ОН во делот на правото на нацијата за самоопределување. Исто така и на преседанот на Косово со забелешка дека „нашиот случај е почист, бидејќи во Косово, за разлика од Крим, не се спроведе референдум“.

Токму примерот со Косово е еден од адутите на Русија во дискусиите околу Крим. Не еднаш претседателот Владимир Путин и претставници на руското министерство за надворешни работи го споменувале тоа кога станува збор за присоединувањето на Крим кон Русија. А најверојатно тоа може да биде адут и во некое идно решение на српско-косовскиот спор. Во смисла тоа решение да биде искористено и за Крим. Кога се слушаат изјавите од Белград и Приштина се добива впечаток дека и за едните и за другите се најважни Американците. Што им имаат ветено тие на Косоварите и Србите? САД веројатно имаат план за промена на границите. Европа, а пред се Германија се огорчени противници на ова решение. Но Германија не е членка на Советот за безбедност на ОН. Таму се САД и Русија. Владимир Путин, иако Русија не го признава Косово лани се сретна со претседателот на Косово Хашим Тачи. Веројатно министерот за надворешни работи Беџет Пацоли се’ уште има некои пријатели во Москва од времето кога соработуваше со луѓето на Борис Елцин. Александар Вучиќ е најчест државник кој се среќава со Путин, освен Александар Лукашенко. И рускиот претседател ги знае сите претпоставени решенија кои евентуално ги нудат САД. И нормално градат заедничка стратегија.

 Неодамна во САД Комитетот за надворешни работи во Конгресот го усогласи документот за непризнавање на присоединувањето на Крим и го испрати кај сенаторите. Овој документ е предвидено да прерасне во закон со кој ќе се забрани рускиот суверенитет над Крим, неговата територија, и територијалните води. При тоа во една точка е предвидено дека претседателот на САД има право да ја надмине оваа забрана, доколку смета дека тоа е од животна важност и е од интерес за националната безбедност. Некои сметаат дека токму оваа точка е намерно ставена за да му се овозможи на претседателот простор за маневрирање во евентуални преговори. Односно дека САД си прават можност за маневра во смисла, Крим не го признаваме, но ако треба ќе се усогласиме со рускиот статус...што пак е тревожен сигнал за Украина, која е уверена дека Американците имаат непоколеблива позиција во однос на полуостровот. Други пак сметаат дека со оваа точка се врзуваат рацете не претседателот.

Дали САД може да имаат национален интерес кој е од животна важност за решавање на српско-косовското прашање, кое не може да се реши без членот на Советот за безнедност – Русија. Дали Трамп и Путин веќе не прозбориле на нивните средби и за овој проблем во светлината на присоединувањето на Крим со Русија? Признавање на реалност, а Донбас да се врати во матичната држава со определени автономни атрибути. Дали тоа не значи дека со решавање на косовското прашање САД ќе постигнат уште една цел од својот проект на Балканот. По Црна Гора и Македонија и Косово да стане членка на НАТО, а за Србија ќе се почека. Или пак поважен национален интерес за Американците би бил долгогодишна конфронтација со Русија, но со отворена рана на Балканот.

Се разбира сето ова е само во сферата на претпоставки. Но, никогаш не се знае кога ќе се совпаднат националните интереси на двете големи политички и воени сили. Последен пат тоа беше за време на Втората светска војна. А и сега светот е разулавен и многумина велат дека е на работ на нова светска војна. Па затоа подобро е да се постигне договор, отколку да има потенцијални воени жаришта. Особено на Балканот. Ќе има ли незадоволни. Секако, иако не би требало со оглед на повисоката цел. Тоа е судбината на малите играчи. Како и ние што бевме во спорот со Грција.


Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?