28 Март, 2024
0.0286

Краток е патот од кримска до светска војна

Објавено во: Колумни 28 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Еден ден по одбележувањето на 80 годишнината од воениот судир меѓу Германија и Советскиот Сојуз, со пригодни статии и изјави во германскиот печат на рускиот и на германскиот претседател, Владмир Путин и Франк Валтер Штајнмаер, Велика Британија и Русија ги загреаја водите на Црното море. Британскиот разурнувач HMS Defender предизвика инцидент во кој Русите одговорија со предупредувачки истрели.

Црно море денес е претворено во езеро. Насекаде воени бродови. Воени вежби што траат со месеци. А допрва ќе почнат воените вежби на НАТО „Сибриз“ со неколку илјади војници, десетици воени авиони и десетици воени бродови. Русите не остануваат настрана и постојано набљудуваат што се случува во водите на морето.

Сето ова наведува да се наврати човек на она што се случуваше во предвечерието на германската воена операција „Барбароса“, нападот на СССР на 22 јуни 1941 година. Пред точно 80 години  започна силниот напад на хитлеровските единици со преминување на советските граници  на целата територија. Многу историчари имаат пишувано за таа инвазија на Германците. Еден руски историчар, Борис Соколов, деновиве за порталот Инсајдер преку разни извори, ја возобнови нервозната атмосфера во деновите пред војната. Не е многу поразлична од она што денес се случува во Европа, а може да се каже и пошироко.  Соколов пишува дека и покрај пактот за ненапаѓање, било прашање на ден кој, кога ќе нападне. И што е важно и двете страни биле убедени дека ќе бидат нападнати, па се подготвувале да нападнат први. Проценката на Сталин била погрешна. Тој се подготвувал да ги нападне Германците летото или есента 1941 година, со очекување дека дотогаш ќе има војна меѓу Британија и Германија, која би го ослабела Хитлер во секој поглед. А Хитлер сметал дека најдобро е да ги нападне Советите што побрзо за да не заглави во зимата.

ПРОПАГАНДА И ДЕЗИНФОРМАЦИИ

Како што пишува Соколов,конечното решение за оживотворување на планот „Барбароса“ Хитлер го донел по посетата на Вјечеслав Молотов во ноември 1940 година на Берлин. Двете страни тогаш не можеле да се договорат за натамошната поделба на сфери на влијание. Хитлер сметал дека давањето на Финска, Бугарија и посебно Романија со нејзината нафтена индустрија, исто како и контролата низ Црноморските  теснеци ќе биде премногу дарежливо. Молотовите експанзионистички барања го убедиле Хитлер во неизбежноста на војна со Русија. Истиот заклучок после преговорите во Берлин го донеле  Молотов и Сталин. Разликата била во роковите. Хитлер препоставувал дека Сталин може да  нападне на Германија уште во 1941 година, па не сакал да чека Русите да бидат подготвени за напад. Сите наредни месеци двете „сојузнички“ држави се подготвувале за војна, а во  јуни започнало натрупувањето на војски на границите од двете страни. Во игра биле пропагандни потези, па дезинформации, олабавување на Русите, за конечно да доживеат катастрофа во првите месеци од војната. На крајот, тие беа победници, Хитлер се самоуби,но загинаа 40 милиони граѓани на Советскиот Сојуз.

Затоа сега она што се случува со воени маневри од Северно до Црно море на НАТО и руски околу раниците на Украина зборува за слична слика. НАТО има најголеми вежби досега во кои учествуваат десетици илјади припадници од Алијансата. Русите од другата страна не се помалубројни. Можеби бројките на воени сили не се такви како во јуни 1941 година, но бројките за да се почне војна и не се важни.

Инцидентот во Црно море од минатата среда на почетокот се чинеше како вообичаена работа. Имало поморски инциденти и во минатото и меѓу САД и СССР во Црно море, па и лани во октомври со британскиот разурнувач Dragon. Што говори дека Британците се намерачиле на инциденти. Порано се’ завршувало со протерување, најмногу со оттурнување од територијалните води.  

Овој пат Русите пукаа. Прво повикуваа на напуштање на нивните води од страна на британскиот разурнувач, а потоа следеа истрели во воздух. По што британскиот воен брод ги напушти територијалните води на Русија. Сето ова ќе поминеше како мал инцидент, ако не се јавеа контрадикциите на британските официјални лица.  Едни велеа едно, други велеа друго. На руското тврдење дека е пукано британскиот одговор беше дека тоа не е точно. За потоа да се додаде дека се слушало пукање, ама тоа било во далечина и било дел од некакви вежби за стрелање на руските сили. Па Русите распространија видео од следењето на бродот со два помали брода и авиони. Британците велат дека во операцијата биле вклучени 20-тина руски авиони. Но ова дојде од изјавите на новинарите кои „случајно“ беа на бродот. Новинари на Дејли мејл и на БиБиСи кои направија репортажи од целиот настан.

СПРОТИВСТАВЕНИ РЕАКЦИИ

Што рекоа британските официјални лица.? Николас Картер началник на Генералштабот на британската армија изјави за „Телеграф“ дека погрешни пресметки можат да доведат до неразумна ескалација. А  играта „мачка и глушец“ со Русија може да доведе до вистинска војна. Министерството за одбрана на Британија се јави со политичка изјава. Од соопштението произлегува дека бродот на кралската флота „одел низ територијалните води на Украина, користејќи се со правото на мирно поминување според меѓународното право“.  Британскиот премиер, Борис Џонсон, лично ја одобрил маршрутата на воениот брод. Тој во своја изјава вели дека „Станува збор за работа на министерството за одбрана, но ако сакате да го знаете моето мислење, јас сметам дека беше крајно умесно да се искористат меѓународните води....Беше навистина правилно тоа што ние сме должни да ја продемонстрираме законитоста на слобода на пловење на таков начин, како што направивме, избирајќи го најкусиот пат меѓу две точки“.

Реакцијата на Москва не изостана. Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ, изјави дека станува збор за „намерна и подготвена провокација“. Сергеј Рјабков, заменикот министер за надворешни работи, како и други политичари изјавуваа дека при повторување на таква ситуација може да се отвори оган за уништување, а не за предупредување. Официјалниот претставник на руското МНР, Марија Захарова, вели дека официјалните лица во Британија го негираат фактот на предупредувачко пукање од страна Русите кон британскиот брод за да не и се соопшти на својата јавност на каков ризик се ставени луѓето и техниката, и зошто сето тоа било потребно. Одговорот, според неа, е дека станува збор за класична провокција. Притоа, имајќи ја предвид изјавата на началникот на Генералштабот на Британија кој рече дека инцидентот во Црно море можел да предизвика „неразумна ескалација“

Провокација или не инцидентот на површина исфрли многу работи. Прво дека Британија станува главен спонзор на Украина на воен план. Независно што и САД даваат оружје. Само два дена пред инцидентот на разурнувачот HMS Defender  украински и британски министри потпишаа меморандум за проекти за морско партнерство. Британците ја потхрануваат Украина со ваквите потези. Министерот за надворешни работи на Украина Димитриј Кулеба за инцидентот изјави дека „станува збор за уште еден доказ на украинската позиција: агресивната и провокационата политика на Русија во Црно и во Азовско море, окупацијата и милитаризацијата на Крим се постојана закана за Украина и сојузниците“.

ОПАСЕН СИМБОЛИЧЕН ГЕСТ

Западни експерти тврдат дека Британија сакала да покаже дека со анексијата на Крим од страна на Русија никој не се помирил. И затоа Лондон сакал да покаже дека водите околу Крим се украински. Потоа дека Русија гледа дека НАТО станува поактивен во Црното Море и тоа во голема мера ја нервира. Но и дека реакцијата на Москва покажува дека таа и не е така силна. И дека не е подготвена да пука во целта. А и дека НАТО нема да ја остави Британија на цедило. Некои од експертите не го исклучуваат ризикот од реален судир. И додаваат дека доколку Русија нападне британски брод во Црно Море во исти услови како при инцидентот, тогаш НАТО нема да отвори војна со Русија. Други пак се надеваат дека Берлин, Париз и Брисел ќе покажат иста решителност како капетанот и екипажот на британскиот разурнувач.

Патрик Кокбрн од „Индепендент“ во текст насловен: „Топовничката дипломатија нема да помогне да се обнови гаснечката сила на Британија, без оглед што мисли Борис Џонсон“, тврди дека испраќањето разурнувач во спорни води е многу опасен симболичен гест. „Тешко дека некој треба да биде изненаден од тоа што Русите виделе намерна провокација во појавата на разурнувачот HMS Defender крај брегот на Крим, затоа што најпрво поминал 6.000 милји од брегот на Велика Британија, а потоа направил премин од Одеса до Грузија“, пишува Кокбрн. И додава дека фактот дека на бродот разурнувач имало новинари сведочи дека британската влада навистина сакала да му ја покаже на светот новата „напредна“ воена позиција на Велика Британија.

Кокбрн разбира дека британската влада објасни дека испраќањето на воен брод во водите веднаш крај брегот на Крим е чин на солидарност со Украина и демонстрација дека меѓународната заедница не ја признава руската анексија на Крим. „Овие се целосно оправдани мотиви, но Русија нема да се откаже од Крим - освен ако, се разбира, не загуби во војна против САД и НАТО“, вели новинарот. За  него ова не значи дека треба да се признае анексијата на Крим, но одлуката за употреба на воен брод за давање дипломатска изјава носи непотребни ризици.

„Наместо да демонстрира преродба на британската моќ, бесмислениот судир крај брегот на Крим ја обелодени опасната несериозност во срцето на британската политика. Ова не е само блеф. Дека станува збор за блеф, стана јасно уште од самиот почеток. Затоа, наместо да го заплаши противникот, гестот предизвика енергична реакција, повикана да го разоткрие овој блеф“, потенцира Кокбрн. И тврди дека сега Русите можат да се заканат дека ќе го бомбардираат следниот британски брод што ќе се осмели да го следи патот на разурнувачот HMS Defender, знаејќи сигурно дека тоа нема да се случи.

РАЗВОЈ ВО СТИЛ НА ЏОН ЛЕ КАРЕ

И сега наместо се да заврши без нови предизвици во Црно море, работите се развиваат како во романите на Џон Ле Каре. Од Лондон дојде вест дека некој граѓанин, од градот Кент, шетајќи кон автобуска постојка, на дождот, нашол наводенет документ од педесетина страници.  Замислете, таен, доверлив документ од Министерството за одбрана. А внатре чудо!. Опишана целата операција за провоцирање на Русите во Црно море! И тоа уште пред да се одвие. Граѓанинот ги дал документите на БиБиСи. Дилеми по кој пат да се оди од Одеса, покрај Крим, кон Батуми во Грузија, па дека е одбрана поризичната маршрута. Која може да предизвика реакција на Русите, но и да се покаже дека Британцоте не се плашат од нив и не бегаат. Па да и' се покаже на Украина дека Британија е близок сојузник. Имало содржини и за Авганистан. Владата најави дека е почната истрага. А некој од соработниците во МО рекол дека ги изгубил документите.

Ако се следи Ле Каре сега треба да се појави некој од Русија. На пример од ГРУ (Воено надворешно разузнавање).  Бидејќи за Британците тие луѓе се најопасни.  Па документите дека биле фрлени од него. Или пак дека го зашеметил чиновникот од британското МО, можеби со „новичок“ и му ги украл документите. Сега ќе се прегледуваат милиони фајлови од камерите за набљудување. Да се најде осомничениот.

Шегите настрана, ама праќање новинари на брод кој знае дека треба да направи провокација, а за која тој смета дека е во согласност со меѓународото право е сериозна работа. Згора на тоа губење и наоѓање тајни документи, сепак зборува за добро осмислена специјална операција. Тоа ќе биде знак за Русите во иднина поосмислено да приоѓаат кон такви провокации. Но и наук за други држави. Разурнувачот HMS Defender е дел од британската група бродови предводени од носачот на авиони Queen Elizabeth. Таа група во моментов е насочена кон Индо-тихоокеанскиот регион. Ќе биде интересно како ќе се однесува тој разурнувач во Јужно кинеското и Источно кинеското море. И таму има многу спорни локации. Можеби Кинезите ќе извлечат некоја поука од Русите во инцидентот во Црно Море.

 Инаку Кримската војна ја добија Британците, Французите, Прусите, Австроунгарија и др...Но Крим останал под делумна контрола на Руската империја. Веројатно Британците немаат намера да праќаат друг брод во Црно море да прави провокации, зашто знаат дека за Русија Крим е руски. Новата провокација може да значи и нешто повеќе од војна за Крим. Светот одамна не бил во пламен.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?