20 Април, 2024
0.0310

КРАЈОТ НА ПАНДЕМИЈАТА ЌЕ БИДЕ МНОГУ СКОРО, НО ВАКЦИНИ СО ПОМИНАТ РОК ДЕФИНИТИВНО Е НЕДОЗВОЛИВО: Инфектологот Андреј Трампуж во ексклузивно интервју за Фактор

Објавено во: Македонија, Интервјуа 07 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Потекнува од Цеље, Словенија, а сега го нарекуваат „жител на светот“, пред се заради професионалниот ангажман во најпознатите светски клиники. Во последните две години, од почетокот на пандемијата на Ковид-19, изнесувајќи ги неговите ставови базирани на голем број истражувања, проф. д-р Андреј Трампуж специјалист по инфектологија и интерна медицина, кој раководи со Одделот за хируршка ингектологија во една од најпознатите европски клиники, Charite во Берлин, го запознава целата светска и европска јавност. За неговите изјави се борат и голем број медиумски куќи на просторот на поранешна Југославија, а во ова ексклузивно интервју за Фактор, проф. д-р Трампуж, открива дека крајот на пандемијата не очекува многу скоро, уште пред почетокот на летните месеци, а секако голем услов за тоа, како што вели, е 80 проценти вакцинирано население против Ковид-19.  Следната вакцина, потенцира проф. Трампуж, против корона вирусот ќе биде поливалентна, а тоа значи дека ќе биде активна против различните варијанти на вирусот, дури и против оние кои се уште се непознати за науката, не само против актуелната варијанта омикрон. Но, она што посебно нагласува е дека дефинитивно е недозволиво да се вакцинира населението со вакцини чиј рок на траење е изминат, иако тие се активни дури и три месеци по обележаниот рок на траење.

Како специјалист инфектолог, но пред се како научник-истражувач, по две години од пандемијата на Ковид-19 (Сарс-Ков2) дали има доволно сознанија за овој вирус особено поради фактот што на почетокот целата научна заедница предупреди дека светот се бори со сосема непознат „непријател“?

Проф. д-р Трампуж: -Да, како лекар и како научник кој покрај работата со пациентите и со студентите, се занимава и со истражувачка дејност, можам да кажам дека сега после две години постојат низа сознанија за корона вирусот. Во последните две години научивме многу за новиот корона вирус. Како прво, знаеме дека се шири преку аеросоли, а не како што на почетокот мислевме примарно дека инфекцијата настанува преку капки. Аеросолите всушност значат дека капките се многу мали и дека се шират на растојание од повеќе метри, не на 1,5 метри, туку во затворени простории ширењето на инфекцијата може да биде и на 10 метри. Заради тоа, а тоа многу брзо го увидовме, мора да се користат заштитни маски кои овозможуваат да се спречи инфекцијата преку аеросолите и најдобри се маските кои штитат и против туберкулоза FFP2. Овие видови маски во САД се познати под името KN95, што значи дека филтрираат 95 проценти од сите капки. За жал почетокот на пандемијата немаше доволно од овие видови маски и тоа беше главниот проблем, односно главната причина што вирусот многу брзо се ширеше. Она што беше задоцнето во оваа пандемија беше тоа што требаше барем на луѓето да им кажеме да носат хируршки обични маски или дома секој да си направи. Носењето маски е мерка која во случај да дојде до уште една пандемија многу брзо ќе биде применета. Како што е случај со Азија. Ако гледате, луѓето кои доаѓаат од Кина, и воопшто од други азиски држави, тие секогаш носат маски, посебно кога патуваат со авион или додека чекаат на аеродромите. Нешто што исто така научивме додека се уште немавме вакцини, е дека третманот, односно лекувањето на болните од ковид беше главно со кислород и кортикостероиди, лекови кои го намалуваат воспалението, во овој случај воспалението на белите дробови и тоа беше единствената можност за лекување на пациентите со тешка клиничка слика на одделенијата за интензивна нега. И покрај сите напори, секој втор пациент хоспитализиран на одделение за интензивна нега почина од компликации на ковид, бидејќи вирусот предизвикува тешко воспаление на белите дробови за што немавме никакви специфични лекови. Сега имаме специфични антивирусни лекови, а имаме и специфични монолконални антитела, но дури и со овие најсовремени лекови не можеме многу да ја подобриме состојбата на болеста. На пример и во Германија, каде има една од најдобите интензивни терапии, умираат дури околу 30 проценти од оние кои ќе бидат хоспитализирани на одделенијата за интензивна нега. Значи најдобро е инфекцијата да се спречи, а најдобро е тоа да се стори со вакцина, бидејќи за лекување немаме многу можности. Она што сега е можеби подобро во споредба со почетокот на пандемијата е тоа што имаме подобри тестови, особено ПЦР-тестовите кои овозможуваат да се открие и која варијанта сега „кружи“ и подобро можеме да согледаме дали се појавуваат нови варијанти и подвидови. Целата состојба можеме многу подобро да ја следиме. Најверојатно во следните години сето ова ќе можеме многу побрзо да го правиме во случај да се појави некој нов вирус. Во случајот со овој вирус доцневме и допуштивме вирусот да се рашири по цел свет, да ја имавме технологијата со која сега располагаме, можеби ќе можевме да го спречиме ширењето на вирусот пред да дојде до пандемија.

Има евидентно зголемување на реинфекциите, кај некои луѓе не по втор, туку по трет пат и покрај вакцинацијата, зошто? Дали станува збор за ослабен имунитет кај одредени луѓе?

Проф. д-р Трампуж: Во однос на ова можам да кажам дека омикрон варијантата иако се шири многу побрзо и за среќа предизвикува полесна клиничка слика, сепак имунитетот стекнат по заразување со овој сој трае многу пократко. Затоа, многу луѓе можат и два пати и три пати да се заразат со омикрон, а не се заштитени ниту против другите варијанти. Затоа велам, дека и оние кои се заразиле, кои сега ја имаат инфекцијата со омикрон, мора да се вакцинираат за да постигнат висок имунитет и нашата цел и понатаму е 80 проценти од популацијата да биде вакцинирана за да ја сопреме пандемијата. Се надевам, оваа цел дека ќе ја постигнеме во текот на летните месеци и дека тогаш ќе ги отстраниме сите мерки кои сега се уште важат, вклучувајќи го и тоа да не треба да носиме маски, а истовремено се да функционира и училиштата, културните институции, јавниот живот. Тоа ќе биде секако добро за опоравување на економијата. Но целта секако е прво да се постигне тој висок процент на вакцинирано население. Така што можам да речам дека оние кои не се вакцинирани сега одлучуваат кога ќе можеме да ги отвораме државите. Од нив зависи.

Може ли да се случи повторно болниците да се полнат со пациенти бидејќи многу лекари предупредуваат дека дури и омикрон може да предизвика компликации, без разлика што се работи за сој кој дава полесна клиничка слика?

Проф. д-р Трампуж: Да, омикрон може да направи компликации, оваа варијанта и понатаму е опасна, иако е помалку опасна од делта варијантата, како и од другите претходни соеви на корона вирусот како што беа вуханскиот сој, а потоа и алфа варијантата. Кај невакцинираните лица, секако и омикрон може да предизвика тешка клиничка слика. Ова посебно се однесува на повозрасните лица и на луѓето со хронични заболувања. Значи дека навистина мораме да направиме се за да го спречиме ширењето на инфекциите и со омикронската варијанта. Доколку се вакцинирани, а потоа и се заразат, тоа практично значи бустер, имунитетот е подолготраен. Во оваа смисла, сакам да истакнам дека е најдобро прво да сме вакцинирани, а потоа и да се заразиме, се стекнува одличен „супер имунитет“. Би биле подготвени и за есента која е пред нас, период кога постои ризик да се појави некој нов бран ако не успееме да постигнеме колективен имунитет. Уште една причина зошто мораме да ги спречиме понатамошните инфекции и со омикрон е тоа што и овој сој може да доведе до т.н. продолжен ковид кога симтомите траат неколку месеци, а се јавува кај 5 до 10 проценти од популацијата, па дури и кај децата. Long covid или продолжен ковид се манифестира со главоболки, болки во телото, депресија...Многу од луѓето со продолжен ковид не можат да работат. Потребна е долга рехабилитација...

Австрија е првата европска земја каде властите дадоа зелено светло за задолжителна вакцинација. Дали се размислува за ваков потег и во Германија и каков е вашиот став за задолжителната вакцинација против Ковид-19 воопшто?

Проф. д-р Трампуж: Во Германија пости задолжителна вакцинација која се однесува на здравствените работници, бидејќи ние сме многу опансни за пациентите, можеме многу лесно да ја пренесуваме инфекцијата. Ова и се проверува, оние медицински работници кои не се вакцинирани, а работат во некои од клиниките, болниците, домовите за стари лица, едноставно ја губат работата. Не може да работат во овие установи со пациенти, а да не се вакцинирани. Инаку, обврската за вакцинација против ковид постои веќе подолго време, односно од моментот кога ги имаме вакцините и тоа во обврска за сите во целиот свет. Сметам дека по примерот на Австрија која ја воведе задолжителната вакцинација, дека тоа ќе се случи и во другите држави. Во спротивно не би ја постигнале целта, која како што реков претходно, е 80 проценти вакцинирано население до крајот на летните месеци, а уште подобро би било доколку имаме 90 отсто вакцинирани луѓе. Само така би се спречил евентуален нареден бран на корона вирусот.

Македонија е една од земјите на Балканот каде опфатот со вакцинација против Ковид е недоволен, со нешто над 50 отсто вакцинирано возрасно население. Процентот на вакцинирани деца е минимален. Луѓето одбиваат од различни причини, но сега не сакаат да се вакцинираат бидејќи рокот на вакцината е истечен. Од нашите здравствени установи велат дека вакцините се безбедни и 3 месеци по истекот на рокот. Каков е вашиот став за ова, дали и во некоја друга држава населението се вакцинира со вакцини со поминат рок?

Проф. д-р Трампуж: Нискиот опфат на вакцинација во Македонија е вистински проблем. Ако секој втор не е вакциниран, состојбата ќе биде многу потешка, особено што не може да се вакцинираат децата помлади од 5 години. А токму оваа популација сега се инфицира, пред се затоа што не носат маски, се дружат и секако тоа е нормално, но вирусот потоа го пренесуваат на своите родители. Затоа велам, мора родителите да бидат вакцинирани и тој процент да биде исклучително висок. Што се однесува, пак до употребата на вакцини со изминат рок, дефинитивно тоа е недозволиво. Тоа е невозможно. Иако, вакцините и три месеци по истекот на рокот, се уште се активни, не смее да се употребуваат, не смее да се дава ништо чиј рок е изминат. И ова не би требало да биде проблем, бидејќи имаме доволно вакцини. Се произведуваат колку што треба, за целата популација во светот. Што значи дека треба да се набават нови количества, а тие чиј рок на траење е поминат, за жал, треба да се уништат.

Фармацевтските компании напорно работат на вакцини кои ќе бидат ефикасни и за варијантата омикрон. Дали и надградените вакцини треба да се даваат и на луѓе кои веќе примиле три дози од вакцината, односно две, а потоа бустер доза?

Проф. д-р Трампуж: Следната вакцина против корона вирусот ќе биде поливалентна, а тоа значи дека ќе биде активна против различни варијанти, не само против омикрон. Ако фармацевтските компании развиваат вакцини, на пример само против омикрон, следниот период есенски и зимски може повторно да биде делта варијантата доминантна, и тогаш вакцините повторно не би имале ефект. Нашата нова mRNA технологија ни овозможува да развиеме нова вакцина само за месец и пол, а потоа и клиничките испитувања може да се спроведат многу брзо. Значи новите вакцини против Ковид-19 ќе бидат активни против различни соеви, најверојатно дури и против варијантите кои ги немаме или се уште не ги знаеме. На ова работат повеќе фармацевтски компании, со цел подготвени да ја пречекаме есента.

Во јавноста има многу малку информации за антивирусни лекови. Главната битка се води меѓу Молнупиравир на Мерк и Паксловид на Фајзер. Дали има сознанија за тоа колку се ефективни во лекувањето и дали се широко користени во некои земји. Според моите информации, Германија неодамна нарача милион дози таблети против корона Paxlovid.

Проф. д-р Трампуж: Засега да, на пазарот се овие два антивирусни лека, но најверојатно ќе има и други. Но, морам да истакнам дека овие лекови се добри само за мал број луѓе, а тоа се оние кои се на самиот почеток на инфекцијата, а кои имаат ризик да добијат тежок тек на болеста. Ние ги употребуваме секојдневно, но тие не може да имаат големо влијание на спречување на ширење на вирусот. Освен тоа, самите антивирусни лекови имаат многу нус појави што не е возможно да се даваат на голем број луѓе. Она што може да се дава масовно на популацијата е вакцината со која ќе се стави крај на пандемијата. Сепак добро е што ние лекарите имаме сега имаме повеќе препарати кои можеме да ги употребуваме во лекувањето, освен кислородот и кортикостероидите. Значи ги имаме овие антивирусни лекови, како и моноклоналните антитела или синтетички антитела, но сето ова само малку ја подобрува состојбата, но не ја решава целосно.  

Посебно загрижува фактот што стапката на смртност од компликации од Ковид во Македонија е на многу високо ниво. Нашата држава е во врвот на листата на земји со најголем број смртни случаи на 100.000 жители. Дали постои универзален протокол и како се третираат пациентите со коронавирус во Германија?

Проф. д-р Трампуж: Освен во Македонија, стапката на смртност поради компликации од ковид е висока и во другите земји на Балканот, во Србија, Словенија, Хрватска...Ваквата состојба укажува дека здравствениот систем во овие држави е помалку развиен во споредба, на пример со Германија, Франција или Италија. Заради тоа треба се спречуваат инфекциите што придонесува клиниките во Македнија, но и во другите земји да не бидат преоптоварени. Инаку, да постојат протоколи за лекување ковид, точно определени протоколи. Најбитно е пациентите кои имаат тежок облик на болеста, да дојдат во клиниките каде што постојат сите можности за лекување,кои се исклучително скапи, а освен тоа потребен е специјалистички кадар. На пример и во Германија нема многу клиники кои располагаат со една од најсовремените методи која се вика ЕCМО, тоа се нарекува всушност „вештачки бели дробови“. Станува збор за високо-технолошко захтевно лекување кое не може секоја клиника да си го дозволи. Потребен е навистина добро обучен специјалистчки кадар, а тоа е и основното по што се разликуваат државите кои може поуспешно да се изборат за човечките животи и оние кои се помалку успешни заради тоа што немаат толкави можности.

СЗО предупредува дека Омикрон нема да биде последната варијанта, особено што Европа веќе е доминирана од нејзиниот подвид. Дали според науката е оправдан стравот од BA.2?

Проф. д-р Трампуж: Омикрон секако не е последна варијанта на корона вирусот. Дури и сега веќе гледаме нови 17, од кои ниту една не изгледа опасно, но не можеме секако со сигурност да исклучиме дека уште нешто нема да се појави. Подвидот на омикорн, БА.2 се шири побрзо, но за среќа не е поопасен, а со поголем број на вакцинирани луѓе и со зајакнување на имунитетот, толку е помала веројатноста да се појавуваат некои нови варијанти. Лично сметам дека наскоро нема да има нова варијанта, бидејќи околу 70 проценти од светката популација е веќе вакцинирана, така што сега сме во навистина во многу, многу подобра ситуација отколку пред една година, односно пред две кога немавме ниту вакцини, ниту стекнат имунитет.

Според вашите научнии стражувања, кога можеме да го очекуваме крајот на пандемијата на Ковид-19, дали појавата на варијантата омикрон значи почеток на ендемската фаза на вирусот?

Проф. д-р Трампуж: Најверојатно крајот на пандемијата ќе се случи многу скоро, најдоцна во летните месеци кога и опфатот на вакцинација ќе биде со поголем процент. Од друга страна, ќе бидеме во период на потопли месеци кога луѓето нема да бидат толку многу во затворени простории и трето, омикрон вака или онака помага да постигнеме делумен имунитет. Повеќе ме плаши токму кога ќе биде крајот, зошто тогаш треба да ги направиме последните чекори. Во овој период сега и во летните месеци треба да сториме се за да се подготвиме за есента. Вакцинирани мора да бидат 80 проценти од популацијата, а како тоа да се постигне? Секоја од државите треба да размисли, ако луѓето не можеме да ги убедиме зошто е важна вакцинацијата, тогаш една од можностите е задолжителна вакцинација со што ќе се стави крај на пандемијата. Секоја пандемија има свој крај, така што и оваа ќе има свој крај.

Професор д-р Андреј Трампуж, специјалист инфектолог и специјалист по интерна медицина, кој има импресивно досие, истражувачката дејност од областа на инфектологијата, веднаш по завршување на студиите на Медицинскиот факултет во Љибљана, ја почнува во Швајцарија. Во време на појавата на вирусот на SARS го предводи тимот кој ја подготвува цела Швајцарија за евентуална пандемија од ова инфективно заболување, што за среќа не се случува, но се стекнува со огромно искуство за работа во пандемија. Желбата за истражување, подоцна ја остварува и во една од најпознатите клиники во САД, Mayo, каде што ја открива методата со која се дијагностицира инфекцијата на имплантите, што практично е револуција во медицината. И оттука почнува неговиот подем. Добива привилегија да раководи со истражувачка лабораторија и да биде на чело на конзилијарно инфектолошката служба во Базел. Професионалниот пат го води и во Лозана, каде се стекнува со титулата професор по инфектологија, но не се задржува подолго, туку ја прифаќа поканата да работи во една од најпознатите европски клиники, Charite во Берлин, каде во последните седум години е шеф на Одделот за хируршка инфектологија.  

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

КРИВИЧНА ПРОТИВ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ: Синдикатот на полицијата oбвинува за несовесно работење

КРИВИЧНА ПРОТИВ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ: Синдикатот на полицијата oбвинува за несовесно работење

ВАНКОВСКА: Kамшикот му се дава на Грк, Преспа мора да се раскине

ВАНКОВСКА: Kамшикот му се дава на Грк, Преспа мора да се раскине

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители