06 Декември, 2019
0.0181

Крај на надежите за правна држава или решителност за рушење на корупцијата?

Објавено во: Анализа 18 Јули, 2019

Оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева предизвика земјотрес во домашната јавност и нов пад на довербата на граѓаните во правосудните институции. Ова особено доаѓа до израз откако беше отворена истрага од ОЈО за вршење рекет и влијание врз обвинител против Бојан Јовановски и Зоран Милески кои од бизнисмени изнудиле околу 5 милиони евра за да им помогнат потоа да добијат поблаг однос од СЈО, како и тоа да не се објавувале за нив компромитирачки содржини од „бомби“ кои биле во 1ТВ. Со професорката Мирјана Најческа разговараме за тоа како да се продолжи борбата со корупцијата и неправдата, и колку овој случај е важно да се расчисти за земјотресот да не ги сруши целосно и онака кревките темели на правната држава.

Покрената е истрага против обвинител за влијание врз предмети на СЈО и за рекет воден преку медиумот на Боки 13. Катица Јанева си поднесе оставка како прв човек на СЈО. Се урна ли кулата од карти?

Јас лично не мислам дека станува збор за кула од карти туку за добра идеја која не беше добро спроведена. Идејата за постоење на СЈО во период кога треба да се атакува на еден од бастионите на недемократичноста – неказнивоста на високи функционери во власта е издржана и соодветна и неопходна. Структурата на СЈО и легислативата врз основа на која што работеше беа резултат на партиски договор, со што на самиот почеток беше дезавуирана улогата која што требаше да ја има.

Сега ќе има анализи дека уште од почетоците имало аргументи против Јанева да ја предводи новата институција која требаше да се бори со корупција и да ја ослободи заробената држава од тешките криминали на екс функционерите. Дали се става точка на надежта и вербата на граѓаните дека ќе изградиме правна држава во која ќе владее правото?

Да. Јас бев една од тие кои многу се спротиставија на ангажирањето на Јанева како носител на активностите на СЈО. Мислев и се уште мислам дека на ова место требаше да дојде човек со препознаен кредибилитет, стручност и пред се висок морален резултат од претходното работење и делување.

Кога станува збор за градењето на правна држава и владеењето на правото, не станува збор за надеж или верба, туку за спремност навистина да се изгради ваква држава. Мислам дека граѓаните на Република Северна Македонија се уште само зборуваат за владеење на правото, меѓутоа не постапуваат на начин кој го поддржува ова ниту пак навистина разбираат што значи во пракса.

Како според вас треба да продолжи да функционира СЈО ќе има ли простор да влезе во правосудната реформа која како Дамаклов меч ни стои над главите и се заканува ако нема силен замав дека ќе ја загрози европската интеграција?

Мислам дека СЈО треба да стане посебно одделение во рамките на ЈО со посебни и специфични надлежности, зајакната самостојност и независност. Како што претходно реков, граѓаните треба навистина да ја сакаат и поддржуваат реформата. Тоа значи на секој чекор во секој момент да се спротистават на неправото и да не користат бенефиции од истиот (кога неправното постапување им оди во прилог).

Опозицијата се подготвува уште погласно да прогласи политички прогон и нечесно водени предмети против нивните сопартијци. Може ли да паднат сите случаи на СЈО во вода и покрај веќе договорената амнестија и останатите да се спасат од кривичен прогон?

Не мислам дека постои политички прогон на припадниците на сегашната опозиција. Мислам дека постои премногу преговарање и договарање за прашања за кои не смее да се преговара и договара.

Мора да биде казнет секој функционер кој го прекршил правото. Строго. За да го раскинеме кругот на неказнивост и меѓусебното политичко-партиско амнестирање.

Х.С.