КОВИД ИМА – ВО ЈУЛИ ДЕСЕТ ПАТИ ПОВЕЌЕ ЗАБОЛЕНИ ОД ЈУНИ: Која е разликата од времето на пандемијата?
Објавено во: Македонија 14 Август, 2024
Во текот на
изминатиот месец бројот на регистрирани со корона вирусот е десет пати поголем
отколку во јуни, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Најголем број се пријавени од Скопје, а регистрирано е едно починато
лице асоцирано со КОВИД-19.Во јули има 250 пријавени случаи, наспроти 25 во јуни, и само 23 во јули
изминатата година.
Секако, како што посочуваат и самите лекари, оваа бројка е нереална, бидејќи голем број од пациентите воопшто не се тестираат, а на ваков чекор не ги упатуваат ниту нивните матични лекари.
-Како што се зборуваше кон крајот на пандемијата, така и гледаме веќе на корона вирусот, конкретно на Ковид-19. Го третираме како заболување кое ќе остане присутно меѓу луѓето. Секогаш ќе се јавуваат нови варијанти, вирусите се познати по мутациите, веќе не треба да се крева паника, иако и понатаму треба да бидеме внимателни. Разликата во однос на болеста сега и во периодот кога Ковид-19 имаше најголема моќ, главно е во клиничката слика на пациентите. За среќа не гледаме пациенти со цитостатки бури и со сатурација од 60, па и 50, кога луѓето се бореа за воздух. Сега ретко кој има тешка клиничка слика која бара итна хоспитализација на голем број пациенти, заради што здравствените системи во светот на почетокот на пандемијата подлегнаа пред новиот вирус, велат од Клиниката за инфективни болести.
Посочуваат дека нема тешки пациенти кои се на респиратор или пак на кислородна поддршка. Хоспитализирани се неколкумина повозрасни пациенти кои имаат и многу други пропратни здравствени состојби, на кои здравјето им е дополнително влошено заради присуството на вирусот, но тој не е примарен.
Инаку, симптомите кои ги дава и најновиот сој FliRT се слични на многу вирусни заболувања, пред се како на грипот. Пациентите обично имаат благо покачена температура, треска, болки во мускулите, кашлање, кај некои страдаат синусите, има течење на носот и таквата состојба трае 5-6 дена. Дел од пациентите се соочуваат и со стомачни проблеми, односно имаат дијареја и повраќање.
-Сепак, ваквите симптоми предизвикуваат клиничка слика која се третира амбулантски, за среќа немаме веќе од оние варијанти, на пример, Алфа, Бета, Делта кои ги преполнија болниците, информираат од Клиниката за инфективни болести.
И голем дел научни студии го потврдуваат фактот дека новите соеви на корона вирусот се далеку послаби. Според мета анализата објавена на почетокот на годинава, Бета варијантата беше најсмртоносната од сите видови на СОВИД-19 за кои Светската здравствена организација сметаше дека се загрижувачки варијанти. Истражувањето, објавено во International Journal of Infectious Diseases, анализирало 112 студии од повеќе земји за да се утврди стапката на смртност меѓу пет варијанти на загриженост. Студиите беа објавени помеѓу јануари 2020 и март 2023 година.
Според сериозноста, мета-анализата покажа дека стапката на смртност на бета е 4,19 проценти, гама е 3,6 проценти, алфа е 2,62 проценти, делта е 2,01 проценти и омикрон е 0,7проценти. Истражувачите ги утврдиле стапките на смртност врз основа на тоа која варијанта била доминантна во одредени временски периоди.
Севкупно, стапката на смртност во текот на периодот беше 2,62 проценти, со стапки во Северна Америка малку повисоки од просекот од 2,67проценти. Ограничувањата на мета-анализата го вклучуваат интензитетот на тестирање, кој може да се разликува помеѓу регионите во зависност од достапноста на вакцините и видовите на ресурси, како што се исцрпените здравствени работници, велат авторите во заклучокот.
Анита Буховски