29 Март, 2024
0.0250

Ковид 19 ја зацврсти врската меѓу ПР индустријата и новинарите

Објавено во: Колумни 29 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

ПР индустријата нема брзо да се опорави од хаосот што го предизвика КОВИД 19 пандемијата, иако на површина испливува како еден од победниците. Насочувањето на фокусот на јавноста кон дигиталните форми на информирање, пазарење, едуцирање и слично, креираше нова шанса за ПР професионалците да покажат дека се неопходни и незаменливи. Но, и да останат кредибилен, константен и транспарентен извор на информации кои преку медиумите го хранат јавниот интерес со новини. Во овие неколку месеци се потврди дека искрениот и пријателски однос што го градат ПР работниците со новинарите помага да се одржи континуирана комуникација и проток на информации дури и кога не постојат услови за средби во живо. 

Сега, здравствените власти најавуваат нов бран, нова есенска криза и нови предизвици. Колку досегашното искуство не подготви да се носиме со она што доаѓа?

ПР професионалците во овие неколку месеци беа присутни во сите сегменти на промените.

Големите компании ги искористија секторите за комуникации за полесно да се реорганизираат за работа од дома. Овие компании, сѐ уште, успешно работат од дома.

Додека голем број од деловните субјекти во Македонија, што беа неподготвени за дигиталната ера, како на пример трговците, побараа помош затоа што ги немаа потребните алатки за дигитална комуникација со засегнатата јавност, немаа пристап до блогерите, инфлуенсерите, како и до медиумската фела.

Но, од сите фронтови, еден од најважните беше оној со новинарите, кои и сами се соочуваа со големи промени, а играа многу важна улога во информирање на јавноста за спроведување на мерките за заштита.

Новинарите се трудеа да ги запазат роковите за објава на материјалот додека се прилагодуваа да работат од дома. Затоа што новинарот знае дека информациите мора да стигнат до јавноста, независно дали дома треба да се грижи за дете или да учат заедно, предизвик со кој изминатите седум месеци се соочија професионалци од сите области, но новинарската фела е меѓу оние професии кои немаа избор  – едноставно, информирањето на јавноста не смееше да запре. 

Сите се соочивме со нова состојба, која ПР индустријата ја согледа како можност да ја подобри својата комуникација и соработка со медиумите, доставувајќи им куси и јасни информации, брзи одговори на прашањата и се разбира и неопходната фотографија која ја отсликува фактичката состојба. Одговорноста на сите беше да се заштитат оние кои не мора да се изложуваат на контакт или комуникација, а сепак јавноста навреме да биде известена и запознаена.

Поедноставување на темите за побрзо да се одговори на потребите на новинарите, но и комуникација со клиентите за да им се објасни дека кога информацијата е барана, мора брзо да се одговори, затоа што таа утре веќе ќе биде стара вест. Всушност, мејнстрим медиумите сѐ уште зависат најмногу од изворот на информација, но со развојот на дигиталното новинарство, немаат комодитет да чекаат со денови за одговори. Интернет порталите бараат брзи реакции од ПР службите. Причина повеќе за овие две нишки, новинарите и ПР работниците, кои едноставно се нераскинливи дури и кога се спротивставени една на друга, секогаш да одржуваат и партнерски однос.

Не е тајна дека ПР професионалецот треба да го красат трудољубивост, искреност и интегритет за да има отворена и партнерска комуникација со медиумите, но овие неколку месеци потврдија дека овие особини никогаш не биле поважни од сега. Новинарите се свртеа кон агенциите и службите за односи со јавност за вести и информации. Едноставно, карантинот со ограничувањата за движење и социјализација ги остави без бројни извори кои ги обезбедуваа со вести, а кои не се чувствуваа комотно тие информации да ги споделуваат преку телефонски разговори. Интегритетот на медиумите, пак, мораше да остане негибнат.

Чептер 4 во Македонија годинава прославува 10 години на пазарот и голем дел од нашата јубилејна приказна е испреплетена и со градење и одржување на професионални односи со медиумите и оние кои најчесто ги претставуваат – новинарите и уредниците. Работата на мал пазар овозможува и полесно да се воспостави континуирана комуникација со медиумите. И кога работните канцеларии се преместија во домовите, ја одржавме и комуникацијата со новинарите. Иако јавувањето по телефон за да соопштиме вест или да договориме некое интервју не ни е омилениот начин на комуникација, сепак беше одлична алтернатива да се одржи  врската.

Всушност градењето на односите со новинарите е исклучително важен момент за секој ПР професионалец, а вистинската бенефит од овие односи е кога тие се засновани врз меѓусебно заеднички вредности. Таа врска или вредност се базира на искрен однос, пријателство и  транспарентност во соработката која во овие неколку месеци овозможи да се одржат комуникацијата и во моменти кога не постоеше услови за средби во живо.  

Двете нишки останаа споени, а со воведувањето на видео-повикот како стандардна алатка во медиумите, за ПР индустријата отвори поголеми можности за гостување во националните дебатни емисии или вести. И во кризата, двете страни ја препознаа можноста за успешно партнерство, кое на двете страни им креира шанса да стигнат до плодот што го посакуваат.  

Се вели дека добриот ПР е подготвен за криза пред воопшто некој и да ја види како пристига. Пред нас се месеци на нова непознаница, над која велат дека е надвиснат нов извичник за можна криза, но сега веќе не очекуваме изненадувања. Некако се чини дека ПР индустријата и мејнстрим медиумите се подготвени за она што следи – навреме да обезбедиме кредибилна, интересна и ексклузивна информација како сигурен ресурс на кој новинарите ќе може да се потпрат.  

Тања Јовановска Антевска, советник за медиуми, Чептер 4 


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?