29 Мај, 2020
0.0493

Интервју со Никола Љушев, Главен извршен директор, Македонски Телеком

ИНТЕРВЈУ ЉУШЕВ: Коронавирусот ја забрза дигиталната трансформација

Објавено во: Мои пари, Интервјуа 08 Мај, 2020

Кризата со коронавирусот го смени светот преку ноќ. Едукацијата, работните состаноци, културните настани, бизнисите, социјализацијата, целиот живот се одвива дигитално. Дигиталната трансформација веќе не е план за иднина туку најголем приоритет. Светот никогаш нема да биде ист и треба да се адаптираме на новото „нормално“.

Разговаравме со Никола Љушев, Главниот извршен директор на Македонски Телеком, за предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, за забрзаната трансформација на општеството, за тоа како дигитализацијата ќе го смени светот и во каков свет ќе живееме по кризата.

Фактор: Коронавирусот преку ноќ го смени начинот на водење на бизнисите. Што според вас е клучно за справување и адаптирање на новата ситуација за една компанија?

Кога пред два месеца моравме драстично да ги промениме начинот на живот и работењето, клучниот предизвик и главната цел за нас во Македонски Телеком беше да обезбедиме непречено функционирање и квалитетни комуникациски услуги во услови на огромна побарувачката за интернет капацитет. Додека граѓаните со неверување ги слушаа препораките за физичко дистанцирање, нашата задача стана уште потешка и поодговорна, бидејќи комуникациски услуги останаа единствена алтернатива за премостување на социјалниот јаз кој одеднаш се создаде во општеството. Не дозволивме да се парализираме од првичниот шок, доследно ги следевме сите препораки за заштита на јавното здравје и здравјето на нашите вработени, водени од сознанието дека обезбедуваме витални услуги за општеството да продолжи непречено да функционира. 

Во ваква вонредна состојба, императив е да се носат рационални, а не избрзани 

и емотивни одлуки. Одлуки базирани на проверени сознанија и релевантни податоци, со вклучување тимови експерти од различни профили. Процесот треба да функционира флуидно, работењето мора да е ефективно, агилно и пред сè дигитално, вклучувајќи и дигитална комуникација и колаборација. Ако претходно биле потребни неколку месеци за подготовка на некоја пазарна акција, сега сето време што го имате се неколку денови. Ова се разбира е многу полесно за помалите бизниси, a големите компании час поскоро мораат да го променат својот „mindset“ и да се адаптираат, да размислуваат и да делуваат не како корпорации туку како start-up компании. Се наоѓаме во многу комплексна ситуација и се чини дека светот подолг временски период ќе треба да живее во новото „нормално“. Со мудри чекори и одлуки, компаниите не само што треба да ја преживеат кризата туку треба да размислуваат и како да излезат од оваа криза како победници. 

Фактор: Новата ситуација ги смени и навиките и потребите на корисниците, нагло се зголеми потрошувачката на интернет и алатки кои можат да се користат од дома, како влијаеше тоа на вашата мрежа?

Со години наназад вложуваме огромни средства во нашата мрежа како најголем приоритет. Со првата најава на кризата ги насочивме сите ресурси, финансиски и човечки, во зајакнување на мрежните капацитети за да се одговори адекватно на новонастанатата ситуација. Станува збор за голема одговорност, сè мораше на функционира перфектно во време кога сите работеа, учеа и се информираа онлајн. По прогласувањето на вонредната состојба, инстантно забележавме огромно зголемување на побарувачката за интернет, работевме секојдневно на зголемување на капацитетите, понудивме поголеми брзини на пренос во фиксната мрежа и поголеми интернет пакети за деловните и резиденцијалните корисници. Првиот бран на кризата успешно го пребродивме и горд сум на тоа, но зајакнувањето и вложувањето во мрежните капацитети ќе остане приоритет, зашто мрежата е крвотокот и предуслов за дигитализација на општеството.

Фактор: Со забрзана потреба од дигитализација се соочува целото општество, институциите... Што мислите дека е клучно да се развие во нашето општество за да се олесни дигиталната трансформација?

Во нашата држава многу се зборува на оваа тема, се прават сериозни инвестиции во дигитализација на традиционалните (мануелни) процеси и сл., но прифаќањето на новините не оди со посакуваната динамика. Секоја промена тешко се прифаќа, а оваа криза поттикна нов начин на однесување и брза адаптација и во многу случаи видовме дека не сме спремни да ги менуваме длабоко вкоренетите навики, дури и по цена да го изложиме своето или здравјето на другите луѓе на ризик. Веројатно сите во овој период ги забележавме гужвите пред банките кога граѓаните чекаат да ја подигнат платата или пензијата во готово. Затоа не е за изненадување фактот што повеќе од 60% од наплатните трансакции на телекомуникациски сметки се случуваат во нашите продавници и главно со готовина. Едвај стигнавме до 30% електронски наплатни трансакции преку интернет или мобилна апликација и тоа заради кризата и препораките за социјална изолација. Во другите европски земји овие проценти се повеќе од двојно поголеми и наплатата на сметки воопшто не е предизвик во услови на ограничување на движењето. И притоа зборуваме за платежни трансакции за веќе испорачани услуги. Меѓутоа, тука се и посложените трансакции пред државни институции, каде што е неопходно да го докажете за автентичен вашиот дигитален идентитет без физичко присуство, како предуслов да ви биде испорачана бараната услуга по дигитален пат (добивање потврда од државен орган, имотен лист и сл.). Во моментов во државата, преку Македонски Телеком и КИБС се издадени само педесетина илјади дигитални сертификати или скромни 2-3% од населението. Мораме да работиме на поинтензивна промоција на услуги од доверба, дигитален потпис, временски жиг, организациски печат итн. 

Кризата покажа и колку треба да работиме на полето на дигитално образование, односно на стратегија за дигитално учење која ќе се надградува со напредокот на технологијата и ќе им биде од корист и на наставниците и на учениците. Неблагодарно е да се прогнозира кога и како оваа состојба со глобалната пандемија ќе биде надмината, што е доволно силна индикација дека треба сериозно да се размислува како ќе се продолжи со настава во следната учебна година.

Освен образованието, еден од главните столбови на општеството е и дигитализација на услугите во здравството, како и воведување дијагностика на далечина што би придонело за подобри здравствени услуги, без пациентите да имаат потреба да излезат од дома. Кризата и во овој сегмент покажа дека можеме да направиме многу повеќе, да го намалиме времето на реакција, да им излеземе во пресрет на заболените, без да се изложуваат на ризик себеси, но и други лица. 

Оттука, да се вратам на вашето прашање за тоа што е клучно во општеството за да се случи дигиталната трансформација. Клучен фактор во трансформацијата е човекот. Ништо револуционерно во историјата на човештвото не се случило случајно, спонтано и без свесна намера. Сѐ што досега е постигнато е направено од луѓе кои не биле задоволни од тоа што ги опкружувало, кои имале визија што сакаат да постигнат и потоа целата своја енергија ја ставиле во функција на постигнување на зацртаните цели. За тоа е неопходно да постои маса на луѓе кои споделуваат иста или слична визија и делуваат синергетски – во случајот на дигитализација на сите сфери во општеството, со цел поефикасно функционирање и во нормална и во вонредна состојба. Чинам дека пред почетокот на оваа глобална криза сите очекувавме дека работите во делот на дигиталната трансформација ќе се движат постепено и ќе траат со децении, кризата едноставно само експоненцијално го забрза времето нанапред и мислам дека работите во наредниот период ќе се менуваат многу побрзо.

Фактор: Како ќе ја организираме работата во иднина, дали и откако ќе помине кризата ќе сочуваме дел од новите навики?

Враќање на старо, не верувам дека ќе се случи. Компаниите ќе треба целосно да ги трансформираат моделите по кои работат, корисничките потреби брзо еволуираат, ќе се менуваат начините на кои патуваме, продаваме, комуницираме со корисници, излегуваме на пазарот или вработуваме луѓе. И треба од тоа што го научивме во овој период да го извлечеме најдоброто. Онлајн состаноците и видео конференциите ќе бидат секојдневие, работата од дома многу почесто ќе се практикува, големи настани ќе се одржуваат виртуелно. Компаниите ќе треба да работат  на чисти цели со фокусирани тимови и брзи одлуки, дури и големите корпорации ќе треба да работат на овој начин. Токму од промената на моделите на функционирање ќе зависи прогресот на компаниите. А од продуктна гледна точка, сè повеќе ќе се создаваат алатки и апликации за функционирање на далечина, но и дигитализација на јавни и деловни услуги. Колку побрзо и поефикасно се прилагодиме на новите очекувања и кризата ја искористиме за рефокусирање на ресурсите, приоритетите и дигитализација на процесите, толку ќе бидат поголеми шансите да излеземе од оваа криза како победници.

Фактор: Каков ќе биде светот по оваа криза и дали мислите дека нешто ќе научиме од неа? 

Оваа криза го донесе најголемиот предизвик за човештвото последниве сто години. Но, за прв пат во историјата имаме алатки за да ја надминеме оваа ситуација. Замислете што би било кога во овој момент не би постоеле дигитални алатки и интернет... Се менува едукацијата, пазарот на трудот, ќе има тектонски поместувања во работните позиции, водењето на бизнисите, некои бизниси и работни позиции целосно ќе исчезнат, ќе мора да се прилагодуваме, да учиме нови вештини, да се описмениме дигитално и постојано да се преобразуваме. Каков ќе биде светот по пандемијата зависи од сите нас, од лидерите кои ги водат државите, од бизнисмените, од институциите, од поединците...Треба да сме свесни дека дигиталниот јаз уште повеќе ќе се зголеми и ќе треба да работиме на тоа, доколку едукацијата е дигитална, ќе треба да е еднаква за сите деца, треба да работиме на здравство кое ќе биде темел на државите, треба да работиме на интернационална солидарност. Јувал Ноа Харари, според мене еден од најголемите мислители денес, во едно од последните интервјуа, прашан за кризата, изјави дека позитивното од оваа криза е враќање на довербата во науката. Да се надеваме дека отсега натаму, науката ќе ја вреднуваме и ќе ја сфаќаме посериозно, особено кога нѐ предупредуваат за глобални предизвици како што се климатските промени, еколошките катастрофи и пандемии.

Можеби ќе ве интересира

LOYALTY ДЕНОВИ ВО ПРОДАВНИЦИТЕ НА FASHION GROUP

LOYALTY ДЕНОВИ ВО ПРОДАВНИЦИТЕ НА FASHION GROUP

Новата Mokka: Opel се фокусира на плочките со имињата на моделите

Новата Mokka: Opel се фокусира на плочките со имињата на моделите

Генерали Инвестментс советува: Инвестирањето во акции од нафтената индустрија и воздухопловството само за добрите познавачи

Генерали Инвестментс советува: Инвестирањето во акции од нафтената индустрија и воздухопловството само за добрите познавачи

Стилски совети за впечатлив изглед

Стилски совети за впечатлив изглед

Почнува официјалната продажба на The Frame и The Serif телевизорите во Македонија

Почнува официјалната продажба на The Frame и The Serif телевизорите во Македонија

„Нова“ организира онлајн хуманитарен базар за училиштето за деца со посебни потреби „Иднина“

„Нова“ организира онлајн хуманитарен базар за училиштето за деца со посебни потреби „Иднина“

„Божиновски часовници и накит“ ги прогласи победниците на предизвикот „Херои 2020“.

„Божиновски часовници и накит“ ги прогласи победниците на предизвикот „Херои 2020“.

Халкбанк утре почнува со исплата на мајската пензија

Халкбанк утре почнува со исплата на мајската пензија

Изненадувачки практичен и секако Simply Clever: ENYAQ iV ја претставува иднината на ŠKODA

Изненадувачки практичен и секако Simply Clever: ENYAQ iV ја претставува иднината на ŠKODA