19 Април, 2024
0.0470

Колку се реални листите на меѓународните организации?

Објавено во: Колумни 18 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Листа на offshore земји. Листа на даночни раеви. Листа на високо ризични земји. Листа на земји под санкции.

 Листа на FATF. Листа на Европската унија. Листа на Меѓународниот монетарен фонд. Листи на одделни земји.

Секоја организација има своја методологија според која го проценува напредокот на одделна земја во сферата на оданочувањето и борбата со перењето пари и финансирањето на тероризам. Доколку одредена земја не ги исполни меѓународните стандарди, ќе се најде на некоја од горе наведените листи. Ставањето на земјата на одредена листа значи спроведување на засилена анализа кон клиентите коишто доаѓаат од таа земја и преиспитување на кореспондентските односи со банките од таа земја. Може да бидат преземени и други мерки.

Деновиве се води дебата за т.н. црна листа на Европската унија на којашто треба да се најдат 23 земји. На оваа листа, меѓу другите земји, треба да се најдат и Панама,  Американските Девствени Острови и Саудиска Арабија. Токму овие земји беа причина за реакција од страна на Министерството за финансии на САД, при што беше истакнато дека Европската комисија не ја зела целосно во предвид методологијата на FATF и дека треба да се направат подетални анализи за ова важно прашање.

Врз основа на дебатата што се води деновиве, се наметнува прашањето дали одредени земји оправдано се нашле на некоја од горе наведените листи или пак, нивното вметнување на конкретната листа или изземањето од истата е предмет на лобирање кај големите земји.

Меѓународните организации се застапници на политикатаnaming-shaming.  Тие сметаат дека ставањето на одредена земја на некоја од негативните листи ќе придонесе кон преземање на конкретни мерки од страна на надлежните органи во таа земја кон надминување на констатираните слабости во борбата со даночната евазија и борбата со перењето пари и финансирањето на тероризмот. Тоа во суштина е точно, но не е мал бројот на оние коишто веруваат дека ваквата политика претставува „меч со две острици“.

Имено, одделни земји коишто се членки на некоја меѓународна организација се споредуваат помеѓу себе во поглед на достигнувањата во регулативата и супервизијата, како и степенот на почитување на меѓународните препораки. Притоа, кај дел од малите земји често останува горко чувство дека тие презеле се што треба, а тоа не е доволно ценето кај меѓународниот фактор. Од друга страна, некои земји можат да добијат повисок рејтинг поради нивните политички или економски односи со големите земји.

Едно од прашањата коешто го поставуваат земјите коишто завршуваат на одредени негативни листи е кој е мотивот за нивното ставање на тие листи. Дали навистина се работи за значајни недостатоци во правниот поредок на тие земји коишто овозможуваат даночна евазија и перење пари или се работи за заштита на интересите на оние земји коишто и самите претставуваат финансиски центри или на својата територија имаат лоцирано финансиски центри.

Веројатно вистината е некаде на средина. Голем дел од земјите коишто се наоѓаат на одредени листине се премногу загрижени за борбата со финансискиот криминал. Меѓутоа, се претпоставува дека богатите земји се многу позагрижени за даночната евазија којашто ја вршат нивните граѓани и „дупките“ во нивните буџети коишто се креираат на тој начин, отколку за регулативата на некој остров во Атлантскиот или Индискиот океан. Впрочем, таа дилема ја изразува и самиот лондонски The Economist кој во едно свое издание тврди дека борбата со перењето пари "им овозможува на богатите земји да ја спречат даночната евазија преку блокирање на offshore центрите и услугите што истите ги нудат во меѓународниот платен промет".

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок