29 Март, 2024
0.0249

Колку чини „Ало“ во РЕК Битола?

Објавено во: Анализа 09 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

РЕК Битола за услуги од булдожер, багери, скип, лопата за утовар, грејдер, камион, камион со дигалка ќе плати до 7,8 милиони евра. Добитници на тендерот на кој конкурирале 6 фирми се битолската фирма „Марковски компани“ и скопски „Мис комерц“. За булдожерот на „Мис комерц“ ќе плаќа 105 евра на час, а за багерот на „Марковски“ 78,5 евра на час

Најголемиот производител на струја во земјава битолскиот рударско-енергетски комбинат РЕК „Битола“ ќе плати до 8 милиони евра за услуги од градежна механизација, објавено на сајтот на Бирото за јавни набавки, а договорот го склучил ЕЛЕМ (матичната компанија на РЕК Битола) на 26 јуни годинава. Станува збор за рамковни спогодби што значи дека износот не мора да биде искористен во целост до крај на рокот во кој важи договорот. Ангажманот на машините е на повик според потребите на РЕК Битола и тоа се однесува на копање, транспорт, дотур или за остварување на процесот за производство на електрична енергија од јаглен.

Рамковните договори се склучени со две компании кои и досега биле деловни партнери на РЕК „Битола“. Тоа се битолската компанија „Марковски“ и скопската фирма „МИС Комерц“. Договорената сума со „Марковски“ е 4,08 милиони евра и трае 12 месеци. Со „Мис Комерц“ вредноста на договорот изнесува 3,7 милиони евра и тој е во времетраење од 12 месеци. Двете компании ќе работат по повик на коповите на РЕК Битола за потребите на термоцентралата.

Од „Марковски компани“ РЕК „Битола“ ќе се услужи со: два хидраулични багери – гасеничари од кои едниот е помал и послаб од другиот (помалиот со длабинска корпа која црпи до 2 кубни метри материјал, а поголемиот со корпа која црпи над 2,2 кубни метри материјал), камион што носи 16 тони материјал односно собира 13 кубни метри и лопата за утовар по зафатнина на корпата поголема од 4 кубни метри. Најскапо чини работата на поголемиот хидрауличен багер за чија работа РЕК „Битола“ ќе плати 78,5 евра на час. Помалиот багер чини 62,8 евра за час, а лопатата чини 33,66 евра на час. Камионскиот превоз чини 2,2 евра за превезен километар. За поголемиот багер РЕК „Битола“ ќе плати најмногу до 1,67 милиони евра, а за помалиот 1,22 милиони евра.

Од скопски „Мис Комерц“ РЕК Битола ќе користи: булдожер гасеничар со снага на мотор од 200 до 300 киловати, грејдер со снага на мотор поголема од 100 киловати, скип со снага со мотор поснажен од 40 киловати и едно теренско возило  со сандак за превоз на товар до 2,5 тони, вградена телескоп дигалка и погон на возилото на сите четири тркала. Најскапа е услуга на булдожерот гасеничар и таа изнесува 106 евра на час! Другите три машини се најмуваат по цена од 20 до 31,5 евро за изработен час. За булдожерот се предвидени и најмногу пари. Износот на услугата што ќе ја дава таа машина надминува 2,5 милиони евра.

Во договорите на двете компании пишува дека се согласуваат контрола за извршениот обем на услуги да се врши со ГПС (глобален систем за позивионирање) уред што ќе биде сертифициран и кој ќе регистрира времетраење на работа, патека на движење на машината, број на вртежи на мотор, број на стартови на секој мотор и број на отварање на капакот на резервоарот за дотур на гориво во секоја машина.

Р.Ф. 

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот