Кој од хотелиерство во Охрид прави најмногу пари
Објавено во: Економија 12 Јануари, 2020
Хотелиерството е бизнис кој носи профит. Ова барем може да се заклучи од податоците достапни во базата на ЦРМ кои покажуваат дека најголемите седум охридски хотелиерски компании заедно направиле приход од 10 милиони евра во 2018 година.
Податоците се однесуваат на охридските компании кои стопанисуваат со хотелите: „Метропол“, „Белви“, „Турист“, „Десарет“, „Инекс Горица“, „Свети Стефан“, „Гранит“ и „Јуник ресортс“. Од најголемите седум хотелиерски компании пет годината ја завршиле со добивка, а две работеле со загуба.
Очекувано најуспешна компанија е „Хотели Метропол“ која стопанисува со трите најголеми хотели на ривиерата: „Белви“, „Метропол“ и „Турист“. Оваа компанија во која најголем акционер е скопски „Фершпед“ во 2018 година остварила приходи од работењето во износ од 3,25 милиони евра, а добивката изнесува 496.000 евра. Профитната маргина на оваа компанија изнесува 15,2 отсто.