25 Април, 2024
0.0328

КОГА ЌЕ БИДЕ ГОТОВ НОВИОТ КЛИНИЧКИ - ривалските партии со различни ветувања во програмите

Објавено во: Македонија 06 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Корона кризата покажа колку здравствените капацитети се значајни за една држава. Во услови кога епидемијата на КОВИД-19 во земјава не попушта, болниците во главниот град, но и во внатрешноста на земјава, се буквално преполни. Пациентите кои имаат други болести, а имаат потреба од интервенции, се принудени да чекаат, бидејќи приоритет се дава на случаите со коронавирусот.

Партиите деновиве пред граѓаните ветуваат реформи во здравството и подобри здравствени услуги за граѓаните, но и изградба на новиот клинички центар. Кога тој конечно ќе биде готов, на јавноста се уште не и е познато, а се знае дека ќе чини сума од половина милијарди евра.

Што кажуваат партиите во своите програми за здравствените објекти и за новиот клинички центар.

ВМРО-ДПМНЕ НАЈАВУВА ИЗГРАДБ НА НОВИ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ

Како една од мерките во програмата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се наведува подобрување на инфраструктурата во здравствениот систем. Нивни приоритет, како што велат, е изградба на модерниот нов клинички центар, но и модернизација на сегашните клиники „Мајка Тереза“.

„Македонија се соочува со недостаток на здравствена инфраструктура. Затоа, приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ е изградба на модерен клинички центар, но и оптимизација на услугите што ги даваат останатите здравствени установи. Во првите 100 дена предвидуваме отпочнување на правна постапка за функционално интегрирање на клиниките во рамките на Клиничкиот центар, како и креирање на економско-административна платформа. Земајќи ја предвид актуелната состојбата во болниците, изградбата на нови здравствени установи и реконструкцијата на постојните во следниот четиригодишен период ќе биде значително интензивирано“, ветуваат од партијата на Христијан Мицкоски. 

ВМРО-ДПМНЕ ветува модернизација и реновирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ преку проект за функционално интегрирање. Во рамките на овој проект, како што најавуваат од партијата, предвидуваат и модернизација и реконструкција на Градската општа болница „8 Септември“ која ќе функционира како дополнителен клинички центар во Скопје. Рокот за овој проект на кој ВМРО-ДПМНЕ се обврзува пред гласачите е 2025 година, а потребниот буџет за тоа ќе биде шест милијарди денари, односно околу 100 милиони евра.

ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ 16 МИЛИОНИ ЕВРА

Оттаму тврдат дека голем број од здравствените установи во земјава се во многу лоша состојба. Од ваквата ситуација, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, страдаат и медицинските работници, и пациентите. Затоа, како прв проект оваа партија ја најавува реконструкцијата и модернизацијата на Градската општа болница „8 Септември“. Рокот во кој овој проект треба да заврши на кој партијата се обврзува пред гласачите, е 2024 година, а буџетот кој за тоа че биде потребен, според нив, изнесува една милијарда денари или околу 16 милиони евра.  

Вториот проект на кој се обврзуваат, пак, е реконструкција и модернизација на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, или по старо познатата Градска Болница. И за оваа работа од ВМРО-ДПМНЕ си задаваат рок да завршат до 2024 година, а очекуваат дека ќе ги чини, исто така, 16 милиони евра. 

Како трет проект кој го наведуваат е реконструкцијата на здравствените установи и во внатрешноста на земјава. „Предвидуваме капитални инвестиции во активности за подобрување на инфраструктурата и во останатите градови во Македонија. Планираме реконструкција на Општа болница во Велес, Општа болница во Кичево, Општа болница во Струмица, Општа болница во Струга и Клиничката болница во Битола“, најавуваат од партијата. За сето ова најавуваат да заврши во 2025 година, а буџетот кој е потребен, е исто така 16 милиони евра.

И како четврти проект од, ВМРО-ДПМНЕ го наведуваат намалување на метежот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. „Во првите 100 дена предвидуваме мерки за намалување на метежот во рамките на Клиничкиот центар ‚Мајка Тереза'. Односно, преместување на сите здравствени процедури од секундарното здравство кои во моментот се вршат во Клинички центар, како и дигитализација, што ќе ја намали потребата од физичко присуство на пациентите. Исто така, предвидуваме и отпочнување на процедура за решавање на паркингот во рамките на кругот на Клиничкиот центар, врз основа на проектирано сообраќајно решение“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, задавајќи си рок за ова до 2022 година, а ќе биде потребен буџет од 100 милиони денари или 1,6 милиони евра.

Во програмата нема попрецизни детали кога би почнала и кога би завршила изградбата на новиот клинички центар. Но, од нивниот настап деновиве на терен, се гледа дека партијата го има во план овој најзначаен капитален зравствен објект.

Носителот на листата за пратеници од Изборната единица 3 на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, деновиве на средба со граѓани вети дека ако оваа партија формира Влада, конечно ќе го изгради новиот клинички центар. „Да го имаме 8-ми септември како клинички центар и уште два нови клинички центри во Штип и Тетово“, најави Јанушев. 

СДСМ: ПРВИОТ БЛОК ОД НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ЗА 4 ГОДИНИ

Сега владејачката СДСМ, пак, ветува подобра и поефикасна здравствена заштита. 

До крајот на мандатот се обврзуваат дека сите болници и здравствени домови ќе ги направат енергетски ефикасни. Ќе ги реновираат најстарите одделениjа во болниците. Во 2020 година, ветуваат од СДСМ, ќе обезбедат 70 нови возила за итна медицинска помош и редовно обновување на возниот парк секоја година до крајот на мандатот. Најавуваат и дека ако ја добијат власта, ќе воспостават три нови пункта за итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје, а времето на одговор на итна медицинска помош ќе стане до 10 минути во урбани и до 20 минути во рурални средини. Има ветување и за реновирање на сите вакцинални пунктови. 

СДСМ во својата програма го најавува новиот клинички центар, чија градба би почнала во време на нивниот нов мандат доколку ја добијат довербата од гласачите и формираат Влада. Нагласуваат дека локацијата е веќе избрана, а таа е таква што ќе овезможи лесен пристап на пациетите кои би доаѓале од повеќе локации во земјава.

„Ќе ја започнеме изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје, кој ќе обезбеди високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава. Приоритет е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита, со што значително ќе се подигнат стандардите за лекување и третман на пациентите. Избраната локација и димензии обезбедуваат заокружена здравствена нега, функционална поврзаност, користење на заеднички ресурси, но и лесен пристап од повеќе локации во државата и избегнување на сообраќајниот метеж во Скопје“, се вели во програмата на СДСМ.

При неодамнешно обраќање до граѓаните, министерот за здравство Венко Филипче, го најави стартот на изградбата на новиот клинички центар. „Нашите граѓани заслужуваат да имаат модерна болница во која ќе добијат европски здравствени услуги. Се да биде на едно место, да нема чекање, да нема шетање“, рече Филипче. 

Според министерот, првиот блок ќе биде готов за четири години, за првите 300 кревети да бидат во функција. „Заслужуваме да имаме модерна, светска болница“, рече министерот за здравство.

Тој смета дека земјава ги избегнала лошите сценарија со коронавирусот, како на пример, во Италија, каде што немаше место во болниците. „Но, најважното во оваа борба е потврдата дека она што го почнавме пред две години, а тоа е инвестиција во здравствениот кадар, во лекарите и медицинските сестри, се покажа како главен мотив за здравствениот систем да стане одржлив“, потенцира Филипче.

ДНЕВНИ БОЛНИЦИ ЗА ПАЦИЕНТИ ЗА КОИ НЕ МОРА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА

Ќе направиме набавка на неопходна медицинска опрема за осовременување на установите вон Скопје и тоа „Св. Еразмо“ Охрид, Општата болница Струмица и Ургентниот центар во Тетово. Ќе формираме Центар за медицински истражувања со кој ќе се вклучиме во европските и светски истражувачки мрежи и проекти. Ќе инвестираме во нови и проширени постоечки капацитети на дневни болници во кои на пациентите, во текот на еден ден ќе им се пружаат дијагностички или терапевтски (интернистички, хируршки, педијатриски ) услуги за кои не е неопходна хоспитализација. Ќе развиваме капацитети за долготрајно лекување и нега на хронични болни, особено за стари и неподвижни лица во тешка состојба, за кои домашната нега не е соодветна. Неискористените болнички капацитети ќе ги пренамениме во домови за стари лица“, се вели во програмата на СДСМ. 

Се најавува и дека ќе се формира служба за парамедици во итна медицинска помош, а ќе се доекипира и патронажната служба во сите региони низ државата.

Во терциерната здравствена заштита се најавува реорганизирање на Ургентниот клинички центар во Скопје (интернистички) во високо специјализирана и модерна установа која ќе ги згрижува критично болните, со адаптација на просторот, опремата и кадарот.

„Воведување на нови методи во секоја од клиниките преку носење на странска експертиза за да се унапреди знаењето на нашите лекари и да се намалат трошоците за лекување во странство, формирање на референтни центри за најсофистицирана здравствена заштита и услуга со врвни стручни лица кои ќе бидат достапни на сите граѓани на државата (Национален центар за дијабетес, Национален центар за срце итн.), продолжување на трендот на намалување на морбидитет и морталитет на мајки и новороденчиња, со тенденција за приближување до европскиот просек...“, се вели, меѓу другото, во програмата на СДСМ.

ВО ДЕКЕМВРИ ВЛАДАТА ТРГНА ПО ПАРИ ЗА НОВИОТ КЛИНИЧКИ

Инаку, во декември минатата година, Владата тргна во потрага по пари за изградбата на новиот Клинички центар, кој ќе чини околу 500 милиони евра. Парите, според тогашните информации, се планира да се земат од Банката за развој при Советот на Европа, како и Европската инвестициона банка. Но, целата процедура почна всушност пред да се појави коронакризата. 

„Владата ја разгледа и усвои Информацијата за финансирање на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје со заеми од Банката за развој при Советот на Европа и Европската инвестициона банка и го задолжи Министерството за финансии да достави известување до овие банки дека е подготвена да ги преземе сите потребни активности за исполнување на нивните предуслови за Проектот за изградба на Универзитетски клинички центар во Скопје“, се наведуваше во тогашното соопштение.

Претходно во интервју за Фактор министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека иако можеби оваа сума звучи голема, новиот клинички центар е една од најдобрите инвестиции што ќе се направи во нашиот здравствен систем. „Таков стандард на услуги не можеме да постигнеме со доградување и реновирање. Се знае каков е стандардот и какви се болниците во светот“, рече Филипче. Тој тогаш нагласи дека фазата на евалуација е завршена, па останати се две компании - германската Vamed и француската Bouygues construction. Во општината Ѓорче Петров, пак, треба да се стартува со локалните работи, пристапен пат, струја вода, локална инфраструктура.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ИВОР МИЦКОВСКИ: Ако успеат да не коалицираат со ДУИ и да направат нешто..., ВМРО-ДПМНЕ ќе газат со години

ИВОР МИЦКОВСКИ: Ако успеат да не коалицираат со ДУИ и да направат нешто..., ВМРО-ДПМНЕ ќе газат со години

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад

НАЈНОВИ РЕЗУЛТАТИ ОД ДИК: На обработени 90,49 отсто гласови - Давкова 326.310, Пендаровски 162.678

НАЈНОВИ РЕЗУЛТАТИ ОД ДИК: На обработени 90,49 отсто гласови - Давкова 326.310, Пендаровски 162.678

„СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ СОБРА ПОВЕЌЕ ПОТПИСИ ОД ГЛАСОВИ“: Доктор Беќаровски за изборниот резултат на градоначалникот на Карпош

„СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ СОБРА ПОВЕЌЕ ПОТПИСИ ОД ГЛАСОВИ“: Доктор Беќаровски за изборниот резултат на градоначалникот на Карпош

ГРУБИ БАРА ОСТАВКИ - од Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, Африм Гаши

ГРУБИ БАРА ОСТАВКИ - од Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, Африм Гаши

„БЕВ, СУМ И ОСТАНУВАМ ЛЕВИЧАР!“ Ванковска им честиташе на победниците, но најави дека новиот претседател допрва ќе се соочи со нејзините предвидувања

„БЕВ, СУМ И ОСТАНУВАМ ЛЕВИЧАР!“ Ванковска им честиташе на победниците, но најави дека новиот претседател допрва ќе се соочи со нејзините предвидувања

МИЦКОСКИ: ОВАА ВЛАСТ ПАЃА, ЦРВЕНИОТ КАРТОН СЛЕДУВА НА 8 МАЈ - се слушнав со Таравари и му посакав идна Влада во Македонија

МИЦКОСКИ: ОВАА ВЛАСТ ПАЃА, ЦРВЕНИОТ КАРТОН СЛЕДУВА НА 8 МАЈ - се слушнав со Таравари и му посакав идна Влада во Македонија

„СЕ ГЛЕДАМЕ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, ЌЕ СЕ БОРИМЕ ДОДЕКА НЕ ПОБЕДИМЕ“: Ковачевски рече дека се надевале на подобри резултати

„СЕ ГЛЕДАМЕ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, ЌЕ СЕ БОРИМЕ ДОДЕКА НЕ ПОБЕДИМЕ“: Ковачевски рече дека се надевале на подобри резултати

Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ не е сигурен во победа во вториот круг

Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ не е сигурен во победа во вториот круг