29 Март, 2024
0.0275

Коцевски: Закон со политички договор нема да ја врати правдата

Објавено во: Македонија, Анализа 14 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Двете најголеми политички партии го банализираа целиот процес на реформи во правосудството со долготрајните преговори кои се базираат на тесно партиски интереси водени од дневно политички калкулации. Недовербата во "лидерските" е јасен сигнал дека не смее да се дозволи неколку луѓе да решаваат за правдата во државата бидејќи било кое импровизирано решение со правни акробации повторно ќе носи ризик да го сруши правосудниот систем. За најдобрите можни решенија во реформите на обвинителствто  и наоѓање на финално решение за СЈО како и можното финално решение за СЈО разговараме со Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници.

Фактор: СЈО како институција е во клиничка смрт, останува уште да се исклучат апаратите, можна ли е реанимација и кое според вас е најдобро решение за да продолжи да функционира и да ја заврши својата мисија и мандат, односно да ги процесира сите кривични дела на функционери кои се содржани во "бомбите" или барем за нив има такви индиции?

Коцевски: За жал, она што се случуваше и на што бевме сведоци во минатиот период несомнено  упатува на заклучокот дека СЈО, во онаа форма во која досега функционираше, веќе не постои.  Негова „реанимација” во смисла на остварување на мисијата поради која беше основано, не и како посебна институција надвор од уставната јавно обвинителска хиерархија, е можна секако, меѓутоа не и извесна. Дали ќе се оствари зависи од неколку клучни предуслови кои што треба да се исполнат.

Прво, неопходно е надминување на правните празнини со донесување на нов закон за јавното обвинителство. Со новиот закон потребно е да биде јасно уредена организациската поставеност и надлежноста на обвинителството кое би ги процесирало овие дела. Најдобро решение е основање на посебно обвинителство на ранг со постојното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое би имало функционална автономија во постапувањето. Ова обвинителство би имало надлежност да гони дела од високата корупција кои се сторени од избрани и/или именувани носители на јавни функции. Условите за избор на јавен обвинител и обвинители на ова обвинителство мораат да обезбедат високо ниво на стручност, личен интегритет и капацитет да постапуваат по овој вид на предмети. 

Понатаму, во ниту еден случај не смее да се овозможи фактичко запирање на кривичното гонење во постапките започнати по 30ти јуни 2017 (рокот во кој СЈО имаше надлежност да покрене обвинение). Основната уставна надлежност на јавното обвинителство е да ги гони сторителите на кривичните дела и таа не може да се дерогира. Кои дејствија ќе се превземаат во одреден предмет и дали ќе се покрене обвинение одлучува единствено јавното обвинителство во согласност со закон. 

Како последен но, не и помалку важен предуслов е да се обезбеди и осигура интегритетот на доказниот материјал и архивата која во моментот ја поседува СЈО, а по последните случувања ја презема Јавното обвинителство на РСМ.

Без исполнување на овие три основни предуслови не може да очекуваме соодветно процесирање на кривичните дела кои произлегуваат од „бомбите“.

Фактор: Мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор истекува на 15 септември без оглед дали дотогаш ќе биде разрешена или не. Со оглед на тоа дека нема засега волја за решение можни ли се импровизации во назначување на нејзина замена?

Коцевски: Земајќи во предвид дека неколку денови, од кои два за време на викенд, не делат од датумот кога според закон престанува мандатот на специјалната јавна обвинителка невозможно е да се спроведе постапка за нејзино разрешување. Избор на нов специјален јавен обвинител секако во овој момент е законски можен, меѓутоа поради  паралелните процеси на преземање на предметите и преговорите во однос на новиот Закон за јавното обвинителство се поставува прашањето која би била воопшто неговата функција и надлежност. Сепак овде не може, а да не се истакне пропуштањето на неколку клучни субјекти кои не презедоа благовремено дејствија за разрешување и избор на нов јавен обвинител иако беше поднесена оставка и беа свесни дека мандатот истекува на 15 септември. Тие субјекти се: Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието, четирите политички партии со најголем број на пратеници и Советот на јавни обвинители.

Фактор: Повторно реформите во правосудството зависат исклучиво од волјата на партиите кои водат политички битки. Стравувате ли дека било кое решение да се донесе без да се почитуваат правните начела ќе биде краткотрајно и дека повторно ќе предизвика криза на системот?

Коцевски: Реформите во правосудството можат да бидат успешни исклучиво и единствено само ако се засновани на темелни и издржани анализи, квалитетни правни решенија изготвени од врвни правни експерти и суштинска вклученост на сите засегнати страни. Реформски процес кој не ги зема во предвид овие услови притоа давајќи приоритет на политички преговори и договори кои на крај секогаш резултираат со правни импровизации чии последици, порано или подоцна,  испливуваат на површина. Само за илустрација законот за СЈО беше донесен врз основа на политички договор, изработен зад затворени врати без соодветно вклучување на стручната јавност. Овој закон, не оспорувајќи ја целта заради која беше донесен, содржи сериозни правни празнини и недоречености кои резултираа со мноштво дилеми особено во последниот период меѓу правната фела. 

Фактор: Како најдобро да се организира обвинителството, особено во неговата независност и капацитет да се бори со организираниот криминал и високата корупција?

Коцевски: Зајакнување на независноста и капацитетот на јавното обвинителство да се бори со организираниот криминал е можно и остварливо под претпоставка дека со новиот Закон за јавно обвинителство ќе се обезбедат неколку гаранции за остварување на оваа функција.

Неопходно е да се зајакнат условите за избор на јавните обвинители во поглед на годините стаж за избор во повисоко јавно обвинителство. Како хиерархиска институција потребно е целосно да се почитува систем на заслуги при унапредувањето во сите нивоа, вклучувајќи го и Јавното обвинителство на РСМ каде сегашното решение овозможува лица без јавно обвинителско искуство да бидат дел од овој орган. Понатаму, постапката за избор, како за Јавен обвинител на РСМ така и за јавните обвинители потребно е да биде транспарентна и поставена на начин да се осигура избор единствено земајќи ги во предвид критериумите на стручност и личен интегритет. 

Организациски потребни се две специјализирани обвинителства од кои едното би ги гонело делата од организиран криминал, додека другото делата сторени од носители на јавни функции. Двете обвинителства треба да бидат функционално автономни се со цел да се избегне било каков обид за замешување и влијание над нивната работа. Обвинителството за гонење на висока корупција може да ги искористи капацитетите, технички и човечки,  од СЈО. 


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница