24 Април, 2024
0.0377

Ќе се најде ли јунак?

Објавено во: Колумни 12 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Срамота, резил, судство за пеза. Прво, казната за шверцот со цигари (ако воопшто беа цигари) договорена со јавниот обвинител и потврдена од Кривичниот совет на судот во Струмица, Апелација му ја преполови, за потоа судот во Струмица да донесе одлука да не се активира активната условна казна затвор од две години на градоначалникот на Ново Село, Ванчо Стојчев. 

Ваквата бламажа на Судот, почитуваниот и угледен адвокат од Скопје Звонко Давидовиќ  ја окарактеризира како правна неписменост, како одлука на неуки лица. Но, дали е така.

Длабоко сум убеден дека не е така, бидејќи таа одлука е донесена од судии, компетентни правници со положен правосуден испит, завршена Академија за судии и обвинители, кои не е возможно да не го познаваат правото во мера колку што го знаат јавните обвинители, адвокатите, нотарите и извршителите за кои се знае дека услов да се бават со својата дејност, е да имаат положен правосуден испит. 

Значи, со ова ја отстрануваме дилемата, и станува сосема јасно дека не станува збор за "правен превид", за правна неукост или како што прокоментира угледниот адвокат Давидовиќ, за правна неписменост.

Тогаш се поставува прашањето зошто Судот во Струмица донел одлука која е спротивна на правната логика или уште попрецизно, спротивна на Законот за кривичната постапка?!

Во опција се три варијанти. 

Првата варијанта е многу логична и возможна во прашање да е корупција. Поаѓајќи од онаа Бугарската народна - што не може да се купи со пари, може да се купи со многу пари. Од тука, за многу пари некој може да направи и "правен превид", а по онаа старата, секое чудо за три дена, како што бидува во оваа наша чудесна Македонија за која некои сметаат дека и државата и нејзините граѓани се со кратко помнење, се' ќе се заборави. И волкот сит и овците на број.

Втората варијанта исто така е многу логична но и поверојатна, во прашање да биде политичко влијание или политичко додворување. Премиерот на Република Македонија јавно кажа дека со Ванчо се куќни пријатели, но дека криминалот си е криминал и за тоа секој ќе одговара пред законот. Многу јако кажано, но сомнежот за политичко влијание останува да лебди во воздух, како што останува и можноста за политичко додворување од страна на судиите кон човекот кому правото му е исклучително слаба страна, а е на чело на тимот што е задолжен за имплементација на реформите во судството, особено што истиот адвокат што го застапуваше премиерот во случајот "поткуп" го застапуваше и градоначалникот на Ново Село во постапката пред Струмичкиот суд. И оваа опција е мошне мотивирачка некој судија од себе да направи кловн и "правен превид" та законот да го чита и толкува како прваче латиница.

Третата варијанта која се чини мошне логична е микс од двете претходни.

После вакви јавни бламажи, како ќе ја вратиме довербата во судскиот систем во Република Македонија, како ќе ја убедиме Европската Комисија дека сме направиле чекор напред во реформата на судството?! 

Едноставно, со вакви Судски Одлуки нема начин тоа да го сториме. Правдата и правото и натаму ќе биде недостапно за граѓаните кои не можат да платат ниту судска такса, а камо ли да ангажираат адвокат...и не мора тоа да бидат адвокатите што ги бранеа двајцата премиери, говорам за било кој адвокат, макар и почетник.

Една од клучните домашни задачи како претпоставка за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, беше токму реформата на правосудниот систем и владеењето на правото подеднакво за сите.

Европските претставници во Република Македонија будно следат што се случува на тој план, бележат и информираат. После вакви скандалозни Одлуки на Судот, баш се прашувам каков ли ќе биде третиот Извештај на д-р Рајнхард Прибе?! Убеден сум, не многу поразличен од оние два претходни.

За крај, во земја со сериозен правосуден систем, со сериозни институции, со институции што имаат интегритет, на потег би бил Судскиот совет (кој наеднаш се изгуби од јавната сцена), Јавното обвинителство, или двете институции заедно, кои би требало под лупа да ги стават сите три можни верзии за донесените Судски одлуки, бидејќи повеќе од сигурно не станува збор за "правен превид", уште помалку за не познавање на правото или за правна неписменост. 

Ова особено што станува збор за лице судено и осудено за исто дело; за лице носител на  функција која ја добил со гласовите од граѓаните на непосредни избори; за лице кое покрај тоа што извршувал јавна функција - градоначалник на Ново Село, се бавел со семеен бизнис - шверц со цигари (не со производство на ајвар, барем така велат надлежните); за лице кое е во блиски врски со премиерот на Република Македонија и прв човек на телото за имплементација на реформите во правосудниот систем, што во секој случај, освен последната, претставуваат отежнителни околности.

Ќе се најде ли јунак во Судскиот совет или во Јавното обвинителство да се позанимава со ова прашање...не мислам, туку знам дека уште долго, навистина долго таков јунак нема да видиме, а без такво јуначиште ниту преговорите со ЕУ уште долго време не ќе можеме да ги започнеме, бидејќи излегува дека секоја власт ги повторува истите грешки од минатото и владеењето на правото го толкува како владеење на партијата, на властелините или на партиите на власт. 

Разликата во тоа е како господ и шеширџија...кој во тоа што го работи никако да направи нешто што би личело на шешир. 

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок