21 Април, 2018
0.0990

Ќе прерасне ли притворот од мерка во казна?

Објавено во: Колумни 28 Декември, 2017

Лицата кои од Јавното обвинителство се осомничени за злосторничко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со крававите инциденти во Собранието на 27 април повторно се соочија со изрекување на најтешката мерка за обезбедување - притвор во траење од 30 дена. 

На 29 лица Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје им го продолжи притворот од кои повеќето се наоѓаат во истражниот затвор Шутка додека пак на четворица го прифати предлогот на Јавното обвинителство за продолжување на мерката куќен притвор. Вкупно 23 лица се во ефективен притвор и тие веќе поминаа 30 дена во Шутка. Исто така обвинителството за две лица побарало наместо ефективен притвор мерката да се преиначи во куќен притвор што е прифатено од страна на судот. За овие решенија дозволен е рок на жалба од 48 часа кој странките може да го поднесат до Апелациониот суд. 

Сега на сцена ќе стапи одбраната на осомничените кои може да приложат повеќе аргументи дека нивните клиенти се неосновано во притвор, односно дека нивното присуство во текот на кривичната постапка може да се обезбеди и со други и поблаги мерки. 

Во прирачникот за определување на притвор кој е изработен од страна на еминентни правни имиња од Македонија како Гордана Бужаровска, Маргарита Цаца Николовска, Агим Мифтари и Јани Нича дека треба да постојат три услови за одредување на оваа мерка меѓу кои ако осомничениот се крие или има околности кои укажуваат на можно бегство, основан страв дека ќе влијае врз сведоците, соучесниците или нарачателите, дека ќе влијае врз доказите и постапката и ако го повтори или доврши делото. 

Засега од ЈОРМ нема конкретни информации за тоа во која фаза е истрагата, дали се прибавени сите докази, дали се сослушани сите осомничени и сведоци, дали се применуваат други истражни дејствија кои би го комплетирале случајот и на некој начин продолжува да работи како и претходно, прилично затворено без многу „помпа“ пред медиумите како на пример што тоа го прави СЈО кои откриваат детални шеми за секоја истрага и дејствијата кои се предмет на нивен сомнеж. 

Мора да потсетиме и дека долги години набљудувачките мисии како таа на ОБСЕ при што е изработен и потенцираниот прирачник секогаш истакнуваа дека мерката притвор во Македонија има ефект на казна бидејќи постојано обвинетелство ја бара од судиите, а тие практично и не се двоумат за да ја применат, освен во повеќето случаи кои ги водеше СЈО. Па дури и СЈО како институција која трпеше повеќе критки од политички партии не бараше директен притвор во сите случаи и согласно проценките бараше поширок дијапазон на мерки на обезбедување меѓу кои куќен притвор, редовно јавување, одземање пасоши и сл. 

Секако, оваа анализа нема намера да зазема ничија страна, ниту пак да врши било каков притисок врз правосудните органи, но мора да напоменеме дека правилата и законите се еднакви за сите, па така мерката притвор мора да биде апсолутно оправдана и базирана на одредбите од законот за кривична постапка, а не арбитрарна или пак како резултат на веќе воспоставена пракса за која апсолутни сите меѓународни правни и домашни фактори се сложни дека се злоупотребуваше во минатото. 

Од оваа перспектива 60 дневен ефективен притвор можеби и не е премногу ако тоа се базира на потребите на истрагата, но многу скоро ќе се зголемува притисокот на јавноста, особено во ситуација која не сите ги имаат сите аргументи кои се валидни пред себе. 

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Дали и треба на Украина уште и верска војна?

Дали и треба на Украина уште и верска војна?

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост