Ќе поевтини овошјето, оризот, гравот со одлука на Владата
Објавено во: Економија 12 Септември, 2024
Министерот за економија Бесар Дурмиши денеска спомена некои производи кои ќе поевтинат во рамки на есенската потрошувачка кошничка што ја подготвува Владата како мерка против инфлацијата.
„Овошје, ориз, грав итн, сите производи кои сега се поважни за граѓаните во есенскиот период“, рече денеска Дурмиши и дополни дека на 28 септември започнува примената на Законот за нефер трговски практики без одложување, бидејжи како што рече тој, добавувачите и трговците имале доволно време да се подготват.
Владата подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат. Кошничката со околу 100 прехранбени производи треба да биде изготвена до петок. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, граѓаните може да очекуваат и пролетна кошничка.
Според Министерството за економија, Работната група во која има членови од министерствата за економија, земјоделство и финансии, ќе направи симулација за ограничување на цените или на маржите. Ќе се направат пресметки со намалување на маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или замрзнување на цените на одредено ниво. Симулацијата треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка.
Предлогот и симулацијата на есенската потрошувачка кошничка ќе биде доставена до Владата на следната седница и ќе се донесе одлука за намалување на цените на овие основни прехранбени производи.