28 Март, 2024
0.0373

ЌЕ ИМА ЛИ ДОВОЛНО МЕД: Каква година очекуваат пчеларите?

Објавено во: Агробизнис 01 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Прогнозите за тоа дали годината ќе биде медоносна се различни во различни краеви на Македонија.

Подобра година и повеќе мед од лани, очекуваат струшките пчелари.

Шефит Шемшедини, претседател на Здружението на пчелари „Матица“ од Струга вели дека годинава треба да имаат добар принос по кошница.

„Прво времето беше лошо, но во потоа се поправи и сега чекаме да видиме каков ќе биде месец јули. Ќе имаме подобра година од лани. Во Струга има 240 пчелари кои имаат по 30 кошници со пчели, а има и многу други кои се со помал број на кошници или сандаци со пчели. Јас лично имам 80 сандаци со пчели“, вели тој.

Горан Митевски, претседател на Здружението на пчелари „Пчела“ од Куманово вели дека од село до село во кумановско има разлика. 

„Некои од пчеларите со кои сум во контакт се фалат дека оваа година ќе биде рекордна, а други стискаат рамења. Многу е неблагодарно да се каже затоа што уште не сме почнале да вадиме мед. До 30 мај временските услови беа катастрофа, а од 1 јуни веќе времето се поправи и имаше „експлозија“ во природата. Бериќетот, односно медот ќе го мериме наесен и тогаш ќе може поконкретно да зборуваме за оваа сезона“, вели тој. 

Бранко Тасевски кој со децении се занимава со одгледување на пчели, очекува оваа година да биде медоносна. Смета дека по неколку лоши години, годинава пчеларите ќе бидат наградени со доволно мед.

„Годинава ќе имам добар принос, и очекувам 20 килограми по кошница. Но, сѐ зависи од тоа кој како ги одгледувал пчелите. Годината почна лошо, март беше сушен, немаше дожд, моравме да ги прехрануваме пчелите, но потоа природата направи чуда. Во природата сега има влага, и во кошниците има и затоа е добро медот да „одлежи“, па потоа да се вади. На 15 јули ќе знаеме како сме поминале годинава кога ќе почне да се вади медот. За пчеларите 1 август е Нова година, затоа што тоа што било поминало, годината завршила, се вади медот и почнува зазимување“, вели Тасевски кој има 110 кошници во кумановско.

Ванчо Кировски од Кочани вели дека оваа година во нивниот крај ќе биде просечна или за нијанса полоша од лани, и додава дека колку мед ќе соберат пчеларите зависи од временските услови. За нив е добро да има дождови повремено, но да бидат тоа топли дождови, да нема студен северен ветер.

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи