24 Април, 2024
0.0257

Ќе го оди Украина македонскиот пат до ЕУ

Објавено во: Колумни 18 Јули, 2022

Добивај вести на Viber

Пред неполн месец Украина заедно со Молдавија го доби долго очекуваниот статус, кандидат за членство во Европската Унија. За кандидат беше пријавена и Грузија, но неа не и дадоа членство, туку ја означија како земја со европска перспектива. И за Украина и за Молдавија беа прерипнати некои барања кои беа задолжителни за други држави, како на пример Македонија, за да добијат кандидатски статус. Очигледно војната си го направи своето. Но ако за Украина тоа беше направено за неколку месеци, за Македонија требаше да поминат четири години. А во меѓувреме да исполни редица барања.

 Парламентот во Скопје завчера го усвои францускиот предлог за почеток на македонските преговори со ЕУ, а тоа значи одење по нови маки на кој сега не им се гледа крајот. Ако ние претпоставуваме што не’ чека на тој пат, се создава впечаток дека Украинците се се’ уште во еуфорија од кандидатскиот статус, па лицитираат со полноправно членство  по две, пет до осум години.

Ние за почеток на преговорите чекаме 17 години, кој знае колку ќе чекаат Украинците од причина што и тие се во ситуација како Македонија. Допрва ќе видат што значи да си во ЕУ, а од тебе да зависи дали ќе му помогнеш на соседот и тој да стане член. И таму има премногу историја, премногу национализам, премногу етнички барања...

Украина новиот статус го доби во пакет со список услови кои што треба да се исполнат за да се премине кон новата етапа – преговори за евроинтеграции. Украинците барањето за кандидатски статус го направија само неколку денови по почетокот на руската инвазија. Се разбира со поттик од ЕУ. Украинскиот претседател Владимир Зеленски тогаш изјави дека очекува во новонастанатите услови присоединување кон Унијата по специјална процедура. Во март Европскиот парламент го поддржа давањето статус на Украина – кандидат, а на неформалниот самит на европските лидери во Версај беше донесено решението кое дава гаранција дека Украина ќе стане член на ЕУ. Кога? Кога ќе дојде време. На 17 јуни ЕК препорача на Украина да и се даде кандидатски статус со неколкуте услови за почеток на преговори. Првиот човек на ЕК Урсула фон дер Лајен објавувајќи го решението за Украина напиша на Твитер:„ Украинците се подготвени да умрат за европската перспектива. Ние сакаме тие заедно со нас да ја живеат европската мечта“.

ЕВРОПСКИ ПРОМОТОРИ НА УКРАИНА

 Пред давањето статус кандидат за членство, во Украина имаше скепса, дека некои држави, Холандија, Данска, Португалија, Австрија, па и главните Германија, Франција и Италија, нема лесно да се согласат со барањето на Украинците. Но се’ се промени кога тројцата лидери на Германија, Италија и Франција, Олаф Шолц, Марио Драги и Емануел Макрон, и романскиот претседател Клаус Јоханис, заедно допатуваа во Киев. Токму овие политичари беа главните промотори на Украина во добивањето кандидатски статус за ЕУ.

За да не личи се’ на протекција, Европската комисија и препорача на Украина да прифати и да вгради разни законски, кадровски, добрососедски решенија. Па така  изборот на судии во Уставниот суд законски да биде врз основа на оценка на нивната добросовесност и професионални квалитети во согласност со препораките на Венецијанската комисија. Да ја заврши проверката на добросовесност на кандидатите за членови на Високиот совет за правда, на Советот за етика и изборот на кандидати во составот на други судски органи. Украина треба да обезбеди натамошно засилување на борбата со корупцијата, посебно на високо ниво, со посредство на предупредувачки и ефикасни истраги. Треба да се заврши назначувањето на новиот раководител на Специјалното антикорупциско обвинителство, зашто победникот на конкурсот е познат, но таа работа се одолговлекува.. Треба да се избере нов директор на Националното антикорупциско биро на Украина. Исто така и да се донесат соодветни закони за спречување перење на пари, според европските стандарди. Исто така и да се донесе сеопфатен план за реформа на целиот правозаштитен сектор како дел од системот за безбедност на Украина.

Потребно е вградување на Законот против олигарсите на начин со кој ќе се ограничи претераното влијание на олигарсите врз политичкиот, економскиот и општествениот живот. И ова треба да се направи имајќи ги предвид очекуваните забелешки од Венецијанската комисија, каде што Законот е пратен поодамна. Украина ќе треба да поведе борба со лукративните интереси носејќи закон за медиуми, кој ќе го усогласи украинското законодавство со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги и да с дадат овластувања на независен регулатор на медиумите. Ќе мора да се заврши и реформата за правната основа за националните малцинства која се подготвува во согласност со препораките на Венецијанската комисија и да се донесат итни и ефикасни механизми за реализација. Сите овие барања треба да се исполнат до крајот на годинава. Претседателот Зеленски вчера повика под итно да се назначи првиот човек на Специјалното антикорупциско обвинителство и да се распише конкурс за прв човек на Националното антикорупциско биро.

ИНТЕГРАЦИЈА ВО 2030 ГОДИНА

Некои во Украина сметаат дека сето погоре може да се спроведе до крајот на годинава и Украина да бара почеток на преговорите! Во решението од Самитот на ЕУ се вели дека Европската комисија ќе го информира Европскиот совет за исполнување на дадените услови. Натамошните чекори Советот ќе ги одреди  после исполнувањето на сите услови.

Сергеј Сидоренко, украински новинар од „Европска правда“ смета дека во сегашната ситуација, кога периодично се јавуваат спорови со Унгарија, членка на ЕУ, „Украина не треба да се споредува со Северна Македонија. Прво, можен е компромис, а второ спорот околу јазичниот закон„ се политички интересни“ за сегашниот унгарски премиер Виктор Орбан, заради „потпалување“ на електоратот“. Што се однесува до роковите, Сидоренко смета дека оценката на исполнување на условите која ќе треба да ја даде ЕК до крајот на годинава, нема да биде последна. Зашто за некои закони, на пример за национални малцинства, ќе требаат месеци. Најоптимистичко сценарио за него е да се добие датум за преговори на јунскиот самит на Унијата во 2023 година. Но за тоа се потребни предуслови, не само исполнување на барањата на Унијата. Според Сидоренко, главно е дотогаш да заврши активната фаза на војната, да се укине воената состојба, најмалку во Киев и на поголем дел од територијата на земјата. „Официјално, вакво барање не е покренато, но во практиката без него многу малку е реален почетокот на преговорите“, смета Сидоренко.

Извори на „Европска правда“ во ЕУ сметаат дека процесот на интегрирање на Украина во ЕУ може да заврши до 2030 година. Амбициозна, но реална цел. Овие рокови не зависат од Украина, тоа го знаеме и ние. Но Сидоренко се надева дека пред проширувањето на ЕУ, може да се реализираат намерите на некои членки, за реформирање на Унијата. Тоа значи откажување од принципот на единство во полза на квалификувано мнозинство при носење на решенија на ниво на ЕУ. „После тоа Унијата може да направи бран од проширување со кој може да биде опфатена и Украина“, се надева Сидоренко.

НАЦИОНАЛНО ВЕТО

Околу ова прашање вчера одново се јави германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој се заложи против принципот на едногласност во надворешно политичките решенија во Унијата. Европската Унија повеќе не може да си дозволи поединечни членки да „инвестираат национално вето“ од себични причини кога одлучуваат за својата надворешна и безбедносна политика, доколку сака да ја задржи водечката улога во глобалната политика, изјави германскиот канцелар Шолц. „Поради „војната на Москва во Украина“, Европа мора да се обедини што е можно поскоро, а тоа го зголемува притисокот да се стави крај на „себичните блокади“ на европските одлуки од страна на одделни земји-членки“, вели Шолц во колумна објавена денеска од весникот „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“, а пренесува „Ројтерс. „Едноставно повеќе не можеме да си дозволиме национално вето, на пример во надворешната политика, ако сакаме конкурентните големи сили да продолжат да не почитуваат“, додаде тој.

Но влезот на Украина во ЕУ ќе зависи и од односот на членките на ЕУ, особено нејзините соседи. Сидоренко ја спомна Унгарија, но од закон за малцинствата работите можат да се изнедрат и во нешто друго. Како кај нас со Бугарија. Веќе имаше унгарски блокади за Украина во НАТО. Украинскиот секретар на Советот за безбедност Алексеј Данилов ја обвини Унгарија дека имала планови за освојување на делови од Украина. И тоа паралелно со спроведувањето на руската воена операција. Официјална Унгарија ги отфрли тие наводи и истакна дека Данилов лаже.

Пред една година украински генерал, Василиј Вовк, поранешен прв човек на Управата за истраги при Службата за безбедност на Украина, сметаше дека некои соседни држави сакаат да земат дел од украинската територија. Во едно интервју, околу давањето на федерален статус на Доњецк и Луганск, тој истакна дека во таков случај такви процеси ќе почнат на западот од Украина, а Полска и Романија и други земји чекаат подобен момент за реализација на своите планови за присвојување украинска територија.  Пред пет години незадоволство од украинскиот закон за образование изрази и Бугарија! Тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Катерина Захарова даде изјава според која заедно со своите колеги од Унгарија, Романија и Грција потпишале писмо-предупредување за тоа дека новиот украински закон за образование може да ги засегне правата на малцинствата.

ПОЛСКА БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД УКРАИНА

Во сите овие барања или предупредувања, објективно доколку сака најјака е Полска. Историјата на двете држави го потврдила тоа. И на патот во ЕУ Украина ќе мора да голтне и полска историја. Пред некој ден полскиот претседател Анджеј Дуда, кој е најголем заговорник за помош на Украина, на одбележувањето на сеќавањето од „Волинскиот колеж“ изјави дека Полјаците нема да им се осветуваат на Украинците за тие настани од далечното минато, но го повика Киев да го признае фактот на колежот. Да признае одговорност. „Ние со болка нагласуваме дека тоа беше направено од соседите...Тоа е историски факт, неспорен, не е измислен или легенда во која има само зрнце вистина“ рече Дуда.

За Појаците тој историски настан е геноцид. „Волинскиот колеж“ од 1943 година се масовни убиства на полско население од страна на воените формации на украинските националисти кои соработуваа со германските фашисти. Официјалната историографија на  Украина тоа не го признава и изјавува дека во тоа време на подрачјето на Волин имало масовни убиства од двете страни. Полјаците не сакаат да чујат ниту за украинскиот националист Степан Бандера. А во Украина во изминативе години тој и неговите соработници се ставени на пиедестал на национални херои. Ќе има проблеми Зеленски или некој друг да расчисти со сопствените националисти околу полските барања. Се разбира ако сака мирен пат на Украина во Унијата.

За надминување на сето ова веќе се јавуваат експерти со предлози. Формирање на историски комисии. Па така Лукаш Адамски од Центарот за дијалог „Јулиуш Мерошевски“ од Полска, повикува на професионален историски дијалог, пред се’ интелектуален, за настаните во Волин.  Адамски вели:„ Пред се треба да ги разгледаме критериумите за оценување на минатото врз основа на кои ќе судиме за него, а потоа да направиме заеднички препораки како ќе ги користиме за сестрана карактеристика на конфликтните прашања...“ Па почнува со прашањата навраќајќи од 1918/19  година, па настани меѓу двете светски војни, па Волин, па повоени, па извлекување урок од односите меѓу 2014 и 2019 кога расте украинскиот национализам...Потоа тој предлага преразгледување учебни програми за историја, литература, па укажува на опасноста од политичарите десничари во тие расправи... Го спомнува неодамна сменетиот украински амбасадор во Берлин Андреј Мељник, кој го бранеше Бандера во едно интервју, и кој, според Адамски,  „дилетантски ја изедначуваше меѓувоена Полска со СССР“. Тој меѓу редови зборува за заедничка историја на Полска со Украина. За на крај да каже дека за се’ што ќе се работи политичарите треба да ги консултираат историчарите кои ја сфаќаат ранливоста на соседите.

Звучи многу познато. Овде не ги спомнувам руските реакции на украинската кандидатура за ЕУ. Доволен е фактот на војна. Не случајно канцеларот Шолц вчера изјави дека и да дојде до примирје санкциите ќе останат на сила доколку тоа се склучи според руски правила. Дали ова не значи дека војната е пред крај? А што станува во таков случај со кандидатурата на Украина за членство во ЕУ?  Ќе го оди таа македонскиот пат до ЕУ. Со такви соседи, кои намесго да помогнат, сакаат да грабаат, судбината е иста. Realpolitik.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок