Китаровиќ бара да се казни Шешељ, но нејасно е дали навистина го газел хрватското знаме?
Објавено во: Балкан 19 Април, 2018
Односите меѓу Хрватска и Србија сега се нарушени по инцидентот што го предизвикал радикалот Воислав Шешељ, вели хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ.
„Србија мора да утврди дали Шешељ навистина го сторил она што тврди дека го сторил. Ако се утврди дека навистина го газел знамето на Република Хрватска, тој треба да биде соодветно казнет. Санкцијата за такво дело во Србија е три месеци затвор или парична казна“ - изјави Китаровиќ.
Грабар Китаровиќ не знае кој му пренел на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека за време на неговиот престој во Хрватска било запалено српското знаме, велејќи дека таквата информација не е точна, а како што рече, тоа може да се потврди и од Амбасадата на Србија во Хрватска.
Хрватскиот портал „Индекс“ претходно објави дека од српското собрание на нивните новинари им рекле дека не постои снимка од наводниот инцидент на лидерот на радикалите, Воислав Шешељ, за време на вчерашната посетата на хрватската делегација.
Меѓутоа, во хрватската јавност и тамошните медиуми владее доза на скептичност за тоа како може ниту еден од хрватските и српските новинари кои вчера биле во српското собрание за време на посетата на хрватската делегација, да нема видеоснимка од наводното газење на хрватското знаме. Новинарите на „Индекс“ имале проблем да најдат и сведок кој би можел да потврди што се случувало со хрватското знаме.
Српската радикална партија тврди дека Шешељ во Собранието на Србија ја пцуел хрватската делегација и газел по државното знаме.
„Инцидентот со српскиот Воислав Шешешљ е црта преку која не може да се премине“- рекол претседателот на Хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ, по одлуката хрватската делегација да ја прекине посетата во Србија.