25 Април, 2024
0.0280

Кинезите ни го свртеа грбот во трговската размена

Објавено во: Анализа 04 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Во период кога Кина „го напаѓа“ регионот со инвестиции, Македонија бележи пад во трговската размена со најбројната земја на светот. Кина е единствена земја од нашите Топ-20 трговски партнери со која имаме негативен скор во вкупниот увоз и извоз досега во 2018-та во однос на истиот период лани.

Според денеска објавените статистички податоци, Кина е на осмото место на рангот на нашите најголеми трговски партнери. Во првите пет месеци од 2017 трговската размена со Кина изнесува 191,7 милиони евра, додека во истиот период од почеток на јануари до крајот на мај оваа година се забележани вкупен увоз и извоз од 184 милиони евра, што значи дека станува збор за намалување од минус 7,7 милиони евра.

Хронолошки овој пад се совпаѓа и со промената на власта во Македонија, која стапи на функција на крајот од минатогодишната пролет.

Радикално се намалува извозот на македонските производи кај гигантот од Далечниот исток од 32,3 милиони евра на 9,3 милиони евра, а интересно е тоа што пак од друга страна увозот останува стабилен со промена од 159,5 милиони евра на 174,7 милиони евра.

Кај сите други земји има зголемување на соработката. Кај Германија од 1,255 милијарди евра се зголемува на 1,434 милијарди евра, а до петтото место следуваат Британија од 316 на 364 милиони евра, Грција од 286 на 327 милиони, Србија од 271 на 284 милиони и Бугарија од 230 на 257 милиони. Кај сите земји расте и извозот и увозот.

И во преостанатите земји од Топ-20, освен Кина, има зголемување на вкупната размена, извозот и извозот. Пред Кина се уште Италија и Романија, а зад неа Турција, Белгија, Унгарија, Австрија, Полска, САД, Косово, Словенија, Шпанија, Хрватска, Холандија и Чешка.

Александар Кузмановски