16 Мај, 2021
0.0197

КАНАДСКА МАГНА ЌЕ ГРАДИ НОВА ФАБРИКА ВО ТИРЗ СТРУГА - Деспотовски вели: Договорот е потпишан

Објавено во: Економија 11 Април, 2021

Во првите три месеци од годинава се потпишани договори со три странски компании со вкупен износ од 50 милиони евра, а во тек се преговори за уште 15 нови инвестиции кои тежат 250 милиони евра. 

Канадската МАГНА која ќе гради нова фабрика во ТИРЗ Струга е третата нова инвестиција за годинава, и иако поради пандемијата нивните претставници го одложија доаѓањето, договорот сепак е потпишан, најави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

„Она што е важно е што самиот тек и реализацијата на инвестициите, не зависи од чинот на потпишувањата. Не робувам на сликање, важно ми е работите да се случуваат“, рече Деспотовски. 

Тој посочи дека во последните пет месеци успеале да поттикнат интерес кај петнаесет компании, дел од актуелните инвеститори, а дел се нови. 

„Тоа се инвестициски проекти кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и со кои се предвидува отворање на дополнителни 5.500 работни места. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата, што е чекор пред склучување на договор. Секоја работа сакам да ја водам со предизвик, амбиција, но и оптимизам кој се базира на реални бројки. Јас сум реален оптимист и можам да кажам дека годинава ќе биде позитивна“, изјави Деспотовски синоќа во „Тема на денот“ на Сител телевизија. 

Деспотовски истакна дека пандемијата покажа дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас, поради што ТИРЗ ја менува политиката и се отвора кон привлекување инвестиции и од другите сектори. 

Тој потенцираше дека две од компаниите со кои се разговара се од фармацевтската индустрија, која како што рече, носи и поголема додадена вредност – повеќе средства во буџетот и повисоки плати. 

„Едната е инвестиција во 9 цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Ако го задржиме трендот, а имаме амбициозна агенда и амбициозен работен план којшто веќе го реализираме, слободно можам да кажам дека во мојот тековен мандат можеме да стигнеме и до 1 милијарди инвестиции во ТИРЗ. Исто толку е направено за 20 години, а ние целиме да го направиме за 4. Наша цел се и нови работни места, па ако за 20 години се отворени 14.000, во следните 3 години оваа бројка двојно да ја зголемиме. Јас верувам дека овие бројки се достижни“, нагласи Деспотовски. 

ТИРЗ воведе нов индивидуализиран пакет на државна помош и креира нови политики за привлекување на инвеститори врз основа на бројки и анализи кои постојано се прават и кои се базираат на фактот за кој период државата ќе си ги врати парите што ќе ги вложи, како и колку работни места ќе се отворат и колкави плати ќе им се исплаќаат на вработените. 

„Продолжувањето на политиката на привлекување на инвеститори врз база на евтина работна сила кај нас креира системска сиромаштија. Можеби пред 15 години тоа било оправдано, меѓутоа од денешна перспективна тоа не е повеќе доволно. Нашата политика е дека инвеститорите кои ќе дојдат, достоинствено ќе ги платат луѓето“, рече Деспотовски. 

Инаку во 2020 година, и покрај пандемијата, компаниите во ТИР зоните имаат позитивни економски резултати, стабилен број на вработени и раст на платите од 2 отсто, како и зголемена уплата во државниот буџет, покажува првичната годишна анализа. Компаниите вкупно уплатиле во буџетот околу 40 милиони евра во 2020 година што е за 90 отсто повеќе од дадената државна помош за истиот период. 

„Во државниот буџет за 2020 останале 30 милиони евра како разлика од она што е приходувано и она што е реално исплатено. Тоа се повеќе пари за пензии, јавно здравство, образование, инфраструктура. Веќе работиме на посебни механизми за поттик на инвеститорите што побрзо да ја искористат помошта и да почнат да уплаќаат повеќе пари во државниот буџет. Поддршката на државата на инвеститорите е и поддршка на десетици илјади наши сограѓани низ целата земја“, нагласи Деспотовски.

Можеби ќе ве интересира

ЕДЕН РЕГИОН, ЕДНА ЕКОНОМИЈА

ЕДЕН РЕГИОН, ЕДНА ЕКОНОМИЈА

Бугарите штедат и во време на пандемија

Бугарите штедат и во време на пандемија

Иако е во сенка на златото, цената на среброто забрзано расте

Иако е во сенка на златото, цената на среброто забрзано расте

Хрватска ги отвора вратите за сезонците, можете да заработите до 1.200 евра

Хрватска ги отвора вратите за сезонците, можете да заработите до 1.200 евра

Мизо: Ризици постојат, ќе има зголемување, но тоа ќе биде далеку од онаа состојба во 2019 година

Мизо: Ризици постојат, ќе има зголемување, но тоа ќе биде далеку од онаа состојба во 2019 година

Советникот на Заев, Александар Обрадовиќ, поставен за директор на ЕЛЕМ Трејд

Советникот на Заев, Александар Обрадовиќ, поставен за директор на ЕЛЕМ Трејд

Кој му плати на Туџаров 440.000 евра: Првиот човек на Реплек продава акции од компанијата

Кој му плати на Туџаров 440.000 евра: Првиот човек на Реплек продава акции од компанијата

АНА-МПА: Заев со успешни средби со Хеленик Петролеум, нафтоводот може да се активира на лето

АНА-МПА: Заев со успешни средби со Хеленик Петролеум, нафтоводот може да се активира на лето

Државата почна да му ја исплаќа А1 Арена „Борис Трајковски“ на Град Скопје, платена првата рата од милион евра

Државата почна да му ја исплаќа А1 Арена „Борис Трајковски“ на Град Скопје, платена првата рата од милион евра