20 Април, 2024
0.0250

Калето се јави! Навистина се јави!

Објавено во: Колумни 11 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Или, покоректно, Бајден се јави, навистина се јави! Свежо избраниот претседател на САД, Џо Бајден издаде декрет за земјите од Западниот Балкан со кој им се наложува на сојузните власти да ги стават на црна листа сите лица кои работат против клучните договори во регионот. Ова е јасна порака од перспективата на САД: се враќаме на Балканот и во регионите кои се од стратешки интерес за САД. Но, оваа извршна наредба на Бајден е и во еден поширок контекст. Имено, првото патување на Бајден, откако стапи на должност, ќе му биде Европа: да ги собере своите традиционални партнери и „лидери“ на демократскиот свет во борба против кинеското и руското влијание. И во сите предизвици, САД ќе го „води светот од позиција на моќ“ – како што изјави самиот Бајден, пред патувањето во Европа каде од 10-16 јуни ќе учествува на самитот на Г7, НАТО и ЕУ, а на крајот од турнејата во Швајцарија ќе се сретне и лично со Путин.

Прилично амбициозно и возбудливо, би рекле. Геополитичките игри се вжештуваат. Ќе ги прекројуваат ли сферите на влијание најмоќните на планетата? Што во таа насока ќе договорат Путин и Бајден при средбата? И конечно, ќе се согласи ли Европа со планот на Бајден да се спротивстави на влијанието на Русија и Кина, особено, имајќи го во вид веќе длабокото економско влијание кое го врши Кина, дури и во некои европски земји, долгогодишни сојузници на САД!? Ќе се откажат ли некои европски земји туку-така од кинеските и руските бенефиции? Иста ли е оваа Европа, без Британија и со Франција и Германија кои се борат за место под сонцето? Сите овие прашања чекаат одговори, за да видиме каде ќе се движи светот во деновите, месеците, а можеби и во годините што следат. Ова секако нè засега и нас. Особено што непосредно пред оваа турнеја, како што видовме, излезе таа фамозна наредба во која се повика на почитување на сите договори на кои САД се покровители.

Ова секако значи дека со ова САД сакаат да покажат дека не само што биле главни во времето кога се создаваше Дејтонскиот договор, кога се носеше Резолуцијата 1244 за Косово, кога се потпишуваше Охридскиот рамковен договор и последниот Преспанскиот, туку дека и денес САД сè уште се главните играчи во регионот. Со други зборови: „ние го создадовме ваков регионот, ние ваков ќе го одржуваме“! И да, токму ваков им треба регионот. Каков, прашувате? Па со Дејтонска Босна како failedstate, со нерешен статус на Косово, со Резолуција 1244 која самите тие први ја прекршија и која сега повикуваат да се почитува, со етно-трибализирана рамковна Македонија, пардон Северна после Преспанскиот...со корумпирана, но во НАТО „стабилизирана“ Црна Гора... и со Србија која токму со последните потези американците сакаат да „ја решат.“ И со темпираната бомба Република Српска.

Погледнете било каде, во било кој дел од светот каде што „стабилизирале“ американците и ќе го видите истиот терк: региони кои вечно еквилибрираат помеѓу стабилноста и нестабилноста, но важно под американска контрола! Тоа е едноставниот рецепт на чичко Сем во нивното меѓународно владеење: слаби, полураспаднати држави, нефункционални институции, неодржливи хибридни системи (полуграѓански, полуплеменски), длабоко корумпирани политичари со силно изразена вазалска свест. Ним совршено им е сеедно кој сте, што сте и особено зошто сте. Вие сте само „регион“, вие сте сфера на интерес и влијание. Сè додека сте мирни - до тогаш до кога им треба да сте мирни. Сè додека има потенцијал за конфликт (кои тие го вградуваат како темпирана бомба) - за тогаш кога ќе им затреба конфликт. Сè додека сте само средство за нивниот интерес – независно од вашиот интерес. Ним совршено им е сеедно дали сте северна, јужна или западна, дали сте Македонци, Албанци или Срби... вие сте само дел од географската карта која тие ја контролираат.

Кога слоновитесеборат, тревата е таа што страда. Јасно е дека ние не сме слоновите, секако. Но, она што во овие констелации исто така е јасно, е дека едниот од слоновите не е истиот од времето на Дејтон или од времето на Резолуцијата 1244. Дека тоа не е истиот слон, евидентно е од самиот манир и тон на бајденовата дипломатија. Гласни се, заканувачки, условувачки, уценувачки! Тоа не е тон и дипломатски манир на силен слон, ќе се согласите!? Тоа е манир на слон кој чувствува дека не е во најдобрите години и во најбујната сила. Силните не галамат толку, зарем не!? Силниот нема потреба да вика, едноставно доаѓа, ви врзува два шамара молчешкум и ја завршува работата.

И тоа е она што во случајов чинам дека е загрижувачко. Загрижувачки е, скоро со голо око видливиот факт, дека империјата има сериозна конкуренција и дека не е апсолутен доминус. Загрижувачки е фактот што империјата сè уште мисли дека во Западен Балкан (читај екс-Ју+Албанија), сè уште се 90-тите години, кога Русија беше во нокдаун, кога Кина едвај се наѕираше на светското политичко небо и кога Европа го сонуваше својот идиличен сон за силна, обединета Европа под единствено американско влијание. И американците го поставуваат истиот мизансцен, надевајќи се на истата претстава. Нема да откријам топла вода, а се надевам и дека нема да бидам ставен на црната листа, ако ја констатирам едноставната вистина - светот повеќе не е униполарен, ами мултиполарен. Оваа констатација за мултиполарноста на денешниот свет, во земји како Македонија, може да звучи дури и како недопустлива бласфемија, но тоа не го менува фактот дека тоа навистина е така. Светот е мултиполарен, а едниот од слоновите се однесува како да е сам на тревникот. Јас само се надевам дека распределбата на тревниците ќе биде мирна, а дека ние сме ја избрале вистинската страна.

Трајче Стојанов

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок