28 Март, 2024
0.0244

Какви последици остава перењето пари врз националната економија

Објавено во: Колумни 17 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Перењето пари, како феномен од глобални размери, предизвикува низа проблеми со кои мора да се соочи секоја држава, односно секоја национална економија. Карактеристично за перењето пари е тоа што не ги засега само институциите на системот и деловните субјекти, туку  влијае и врз секојдневниот живот на обичните граѓани. Перењето пари може да ги остави следните последици врз една национална економија:

а) ширење на девијантните појави во општеството;

б) стимулирање на даночната евазија;

в) намалување на куповната моќ на граѓаните;

г) нелојална конкуренција помеѓу чесните компании и субјектите коишто перат пари.

Перењето пари доведува до ширење на девијантните појави во општеството. Познато е дека најчести извори на финансиски средства на перачите на пари претставуваат трговијата со дрога, оружје, бело робје итн. Доколку криминалните групи коишто се занимаваат со овие недозволени активности успеат да ги исперат парите преку финансиските институции, тие ќе поседуваат легитимни финансиски средства. Со оглед на тоа што овие криминални групи се занимаваат со различни видови криминал, може да се очекува тие средства да бидат повторно насоченикон нелегални активности. Доколку системот на една земја поради своите слабости го прави перењето пари лесно изводливо, ширењето и омасовувањето на девијантните појави е неминовно. Уште повеќе, таа земја може да привлече криминалци и од други земји каде што се посветува поголемо внимание на спречувањето на перење пари. На тој начин, покрај ширење на девијантните појави, може да дојде и до целосна парализа на институциите на системот.

Перењето пари е тесно поврзано со даночната евазија. Имено, криминалните групи коишто се стремат кон максимизирање на својот профит, настојуваат своите активности или своите финансиски средства да ги насочат кон оние средини кои се познати како „даночен рај". На тој начин, перачите на пари имаат двојна корист. Избегнуваат плаќање на данок и ги внесуваат „нечистите" пари во системот на финансиски институции. По завршувањето на целиот процес на перење пари (пласман, прикривање и интеграција), истите раполагаат со легални и неоданочени финансиски средства со коишто уште повеќе ја зацврстуваат својата моќ. Оштетенисе државата и нејзиниот буџет, како и граѓаните кои се соочуваат со ограничена јавна потрошувачка и ограничено функционирање на институциите на системот.

Познато е дека перењето пари е присутно во т.н. "cash economies", односно во оние национални економии каде што доминира плаќањето со готови пари. Готовинските плаќања одат во прилог на развојот на сивата економија, а перењето пари е нејзин составен дел. Големото количество на пари во оптек и растот на сивата економија влијаат врз порастот на побарувачката за одредени производи и услуги, а тоа доведува до пораст на цените на тие добра. На тој начин, граѓаните потешко можат да дојдат до производите и услугите што им се потребни и се повеќе стануваат зависни од темпото и начинот на живот што ги диктира сивата економија.

Конкуренцијата е едно од клучните прашања во функционирањето на современиот деловен свет. Таа подразбира почитување на одредени норми и деловни обичаи, односно почитување на одредени пишани и непишани правила на игра. Во случај кога одредени субјекти на еден или друг начин вршат перење пари, таа појава доведува до нелојална конкуренција. Имено, тие субјекти работат со средства кои доаѓаат од нелегални извори (дрога, оружје итн.). Овие средства кои се неоданочени претставуваат поевтин извор за финансирање на деловната активност, во споредба со средствата што имаат легитимен извор. На тој начин, субјектите што перат пари уште на стартот имаат предност. Доколку средствата од нелегален извор бидат испрани преку системот на финансиски институции, тие можат да бидат инвестирани во легитимна деловна активност. Со оглед на почетната предност, перачите на пари се во позиција да остварат подобри резултати од компаниите коишто работат на легален начин.

   д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?