28 Март, 2024
0.0274

Какви ќе бидат ефектите од феноменот Курти во Македонија, може ли очекуваме екстрадиција за „Монструм“?

Објавено во: Анализа 18 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Феноменот Курти повторно се покажа како една од најдинамичните политички сили на Балканот. Движењето „Самоопределување“ убедливо победи на последните избори во Косово, со јасни сигнали и за опозициските движења на Албанците во Македонија и Албанија. Албин Курти внесе голема надеж на Косово, вети бескомпромисна битка со корупцијата, надминување на наследството на Тачи и Харадинај, но со неколку негови изјави предизвика и загриженост што точно замислува под „приближување“ кон Албанија, особено ако овие теми се стават во контекст на вечните балкански духови на „големите држави“. Секако, за македонската јавност неколку прашања за клучни. Нашиот сосед на северот има нерешен спор со Србија при што од многу дипломатски кулоари излегуваат непредвидливи решенија како размена на територии, но Курти засега посочува дека дијалогот со Белград нема да биде топ приоритет, туку решавање на внатрешните состојби. Исто така за нас се важни и насоките на Курти при идната соработка со Македонија и подобрување на односите на сите полиња, вклучувајќи го и прашањето за екстрадиција на обвинетите од случајот Монструм.

Фактор: Албин Курти и движењето „Самоопределување“ постигнаа можеби историска победа на изборите во Косово и покрај тоа што пред речиси една година беше изгласана недоверба на Владата. Што ги одбележа овие избори во Косово и ќе може ли Курти комотно да ја формира новата Влада, анализираме со новинарот Дестан Јонузи и Блерим Хисени политички аналитичар.

„Изгласувањето недоверба пред една година, е главниот адут што Курти на годинешниве парламентарни избори на Косово освои убедлива и историска победа. Дури и историскиот водач на Косово по војната во 1999 и наваму не успел да издејствува ваква голема победа. Недовербата на 50 дневата Влада на Курти во 2020 година му нанесе само штета на неговиот коалициски партнер Демократска Лига (партијата на покојниот Ибрахим Ругова). Зошто? По недовербата на владата главниот лик што беше и кандидат за премиер на Демократската Лига, Вјоса Османи остана на чело на Косовскиот парламент, и ги затопли односите со Курти. По завршување на Хашим Тачи во ќелите на Специјалното Обвинителство и неговата оставка Османи стана и В.Д Претседател на Косово. Токму зближувањето на Курти и Османи, но и перцепцијата на косовските граѓани дека недовербата на Владата во 2020 године беше неоправдана, придонесе за историската победа на Курти на овие избори. Освен Вјоса Османи, важен фактор за победата на Курти е и мобилизацијата на косовската дијаспора, но и перцепцијата на граѓаните дека досегашните елити економски и политички го упропастија Косово. Левичарот Курти играше на картата на борба против корупцијата, судирот меѓу старото и новото (генерациски судир) како и ветувањето за подобар живот и дека дијалогот со Србија во неговата агенда е шеста точка, додека приоритет е социјалната и економската преродба“ смета Јонузи.

Според Хисени карактеристично за последните избори на Косово е создадената атмосфера за убедлива победа на движењето „Самоопределување“, што дојде како резултат на првите случувања пред една година во Косово каде неправедно иако Курти беше победник на изборите не успеа да владее на Косово повеќе од 52 дена.

„Ова во голема мера ги вознемири граѓаните на Косово кои од гнев се мобилизираа, излегоа и гласаа плебисцитарно за Курти. Можеби Курти нема да формира влада како единствен субјект и ова се должи на неговото ветување дека Вјоса Османи, која ја напушти Демократската Лига на Косово и е во коалиција со Самоопределување, е ветениот кандидат за претседател на Косово и дека тоа ќе го постигне Курти. За да се избера Вјоса за Претседател на Косово потребни се две третини во Собранието што ќе биде тешко да се обезбедат. Сепак, верувам дека во наредните денови ќе се расчисти сликата за политичките сили на Косово по изборите, како и за разјаснување на позициите на политичките субјекти“ вели Хисени.

Фактор: Што може да очекуваме од новата косовска Влада во поглед на односите со Македонија, останува прашањето за екстрадиција на обвинетите за случајот Монструм, поголема соработка за спречување на пограничниот организиран криминал и корупција, но и сериозни прашања за соработка во животната средина, трговската размена и продлабочување на културната размена?

„Политичките елити на Косово практикуват американска дипломатија во однос на надворешната политика. Според досегашната пракса тие без оглед кој е на власт не ги менуваат политиките во однос со соседите. Ни Курти нема да ја менува политичката соработка со Македонија, бидејќи освен што Косово има политички и економски интерес за соработка, Косово е признаена како држва од Македонија која меѓу првите ја призна нејзината државотворност. Во однос на Монструм, институционално се работи за екстрадиција, но процесот застана на Апелација. И од косовска и од македонска страна одговорија дека се разговара за случајот. Но, да се навратиме кај Курти, мислам дек тој ќе инсистира на нивна екстрадиција, имајќи ја в предвид големата поддршка и ветувањата дека ќе се ангажира целосно на случајот. Впрочем и во 50 дневното владење на Курти, тој го отворил и ова прашање на состанок со премиерот Заев“ оценува Јонузи.

„Верувам дека односите меѓу Македонија и Косово ќе се развиваат поинтензивно од порано и очекувам дека во блиска иднина ќе се одржи заеднички состанок на двете влади бидејќи ова прашање беше потенцирано повеќе пати, но за жал сè уште не беше реализирано. Оваа средба ќе ја интензивира не само соработката меѓу двете држави, туку и договорот за многу прашања поврзани со обостраниот интерес“ потенцира Хисени.

Фактор: И пред една година политичките движења на Косово се рефлектираа во Албанија и Косово иако кај нас тоа опозициско расположение не доведе до пораз на ДУИ на последните парламентарни избори. Не е тајна дека ефектот на Курти може да биде охрабрувачки за албанската опозиција и во Македонија, особено во пресрет на следните локални избори. Во меѓувреме Ахмети беше еден од првите политичари кои директно му ја честитаа победата на Курти. Дали ќе има поместување на силите?

„Паралелите меѓу развојот на настаните во Косово и Македонија мислам дека не се реални, иако има обид да се пренесе еуфоријата на про-Курти и во Македонија. Убедливата победа на Курти го прави уште поодговорен за развојот на настаните во Западен Балкан и верувам дека тој нема да влезе во авантури, туку сè ќе биде на линија со политиките на САД и Европската Унија. Негов приоритет, како што е наведено, ќе биде зајакнување на државата и дијалогот со Србија. Затоа, верувам дека ќе има чувство на одговорност на Косово, но и на Балканот“ вели Хисени за Фактор.

Јонузи пак, открива дека во Албанија веќе на следните парламентарни избори движењето „Самоопределување“ ќе настапи со тројца кандидати за пратеници, но во Македонија дејствувањето ќе биде во правец на поддршка на Алијанса за Албанците.

„Во Македонија Курти според моите податоци има од 10 до 11 илјади членови, но со оглед на блискоста на Курти со Зијадин Села, мислам дека сите тие негови активисти ќе ги насочи да работат за Алијанса за Албанците. Мислам дека и самиот Курти неговиот лик, го гледа во ликот на Села, па така како и на минатите избори и на следните кога и да се одржат Курти јавно ќе го подржи Села, со тоа покажува дека е против политиките на ДУИ која во Косово повеќе е блиска со партиите на поранешните водачи на ОВК, партијата на Тачи и Харадинај“ смета Јонузи.

Фактор: Овој пат се чини дека Курти ќе има доволно простор да ги реализира ветените политики, а меѓу нив често се споменуваше интеграција со Албанија, па дури и референдум само во услови ако тој не предизвика конфликт на Балканот. Се очекува ли Курти надворешните односи да ги темели на припојување кон Албанија и што ќе значи тоа за регионот?

„Темата за големи држави во Балканот е затворена. Балканците без оглед на нивната етничка, верска и друга припадност ќе се обединат под чадорот на ЕУ. А, и американската политика се залага за економски слободен проток на стоки и луѓе, дава отворена подршка на мини Шенген. Курти сака да ја зајакне економската соработка со Албанија во полето на туризмот, и протокот на стоки. Исто така цели на унифицирана дипломатија меѓу Косово и Албанија што е полезно за колективните интереси на Албанците на овие простори, за да се води линеарна надворешна политика“, објаснува Јонузи.

Фактор: Дали Курти ги подобри односите со претставниците на САД чие мислење на Косово е од голема важност, ќе може ли да балансира со новата администрација на Џо Бајден која ќе очекува финален договор со Белград за статусот на Приштина?

„Уверен дека односите со новата американска администрација ќе бидат примарни и покрај тенденцијата на неговите политички ривали да го претстават како антиамериканец, тој го негираше тоа затоа што сите анкети покажуваат дека народот на Косово е меѓу најпроамериканските народи, но од друга страна, овој гласач не би гласал толку убедливо за тема која би била антиамериканска, па Курти со овие избори ги негираше сите склоности да го претстават како анти-американец“, објаснува Хисени.

„Курти на надворешната политика е фокусиран на ЕУ интеграциите и зачувување на односите со САД. Како што кажав, пред изборите и по победтата, Курти дијалогот со Сербиа го гледа како шестта точка, додека реалните проблеми се негов приоритет. КОВИД-19 кризата, економската преродба итн... Според оваа изјава Курти нема да се вложи многу, барем не во овој четиригодишен мандат да се финализира прашањето со Србија, но е подготвен да разговара со Белград“, заклучува Јонузи.

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот