19 Април, 2024
0.0314

КАКВИ ИЗБОРИ НЕ ОЧЕКУВААТ - новинарски прогнози за Фактор

Објавено во: Македонија 21 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Неизвесноста се расчисти, лидерите на политичките партии, на заедничка маса кај претседателот Стево Пендаровски, си подадоа рака на 12 април в година да се одржат предвремени парламентарни избори.

Онака како што налага Пржинскиот договор, на 3 јануари ќе почне да тече мандатот на техничката влада, на чие чело ќе биде технички премиер, предлог на владејачката СДСМ.

Ова е епилог од големиот шок што земјава го доживеа во Брисел на Европскиот самит, на кој не успеа да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија. Премиерот Зоран Заев во саботата најави дека СДСМ ќе бара брзи предвремени избори, но на лидерската средба се искристализира 12 април како прифатлива опција за сите.

Терминот лесно договорен, но дали такви ќе бидат и следните неколку месеци за македонските граѓани?

Беше ли неопходно ова предвремено изборно соочување? Ќе влезе ли земјава од утре во неколкумесечна жестока изборна кампања, која ќе ги одвлече очите на јавноста од потребните реформи? Дали европската агенда за која сите лидери се согласија дека нема алтернатива, ќе продолжи суштински, или ќе биде ставена на стенд бај заради изборите?

И конечно, кој ќе ја однесе победата и кои политички чинители ќе ја формираат идната влада?

За овие прашања и дилеми Фактор побара мислење од неколкумина колеги новинари, кои секојдневно и одблиску ги следат политичките збиднувања.


Љубиша Николовски, Слободен Печат

Непотребно е одењето на предвремени избори

За мене значајна, и многу позначајна, е одлуката донесена со консензус, за продолжување на евроатлантската иднина на државата. Иако, мислам дека тоа ќе биде исклучително тешко, дури и многу потешко од патот кој ќе требаше да го одиме доколку го добиевме датумот за преговори. Во тој случај ќе имавме јасна рамка по која ќе требаше да одиме, како и некој извесен крај, па дури и контрола на тоа што ќе го сработевме. Сега пред нас е неизвесен пат, дури мислам и бесконечен, бидејќи одиме некаде каде што се чини дека не не сакаат, или според некои, не припаѓаме. Немаме координати по кои ќе се движиме, како ќе се отвораат поглавјата, кој ќе не контролира...

Јас сум песимист дека воопшто ќе добиеме датум. Ќе мораме сами со себе да се справуваме, и според тоа, за мене сега е непотребно одењето на предвремени парламентарни избори. Ако сме покажале подготвеност за консензус за продолжување на европскиот пат, лидерите требаше да најдат сила и за консензус за формирање на една техничка или коалициска влада, која би ги надминала сите политички разлики и би покажала подготвеност да се надминат екстремните политички разлики меѓу партиите, и само така ќе покажевме дека сме подготвени за Европа. Ако не го направиме тоа, делбите ќе продолжат. Тие разлики кои сега постојат, изборите само уште повеќе ќе ги продлабочат. А очекувам дека резултатите од тие избори ќе бидат исти или слични со оние од крајот на 2016 година. Ако сакаме да продолжиме на европскиот пат, мора да ја покажеме таа внатрешна кохезија што ја бараа странците.

Столе Наумов, Канал 77

Очекувам кампањата да почне уште утре, и да биде долга и валкана

Добрата вест од лидерската средба е единството и едногласноста за евроинтеграциите. Секако очекувано. А неочекувано добрата вест е леснотијата со која премиерот Зоран Заев се повлекува и се оди на избори, и тоа што партиите веднаш се договоријаза датумот на изборите. Очекувам кампањата да биде продолжена и долга, и да почне уште утре. Да биде валкана, пак да се појават бомби од некаде. И главно СДСМ да влече брзи популистички потези во економијата и социјалата, како што се зголемување на минималната плата, нивелација на платите и слично. Можеби некое апсење. Капитализирање на евентуалната посета и спектакуларен пречек на францускиот претседател Емануел Макрон (ала Вучиќ), и некое фино „пакетче“ од него за извинување, како и максимален фокус на официјалното рамноправно седнување во штабот на НАТО.

ВМРО-ДПМНЕ, ако се суди според изјавата на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, ќе пука против незаслужено богатите политичари, без разлика на етничката боја (очекувам да нема и партиска боја), потекло на имотот, борба против криминалот и корупцијата, и повторување на тешки зборови и жесток наратив, со можна поддршка од странските медиуми на оваа тема. Очекувам и експанзија на фејк њуз, нови портали и медиуми, освен ако во меѓувреме не се договорат за некакви правила, конечно и за некакви медиумски реформи. Не очекувам промена на изборниот модел и отворени листи. За жал, тоа е лошата вест. Но, можно е да се појават новокомпонирани партии, наменски насочени да приберат и да излажат некои апстиненти, резигнирани и разочарани граѓани од големите партии. Очекувам, за жал, а тоа е исто лоша вест, и блокирање на судиите, нивно ненадејно разболување и изземање, стенд бај на актуелните големи процеси, во исчекување на новата власт и новите газди во државата. Посакувам политичарите да си се „тепаат“ меѓу себе, граѓаните да бидат мирни, а изборите да бидат фер и демократски.

п.с. Нели е малку чудно тоа што кај претседателот Стево Пендаровски беа сите партии од албанскиот етнички корпус, а од македонските само двете најголеми. Затоа посакувам, макар и наивно, дека етничките права нема да бидат доминантни кај албанскиот корпус, туку економијата, криминалот и корупцијата.

Александра Мицоска-Митевска, уредник во весникот Независен

Опозицијата му остави дополнителен маневарски простор на Заев

Изборите, сепак, нема да бидат толку брзи, како што ги најави премиерот Зоран Заев и како што инсистираше ВМРО-ДПМНЕ уште пред да стане конечна одлуката на Европскиот совет, според која земјава и овој пат не доби виза да исчекори на следното скалило од евроинтеграцискиот процес. Да ѝ се брзаше толку на опозицијата да излезе на изборно соочување, можеби немаше да инсистира на запазување до крај на рокот од 100 дена  за формирање техничка влада, особено ако се има предвид дека во Уставот се предвидени поинакви рокови за спроведување предвремени избори, поточно во период од 60 дена од распуштање на парламентот. Сепак, опозицијата, пресметано или не, му остави дополнителен маневарски простор на Заев, кој би останал премиер до почетокот на јануари, или уште два и пол месеци. 

Пријатно изненадување од синоќешната лидерска средба е тоа што неочекувано брзо се донесе одлуката за изборниот термин, во споредба со искуствата од претходните долги и мачни политички преговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и тоа за прашања од кои зависеа евроатлантските перспективи на државата, како што беше, на пример, распишувањето на референдумот за името или законот за јавното обвинителство. Да се надеваме на таква конструктивност и при идните договарања на пресостанатите прашања  пред распишување на изборите, како што е изборната регулатива. Во таа насока, добро е да се потсетиме дека и во договорот од Пржино остана запишано дека предвремените избори во 2016 година ќе се одржат на 24 април, а се одржаа дури на 11 декември. 

Посебно позитивен аспект од првата лидерска средба е и консензусот што се постигна дека Северна Македонија не се откажува од европскиот пат, иако  меѓу оние кои беа вчера на „зелената маса“ имаше и такви кои во изминатиот период неретко промовираа  политики кои повеќе беа во насока на опструирање, отколку на поддршка на евроатлантските процеси  на државата. 

Искра Коровешовска, главен и одговорен уредник на телевизија Алфа

Предвремените избори се очекувани, но јавноста очекуваше оставка од Заев

Недобивањето датум беше јасно наговестено месеците пред јуни, не само од интервјуата на францускиот амбасадор Тимоние, ами и од други дипломати со ист таков дипломатски јазик. И да, беше јасно дека ЕУ додека не си го среди дворот нема ни да помисли да прима нови држави. Особено не по грешката со Бугарија и Романија. Аналогно на последното, беше реално дека Македонија нема да добие датум заради тоа што судството не се реформираше, не ни почна, а корупцијата во власта доживеа кулминација: Рекет, и Рекет 2... Бесмислено е да се обвинува ЕУ за недобивањето датум, таа никогаш тоа не го гарантираше дека ќе дојде со промената на името. Отворањето дипломатска војна со Франција и другите членки обвинувајќи ги за рампа на патот кон ЕУ е апсурд .

Предвремените избори се очекувани, иако јавноста чекаше оставка од премиерот. Сметам дека во време кога Македонија уште не поминала ни една  година од претседателските избори, ниту граѓаните ниту политичките тркачи се подготвени за ова. Но е неизбежно, и мандатот го има народот за да избере кому му верува и кој сака да го води.

Предноста несомнено е во рацете на опозицијата, со оглед на скандалите што непрестајно ја нишаат актуелната власт, но се ќе зависи од програмите на партиите. Народот сака стабилна економија и стабилен стандард, популистички навраќања и потсетувања на диктатури и слично нема да поминат. Тоа не ги измива долговите што државава ги таложи еднаш неделно, оти на крајот се наплаќаат преку граѓаните. Сега ќе бидат неопходни вистински економски реформски програми.

Марјан Николовски, телевизија Сител

Овие предвремени избори ќе имаат најнско ниво на излезност

Одлуката за предвремени избори очигледно беше како единствено излезно решение од ова разочарување од ЕУ за Македонија. Тие му доаѓаат како едно бајпасирање на негативниот набој на политичката сцена и како задоволување на политичките страсти. Интересно е што во нив секој влегува со своите калкулации, но и со помислата дека ќе биде победник. Лошо е што до тие избори има 180 дена, шест месеци кои за жал ќе бидат една жестока неформална предизборна кампања. Период во кој ќе има уште многу лидерски средби...

Дали по 12 април, Македонија ќе биде една друга држава? Не! Не очекувам дека овие избори ќе решат нешто, не барем во она што јас сакам да го видам, а тоа е една здрава политичка сцена со нормална политика. Од тој аспект нема да се смени ништо, без разлика кој ќе победи. Тесен резултат може да значи и нова широка влада, но не верувам дека овој пат победникот, барем и со два пратеника не би формирал влада, како што се случи во 2016 година.  Сепак од сегашен аспект е тешко да се предвидуваат резултати, но во едно сум сигурен, мислам дека овие предвремени парламентарни избори ќе бидат со најниско ниво на излезност. Не знам можеби грешам... И да... опозицијата сигурно ќе слави на 1 јануари 2020 година.

( Н.Н.Ф. - А.Т.)

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?