20 Април, 2024
0.0313

Како настанала банкарската тајна?

Објавено во: Колумни 13 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Дали некој своевремено можеше да претпостави дека еден ден ќе ги нема Римското царство или Отоманската империја? Сигурно не. За време на своето постоење тие империи беа симбол на вечност. Нивното исчезнување беше незамисливо. Па сепак, историјата покажа дека ништо не е вечно, дека сите империи, без оглед на својата големина и моќ, порано или подоцна ја напуштаат сцената. На нивно место доаѓаат нови империи, можеби уште поголеми и помоќни од претходните.

  За разлика од империите кои постоеле во минатото и кои својата моќ ја стекнувале со меч или пушка, во денешно време постојат економски, односно финансиски империи. Денес во светот се води војна за секое евро или долар, а не за секоја педа земја. И покрај квалитативната разлика помеѓу некогашните и денешните империи, крајниот исход не се менува. Едни си заминуваат, други доаѓаат.

  Со години, со децении, Швајцарија беше финансискиот центар на светот. Или, ако сакате, центар на приватното банкарство. Оваа „вечно неутрална“ држава уште од триесеттите години на минатиот век важеше за ветена земја. Швајцарија знаеше да ги искористи големата економска криза што ги зафати САД во тој период, како и темните облаци што се надвиснаа над политичката сцена во Европа, па со својата сигурност и стабилност ширум да ги отвори вратите за најбогатите луѓе во светот. Првото што го направи оваа земја беше промовирањето на концептот на банкарската тајна и максималната доверливост на податоците за клиентите на швајцарските банки. Со Законот за банки на Швајцарија од 1934 година беа предвидени и затворски казни за оние банкарски службеници кои ќе ја нарушеа доверливоста на деловниот однос помеѓу банката и клиентот.

  Максималното почитување на концептот на банкарската тајна доведе до процвет на приватното банкарство во оваа земја. Така беше во целиот 20-ти век. Блоковската поделеност и студената војна ги натераа богатите луѓе од целиот свет да побараат прибежиште за своите милијарди во Швајцарија. Поседувањето на сметка во швајцарска банка стана статусен симбол во светот, а холивудските филмови кои третираа „банкарски проблеми“ беа незамисливи без сцени од Цирих или Женева.

  Она што започна во 20-от, продолжи во 21-от век. Само за илустрација, во 2007 година швајцарските банки имаа 5,4 трилиони швајцарски франци кои се водеа како приватни депозити. Или, да бидеме поконкретни, 27% од приватното банкарство во светот се одвиваше во тогашниот најголем offshore финансиски центар - Швајцарија. Речиси ништо не навестуваше дека во следните неколку години финансиската карта на светот ќе започне да се менува.

  Во 2008 и 2009 година Европа и Америка беа зафатени со голема финансиска криза. Најголемите банки се соочија со многу сериозни проблеми, а некои од нив и пропаднаа. Оние банки кои опстанаа на пазарот, се обратија за помош до своите матични земји. За да можат да ја обезбедат соодветната финансиска помош, земјите мораа да користат средства од своите буџети. Средства кои претходно беа планирани за други намени, а не за санација на банките кои „преку ноќ“ станаа проблематични.

  Во таква ситуација, поголемиот дел од земјите во Европа и Америка беа принудени да повикаат на т.н. фискална дисциплина. Одеднаш се сетија дека „некои нивни граѓани веројатно имаат сметки во швајцарски банки“, па побараа од Швајцарија податоци за таквите граѓани. Со цел тие граѓани да платат данок во матичните земји. Нормално, се соочија со концептот на банкарската тајна во Швајцарија. Излезот од оваа ситуација државите во Европа и Америка го побараа во донесување на законски прописи кои се однесуваат на меѓубанкарските кореспондентски односи. Таквите прописи имаа за цел да ги принудат швајцарските банки да откријат барем дел од податоците за своите клиенти. Овие мерки дадоа одредени резултати, но истовремено дојде и до поместување на дел од депозитите на богатите клиенти од швајцарските банки кон банките во Сингапур и Хонг Конг. И после таквите поместувања, швајцарските банки останаа симбол на стабилност и сигурност како што биле отсекогаш.

  За појавата и историјатот на банкарската тајна – толку. За современите аспекти на банкарската тајна, за употребата на анонимни сметки и за финансиските скандали коишто одвреме – навреме го тресат светот (сеуште се свежи сеќавањата на Panama papers) – во друга прилика.

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок