25 Април, 2024
0.0263

Како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе „пркосат“ на уставните измени?

Објавено во: Анализа 10 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Мицкоски за прв пат учествуваше на протест против уставните измени кој е организиран или првично оддржан по повик на "Бојкотирам". Политичката математика во овој момент покажува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да добие поени кај народот со тоа што јавно ќе истакне дека е против промена на името и против уставните измени полни со национални компромиси.
Мицкоски посочи дека тој и партијата ќе излезат на достоинствени протести и дека им преостанува само да им пркосат на уставните измени, процес кој Заев и власта го водат недемократски со уцени, закани и поткупи.

"Сакам да се обратам и до граѓаните, јас како еден од вас ќе го користам демократското право мирно и достоинствено да протестирам и пркосам за сето она што се случува и ќе се случува денес но и следните денови во Собранието, бидејќи тоа ни преостанува. Ве молам искрено од дно на душа да не подлегнувате на провокации, ниту на измислени информации и конструкции од полициски структури инфилтрирани. Ве повикувам да ни се придружите и да останеме достоинствени, иако сакаат да ни го одземат достоинството, да останеме честити иако државата е окупирана од нечестита власт", изјави Мицкоски пред законодавниот дом.

Опозицискиот лидер вчера беше и исвиркан од дел од демонстрантите бидејќи одби да држи говор. Потоа партијата преку соопштение посочи дека станува збор за смислени провокации и дека обраќање на Мицкоски на протест пред демонстрантите ќе има денеска. Тоа секако нема да биде директна партиска активност бидејќи и натаму овие протести пред Собранието остануваат со "граѓански" карактер.

"И покрај уфрлените елементи кои сакаат да го дефокусираат самиот протест граѓаните покажаа достоинство и не подлегнаа на поединечните провокации. Тоа преставува изолиран и очаен обид на власта да го пренасочи вниманието", велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Бидејќи постапката за уставни измени не заврши со обезбедување на потребните 80 пратеници за двотретинско мнозинство, протести ќе има и денес. Ова ќе биде период во кој ВМРО-ДПМНЕ посериозно ќе се постави на сцена како партија која не прифаќа спроведување на Договорот од Преспа иако не презема активни мерки во самото Собрание на пример со блокади или депонирање на оставки на пратениците. Исто така ВМРО-ДПМНЕ го нема тој луксуз да дозволи радикализација на протестите пред Собранието од непредвидливи елементи кои претходно ги водеа протестите и кампањата Бојкотирам.

Дека процесот кој го води Заев сосема извесно ќе заврши успешно им е јасно и на повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ па така не се очекува некаков вид на екстремни протести, инциденти или закани. На пример Тони Михајловски, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека без половина милион народ без Собранието кој не треба ништо да направи доволно е да се појави, дека нема да сопре промената на уставното име. Единствено овие протести деновиве ќе им послужат на раководните лица на ВМРО-ДПМНЕ да се појават пред јавноста па и некој од нив да собере поени за претстојната претседателска кампања.

Х.С.