28 Март, 2024
0.0235

Како мали деца седнати на нокширче

Објавено во: Колумни 06 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Финансиската поддршка што ја добиваат актуелни носители на највисоки општествени функции е само продолжение на се она што го гледаме со децении наназад, со таа разлика што сега носителите на јавни функции, без срам се правдаат, а и надлежните ги оправдуваат дека се' било во рамките на законот, што во најмала рака е дискутабилно, особено ако се има предвид за кои намени се даваат средствата од Фондот за иновации. 
Сличен беше изговорот и на министерот за здравство кој се обиде да ја замагли работата околу местењето тендер за една фирма.
Да, законот е таков каков што е, што е сигнал дека под итно треба да се менува, но од етички аспект и од аспект на Законот за спречување на корупцијата и спречување на судирот на интереси, доделувањето средства од Фондот за иновации на носители на високи политички и општествени функции, на лица отворено експонирани и блиски на власта, упатува на заклучок дека и покрај големата врева што ја креваа обвинувајќи ја претходната власт, ништо не е сменето, туку напротив, работите се отидени уште еден чекор потаму.
Ваквите постапки, укажуваат дека нема искрена политичка воља за борба против корупцијата и судирот на интереси, дека позициите на поединци и натаму останува да се користат за добивање тендери, грантови и финансиски инекции од разни фондови, што силно ја зајакнува перцепцијата дека степенот на корупција во државата е екстремно висок. 
Затоа мора да се промени и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во насока на перманентно следење на анкетните листови на избраните и именувани функционери, истите да се споредуваат со званичните податоци од УЈП, Катастар и другите институции што водат податоци за имотната состојба на поединци, за да се добие вистинска слика за растот на имотот и богатството на носителите на јавни функции, со експлицитна можност да се бара тие да докажат на кој начин за кус период оствариле толкав капитал.
Со ваква перцепција на корупцијата, со вакви примери на доделување на средства од Фондови, доделување тендери, членување во управни одбори на лица кои се во судир на интереси, без Државна комисија за спречување на корупцијата, Република Македонија тешко дека наредната година може да добие препорака за отпочнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ, особено ако не се стави крај на ваквата практика и нешто итно не се промени во насока на прикажување јасни, јавни и видливи резултати.
Кога велам на јасни, јавни и видливи резултати, мислам на тоа да се престане со праксата да се доделуваат тендери и средства од Фондови на лица сопственици на фирми кои се на јавни функции; да се прекине со практиката членувањето во УО да биде по партиски клуч, наместо според стручноста и компетентноста на лицата; под итно да се направат измени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси; час поскоро да се избере ДКСК; и секако, ваквите случаи на распределба на средства од разни фондови да се истражат и доколку се констатира политичко влијание во распределбата на средствата да се преземат законски мерки за одговорност и се што оди со тоа, вклучително и враќање на средствата и конфискација на добивката.
За крај, наместо носителите на јавни функции да излезат и јавно да кажат дека парите од Фондот за иновации ќе се употребат за добивање на додадена вредност на нивните производи, дека ќе се отворат нови работни места, дека тие средства ќе значат поттикнување на извозот и зголемување на конкурентноста на европските и светските пазари, тие, кутрите, како мали деца седнати на нокширче, еден по еден се откажаа од парите.
Што мислите господа, дека граѓаните со тој потег ги убедивте во вашата чесност?! Не, немојте да се лажете самите себе, напротив, само ги зголемивте сомнежите кај граѓаните дека дрчно ги злоупотребувате вашите функции, а крај нема на политичкото влијание во доделувањето на тендери, грантови, на средства од разни фондови, позиционирање на свои блиски роднини и без поговорни партиски послушници по разни управни или надзорни одбори.
Колку ме држи сеќавање, ова што се прави не беше ветувано во изборната кампања, напротив, ветувањето беше дека ќе се стави крај на непотизмот, корупцијата и фамилијарното делење на пари од граѓаните. Има едно правило, некого еднаш можете да го излажете, тогаш срам да ви е, но за втор пат да го излажете, е тогаш алал да ви е, бидејќи тој по втор пат што е излажан, значи дека или е наивен, или е глупав или двете заедно. Но како и да е овој народ не е за потценување, памти, памти кој што кажал и кој што направил, на некои за работи кои сега се прават изречена им повеќегодишна казна затвор, размислете.
Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?