Како „Макпрогрес“ направи приходи кои надминаа 30 милиони евра
Објавено во: Економија 27 Мај, 2019
Двете најголеми домашни компании со претежно кондиторска дејност лани оствариле вкупни приходи од приближно 70 милиони евра, што е резултат за почит. И двете компании бележат зголемување на пазарното учество. Значајно е тоа што и двете компании имаат значајна извозна компонента и тоа добро за македонската трговска размена.
Една од нив е виничката семејна фирма„Макпрогрес“ која е втората најголема кондиторска индустрија во земјава.
Нејзиниот приход лани надмина 30 милиони евра. Ова е семејна компанија основана во 1990 година од Александар Цветанов. Компанијата која со своите производи е присутна на 55 пазари ширум светот лани оствари добивка во износ од 1,64 милиони евра. „Макпрогрес“ има развиено неколку брендови од кои најстар и напознат е кондиторскиот бренд „Винчини“. На палетата на „Макпрогрес“ се уште и брендовите „Сончева долина“ – пакувани зрнести производи, „Армониа“ грицки и переци, „Натура“ бренд за здрава храна и „Дониа“ производен капацитет лоциран во Прилеп и специјализиран за производство на локум, алва и колачиња.