28 Март, 2024
0.0262

КАКО ГО НАТРУПАА ДОЛГОТ ДРЖАВНИТЕ БОРЧЛИИ - расте и задолженоста, и бројот на неплаќачите

Објавено во: Економија 10 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Расте долгот на државните институции. Во вториот квартал од годинава државните борчлии натрупале нови обврски кои не можат да ги платат - за цели шест милиони евра.

Дали за нив има некакво оправдување поради корона кризата, не е познато, но факт е дека тие ги таложеа долговите и претходно, со месеци наназад, без притоа да има епидемија или било какво заостанување на економската активност.

На крајот на јуни годинава вкупниот долг на државните институции достигнал 281,4 милиони евра, наспроти 275,6 милиони евра колку што изнесуваше три месеци претходно, односно заклучно со првото тримесечје. Или прецозно, задолженоста е порасната за 5,8 милиони евра.

Само за потсетување, во државни борчлии влегуваат општините, нивните јавни претпријатија, трговските друштва кои се основани од државата, министерствата, јавните здравствени установи, како и другите буџетски корисниции. 

Не само што во последните три месеци пораснал долгот, туку пораснал и бројот на државни компании кои имаат доспеани, а неплатени обврски кон приватниот сектор.

Па така, ако на крајот на март станувало збор за 1.030 институција, на крајот на јуни на оваа листа се додадени уште 31 должник, или вкупно сега се 1.061 на број.

Ова покажува дека државните должници, и покрај јавното објавување и своевидниот срам и суд на јавноста што го доживуваат, сепак, или не се трудат доолно да се раздолжат, или едноставно тоа не знаат и не можат да го сторат.

Како што веќе споменавме, долгот и претходно растеше, односно во првиот квартал од годинава тој отиде нагоре за 4 милиони евра. Или, нови 10 милиони евра борч за првото полугодие.

Ако се погледнат бројките кои институции по групи најмногу должат, може да се забележи дека на прво место се јавните претпријатија и трговските друштва што се основани од државата, потоа општините, па локалните претпријатија што се основани од нив, а не мал долг имаат и јавните здравствени установи.

А за тоа кои се топ десетте во врвот на должничката пирамида, нема некои големи промени во однос на првиот квартал.

ЛИДЕРИ МЖ ТРАНСПОРТ, А ПО НИВ МЖ ИНФРАСТРУКТУРА

Неславната лидерска позиција и натаму ја држи МЖ Транспорт, иако кај нив, за воља на вистината, во вториот квартал од годинава има за два милиони евра намалување на долгот, од 58 милиони евра на крајот на март - на 56 милиони евра доспеани а неплатени обврски, колку што според Финансии изнесувале на крајот на јуни.

Претходно нивниот долг постојано растеше, на пример за 4 милиони евра во првиот квартал, а ова акционерско друштво уште од стартот на објавувањето е прво на листата на државни борчлии.

На второ место се искачи ЈП Македонски железници инфраструктура Скоје, со долг од 12,4 милиони евра. Неговиот долг е пораснат за околу два милиони евра, а претходно биле на четврто место.

Трета сега е ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи Универзитетски клиники, Завод и Ургентен центар, со досепани а неплатени обврски од 11,7 милиони евра. Оваа установа не беше во претходниот список на топ десет државни борчлии, но сега го заработи неславното трето место. Дали причина за тоа е корона кризата и зголемените здравствени трошоци, нема податоци.

Четврто е Јавното претпријатие Колекторски систем Скопје, со долг од 11,5 милиони евра, или половина милион евра повеќе од претходниот квартал. 

ОХРИД И ТЕТОВО НИКАКО ДА СЕ РАЗДОЛЖАТ

Петто по висина на долг е ЈП Водовод Куманово со долг од близу 8 милиони евра. На ова ЈП практично не му е променета ни висината на долгот, ниту петтата позиција на неславната листа.

Шестата и седмата позиција на листата на државни должници се резервирани за две општини кои долги години мака мачат со долговите и постојано се на списокот на топ десет државни борчлии. Тоа се општините Тетово и Охрид.

На крајот на јуни Тетово борчело 7,9 милиони евра што е раст за половина милиони евра во однос на првиот квартал, а во врат и дише Охрид, со достасани а неплтени обврски од 6,9 милиони евра, кои за воља на вистината, пак, се за 500 илјади евра помалку од првото тромесечје. Ова значи дека општина Охрид се подобрила, за разлика од Тетово, каде што има влошување.

На осмо место е ЈП Македонска радиотелевизија, со долг од 6,8 милиони евра, или и тука има намалување во однос на првиот квартал.

Деветта според сумата на долгот е уште една општина, овој пат скопска, а тоа е општината Карпош, со долг од 5,1 милиони евра.

Десеттото место, пак, сега е за ЈП Водовот и канализацја Скопје, со близу 5 милиони евра долг.

ЈАВНИОТ СРАМ НЕ ГИ ЗАСРАМИ 

За малку од топ десетте државни должници се спаси Градската општа болница 8 Септември, која сега е на 11 неславна позиција.

Следуваат уште голем број здравствени установи, општини, министерства и јавни претпријатија. 

Неплатените долгови на државните институции долго време беа тајна, а прв почна да ги објавува поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски. Тогаш бројките покажаа дека заклучно со мај 2017 година државните институции вкупно должеле 363 милиони евра. Таа сума сега е намалена, но не како што се очекуваше.

Имено, целта на ова јавно претставување требаше да биде своевидна алатка за тоа сите да можат да видат колку борчат овие трошачи на народните пари, па со тоа тие да се засрамат од судот на јавноста и да се обидат да работат подомаќински, односно да се трудат што повеќе да си ги плаќаат своите долгови. Засега нема некои позначајни резултати, иако е добро што јавноста барем има претсава која од државните институции како менаџира со народните пари.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон