23 Април, 2024
0.0268

Како до повисоки плати во основно и средно образование: Ремонт на образовниот систем

Објавено во: Колумни 07 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Актуелноста на проблематиката поврзана со потребата од реформа на образовниот систем не е нова работа. Сметаме дека веќе се апсолвирани и не траба да ги повторуваме темите за важноста на образовниот процес и образованието како најсолна основа за градење на здрава/образована нација и силен потенцијал за економски раст и развој во иднина. Од друга страна неизбежно е да се спомне и скромниот процент од БДП кој се издвојува за образование, кој е значително понизок споредено не само со развиените земји, туку и со дел од земјите во регионот. Со години најголемите експериментални реформи и политики беа насочени токму кон овој сектор – меѓутоа резултатите останаа поразителни: квалитетот на наставата се намалува, резултатите за вештините и знаењата кои ги добиваат учениците се намалува (остануваме меѓу последните пет земји според ПИСА –тестирањето), вработените/наставниците во секторот се незадоволни од својот статус и плати, довербата во образовниот систем во земјата се намалува. 

Постојат бројни причини и разични објаснувања зошто се случува ова, меѓутоа во оваа наша кратка дискусија ќе се задржиме на делот кој ја поврзува  висината на платите (пред се во основното и средното образование), квалитетот на образовниот процес и можностите за нивно зголемување во иднина. Во ова насока се поставува прашањето – дали платите на наставниците се ниски/високи, дали истите треба да се зголемат, дали постои можност истите да се бидат зголемени. На секое од претходните три прашања јас би одговорил со ДА – меѓутоа вистинсата драма и дилема лежи во тоа = КАКО платите треба да се зголмат и што ќе значи ова за системот на образование и воопшто за остатокот од јавниот сектор.

Пред да одговориме на ова прашање кое во моментот е прилично актуелно за да ни стане појасно  би било добро да согледаме некои трендови кои ќе ни овозможат да ги согледаме дел од причините за ниските плати и скромниот стандард на наставниците/професорите во нашата држава. Исто така би било фер да кажеме дека во корист на што поконкретна дискусија ќе се амнестираме од анализа на состојбите во другите јавни сектори (здравство, социјала, култура, МВР итн.), каде ситуацијата можеби не е значително поразлична/подобра од образовниот сектор.

Каква е ситуацијата во основното образование? 

Во последниот десет години почнувајќи 2007 година бројот на ученици во основно образование е намален за 13,5% (околу 30.000 ученици помалку). Образовниот систем не се прилагодил на оваа значајна демографска промена и продолжил да се развива во обратна насока – бројот на училишта останал скоро ист, бројот на паралелки се зголемил за 4% (428 паралелки повеќе), а она што посебно треба да не замисли е што бројот на наставници се зголемил за скоро 3000 (дури 19,3% повеќе) и покрај намалениот број на ученици. Паралено со ова просечниот големина на паралелките се намалила од 21 на само 17 ученици (некаде се сретнуваат и паралелки со 5 и помалку ученици), додека од друга страна односот на ученици по еден наставник се наламал за високи 22% (од 15 на 11 ученици по наставник).

Ситуацијата во средното образование не е ништо подобра  и особено загрижува-  додека бројот на ученици во последните десет години е намален за скоро ¼ (23,087 ученици) , бројот на средни училишта е зголемен за ¼ или фантастични 26 училишта, и се вработени скоро 1000 нови наставници со полно работно време.Едноставна анализа на намалување на учениците и зголемување на бројот на средни училишта покажува  дека за 10 години бојот на ученици по средно училиште е намален за високи в40%, просечната големина на паралеките се намалила за дури 30% (од околу 30 на 20 ученици во паралелка), и односот на ученик по еден наставник е намален за високи 35% (од 16 на само 10 ученици).

Како дополнување на претходното е посебно интересно да се спомне дека во државата имаме околу 69 подрачни училишта со помалку од 5 ученици и дури 185 подрачни училишта под 10 ученици. Мислиме дека нема потреба од дополнително објаснување на оваа информација во контекст на ефиксаноста и одржливоста на системот.

Имајќи го предвид претходново се наоѓаме во една парадоксална ситуација - бројот на ученици во основно и средно образование во последните 10 години значајно се намалува од 13/25%, бројот на наставници значајно се зголемува 20/25%, бројот на деца во паралелка се зголемуваат додека според ПИСА-тестовите се уште се наоѓаме на дното (тестирање од 2015 година покажа дека нашите ученици, според постигнувањата по нивоа и подрачја, се под или на ниво 1 – најслабото). Се разбира како фактори кои имаа влијание на зголемување на наставниот кадар треба да се имаат предвид - промените во наставните програми кои бараат поголем број на наставен кадар, инклузијата на лицата со посебни потреби, наставата на повеќе јазици, наставата и значењето (социјалните аспекти) на училиштата во руралните региони - меѓутоа земајќи ги предвид сите фактори логиката во однос на ефикасноста во образовниот систем  не е на наша страна.

Претходното создава ситуација во која иако парите (трансферите - расходите) за образование се зголемуваат со текот на времето, образовниот систем е повторно недоволно финансисран (постои дополнителна потреба за финансиски средства), платите на наставниот кадар остануваат многу ниски, а селекцијата на кадри слаба (се вработува многу, а критериумите се ниски). Како последица на зголемениот број на ново вработени наставници расходите за плати го зголемуваат својот удел (зафаќаат во најголем дел повеќе од 90%) во расходите за образование, што остава малку простор  дел од средсвата наменети за образование да се потрошат и на други активности кои би го зголемиле квалитетот на настават и образованието. Ова укажува на главната причина во контекст на нашата дискусија дека и покрај лошата ситуација во ефикасноста на основното/средното образование, креаторите на политиките ( Министерството за образование и наука, општините, политичарите итн.) се фискално комотни и се заштитени од донесување на тешки одлуки за консолидирање на училиштата, рационално управување со наставниот кадар и вработувањето на нови наставници. Овде би се запрашале уште колку ќе може да се одржи ваквата ситуација? – едноставно зголемување на платите нема да го реши долгорочно проблемот.Тогаш што би можело да се направи?

Доколку се спроведе “политички болната” меѓутоа неопходна консолидација/рационализација во образовниот сектор ќе се овозможи:

-   Подобра селекцијата на наставни кадри, што значајно ќе влијае на квалитетот на наставата;

-  Ќе се заштедат големи износи на средства кои може да се употребат во понатамошно унапредување на образовниот процес (меѓу кои и бараното значајно зголемување на платите);

-  Кадровскиот потенцијал кој потенцијално ќе се ослободи може порационално да се искористи (како пример – постои потреба од над 30% зголемен кадар во детските градинки, каде концентрацијата на деца по еден наставник/воспитач е дури поголема споредна со основно/средно образование)

-  Најважното на крај – ова ќе овозможи значајно и заслужено зголемување на платите на наставниците во основно и средно образование (едноставна споредба – бараното зголемување на платите за 25% е приближно исто на зголемениот број наставници последните 10 години од 20-25%).

Меѓутоа ова не е едноставен процес  - на едната страна имаме политички елити кои ќе мора да донесуваат непопуларни одлуки кои можат да влијаат на нивниот политички рејтинг, - додека на другата страна имаме наставен кадар кој и покрај своите оправдани барања за повисоки плати, треба да ја има предвид релната демографска ситуација и трендовите во образованието, кои не може да не се поврзат со неговата бројност, структура и квалитет.

Можеби решението лежи во заеднички консензус за кој е неизбежно да се размислува, затоа што секое одложување дополнително ќе влијае на оваа ситуација која е неодржлива на долг рок. Една интересна изрека укажува на тоа дека образованието има за цел претворање на “огледалата” во “прозорци”, кои треба да нудат можности, меѓутоа ние се уште се гледаме во огледалото...

Проф д-р Борче Треновски

Економски факултет – Скопје

Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок