19 Април, 2024
0.0267

Како да победат македонските граѓани?

Објавено во: Колумни 22 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Остана ли нешто да се коментира околу  „понудите “ на нашите политички партии ( особено тие доминантните во левицата и  десницата), во пресрет на десетите парламентарни избори кај нас, петти по ред предвремени во тридецениската плурална изборна историја на Македонија? Што веќе  е невидено од ветувања, што не е чуено, што не е ветено? Дека во Македонија ќе потече мед и млеко, дека ќе се градат автопатишта, железнички пруги, енергетски објекти, па ќе се подигнува стандардот на граѓаните, ќе се отвораат работни места, еконимијата ќе процвета? Една иста  расипана лента, веќе триесет години, која граѓаните ја слушаат преповторена од устите на политичките елити и нивните првенци? Веќе остана ли некој да поверува дека може навистина нешто суштински да се смени и во Македонија конечно работите да го фатат својот нормален општествен тек на функционирање? Зборот реформи е веќе познат и кај малите деца. Реформи во судството, реформи во образованието, реформи во администрацијата, во здравството, се е изреформирано, а се од година на година на индексот на квалификација, постојано  назадува, споредбено со претходните години во нашата земја какви биле состојбите претходно и сега, а пак  кога станува збор за споредба на нашата  со другите земји, на право срам да го фати човек, бидејќи ги заземаме  последните позиции, и тоа во балканска конкуренција.

Победува  левицата?

После две и пол годишно владеење и управување со државата, најголемиот успех на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев  за неговите поддржувачи е извесното члеснтво во НАТО алијансата , како највисок надворешнополитички приоритет на граѓаните на Македонија, барем за неговите   гласачи. На фонот на шарената револуција, масовните протести, мачноста околу формирањето на неговата Влада, очекувањата на  целото граѓанство, и особено на искрените поддржувачи и гласачи ( особено тие кои го дале својот глас токму за оваа политичка опција за да се сруши  децениското  владеење на Груевски, и верувале во системски промени и испорачување на правдата), разочарувањето е огромно. Особено во сферата на правосудството, бизарниот гротескен заплет и расплет околу Специјалното јавно обвинителство и  неговата предводничка „ Сењора“, бидејќи  многу граѓани поддржувајќи ја оваа опција веруваа дека навистина ќе се осуштествува во практика паролата „ затвор за криминалците“. Затвор криминалците очигледно не добија, некој доби само домашен притвор и од тој си избега. Популистичките мерки околу покачувањето на платите во административниот сектор, образованието, здравството и социјалата, како и пензиите, личат најмногу на предизборните панегирици на претходникот  Груевски , кој најмногу овие „ мерки “ за задоволување на гласачкото тело ги доделуваше баш предизборно. Единствена поволна шанса за левицата и политичкиот  блок околу неа е поголемиот коалициски потенцијал кој го врзува со околу триесетина партии ( особено тие од помалите етнички заедници), кои колку и да бидат потценувани на македонската политичка сцена, сепак „ тежат“ неколку илјадници гласови, кои на куп собрани во еден гласачки резервоар, можат да бидат поголема додадена вредност од околу 50-60.000 гласови. Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија ќе има мака и тешкотија да ги мотивира  токму разочараните свои гласачи кои гласаа  во 2016 та година, а денеска тие се најголемите гласноговорници велејќи дека „ нема да излезат да гласаат“. Токму апстиненцијата била таа која ја  симнувала СДСМ од власт, а не огромната маса на гласови кои биле дадени за нејзиниот  конкурент на изборите кога оваа партија ја губела власта.  Одличен пример за тоа е 2006 тата година, кога СДСМ за четиригодишното владеење изгуби 270.000 квантум на гласови во споредба со гласовите од  „легендарниот“ 15 септември 2002 година кога повторно ја освои власта, а ВМРО-ДПМНЕ со кажи-речи истите гласови од огромниот пораз во 2002 та година, повторно се врати на власт во јули 2006 тата година, и на истата се задржа повеќе од  една деценија.

Победува десницата?

Кога сме кај ВМРО-ДПМНЕ,  партијата се наоѓа во политички занес, особено после претседателските избори кои беа  консолидирање на партискиот резултат, после нокдаунот кој го доживеаја на локалните избори, победувајќи во голем број на етничкомакедонски општини. Оваа партија, агресивно и постојано жестоко ги критикува сите промашени ветувања на актуелната владејачка коалиција, скандалите и аферите, играјќи на картата дека на тој начин ќе се сруши рејтингот на премиерот и неговата партија. Сепак, прашање е , дали на овој начин ВМРО-ДПМНЕ ќе го капитализира во своја корист тоа, прелевајќи огромен квантум на гласови на своето конто, или тие апстиненти гласачи ќе си останат дома негласајќи за ниедна политичка опција. Неповолност во актуелниот политички контекст за ВМРО-ДПМНЕ е тоа е што е раситнет неговиот коалициски капацитет, односно бројни мали етничко македонски партии, и политички партии на помалите етнички заедници се префрлија на другиот политички  „ брег“ , следејќи го златното правило на шампионот на македонската политика  Амди Бајрам – „ јас Амди Бајрам и Ромите сме секогаш со власта“. Сепак, во нашиов случај не се само Амди и Ромите, туки и Ќенан со Турците, претставниците на Бошњаците, а  Лиле од  ДОМ и Павле од ДС се секогаш со власта- фикс. Тука се и новоформираните мали десничарски партии како ГДУ, Глас за Македонија и Интегра, кои заедно со Единствена Македонија, можат да одлеат неколку илјади  пред се тврдокорни десничарски гласови од контото на ВМРО-ДПМНЕ , се разбира во негова штета.  Од друга страна реториката на десницата во  однос на Преспанскиот договор пред се, и Договорот за добрососедство со Бугарија, може да создаде проблем во постизборно коалицирање, при евентуална победа со некоја партија од етничките Албанци, под силен натиск на претставниците на меѓународната заедница, сметајќи дека оваа политичка партија нема во целост да ги спроведува  договорените црти и ќе ги кочи Договорите кои и ја отворија евроатланската перспектива на Македонија. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ  од блиското минато има такво горко искуство  после изборите на 11 декември во 2016 та година, кога и покрај тоа што победи со 2 пратеници разлика во однос на СДСМ, не успеа да формира влада токму поради противењето на меѓународните претставници сеедно, дали притајно или отворено јавно.

Губат граѓаните.

Што и да се случи на 12 април наредната година, и потоа, надеж  дека македонските граѓани ќе излезат како победници се многу мали, да не речам никакви. Огромни разочарувања, огромна апатија, неверување во ништо подобро дека може да се смени  ќе бидат пак главната одлика на граѓанството, кое изморено и истоштено од  политичката  борба на политичките противници во овие триесет години, секој ден масовно својот излез од македонскиот безизлез си го бара на Запад и во прекуокеанските земји. За масовниот демографски чернобил кој  ја снајде Македонија, и кој се уште со се поголем замав ќе си го зема својот данок, единствено и само вина сносат сите политички елити кои беа на власт и ја управуваа оваа земја. Ја донесоа до амбисот, а постојано префрлувајќи си ја вината кој е виновен за таквата состојба денес.  За жал, никој нема репреза од својот живот, и затоа македонските граѓани одбиваат веќе да бидат цел живот дел од  „ театарската претстава “ на политичките кукловоди, која најчесто беше од  книжевниот род наречен трагедија. 


Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок