24 Април, 2024
0.0428

КАДЕ ЌЕ СЕ ВОДАТ НАЈТЕШКИТЕ БИТКИ ВО ВТОРИОТ КРУГ, А КОМУ ПОБЕДАТА МУ Е ИЗВЕСНА - партиите во финална трка за довербата на избирачите

Објавено во: Македонија 20 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Овие денови не се лесни за партиските кандидати кои не успеаја да ја освојат довербата на своите сограѓани уште во првиот изборен круг, па ќе мора да се натпреваруваат со своите лути ривали на второто изборно соочување. Како да се убедат оние што не излегле на гласање сега да отидат на избирачките места, или можеби оние кои гласале спротивно да се предомислат во последен момент. Многу математики и калкулации, секако и партиски пресметки и пазарења, веќе стартуваа уште вечерта по затворањето на гласачките кутии, а сега само добиваат на интензитет.

Фактор, врз основа на конечните бројки на ДИК, прави анализа каде ќе се водат најтешките изборни битки, и каде неизвесноста е најголема, но и кои општини, судејќи по сегашните проценти, можат да се сметаат како веќе добиени.

Скопјани во вториот круг ќе бираат меѓу Данела Арсовска, која настапува со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, и која, со освоени 37,68 отсто од гласовите, има солидна предност пред својот конкурент од СДСМ, актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов, кој успеа да ја добие довбербата од 34,24 отсто од своите сограѓани. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера повика на обединување меѓу сите граѓани и опозициски партии, да го дадат својот глас за Арсовска, со цел да се зададе значаен удар и да се победи оваа власт, прво преку локалните избори, а потоа и постепено да се формира ново парламентарно мнозинство. Шилегов, пак, најави дека исто така очекува победа, нагласувајќи дека има посилен коалиционен капацитет од својата ривалка. Значајни проценти во Скопје освоија и неколку други кандидати, меѓу нив Перо Георгиевски Камиказа од Левица, кој доби дури 8,96 отсто од гласовите, а кој не порача за кого да се гласа, туку да победи најдобрата или најдобриот. Значајни проценти имаат и Ана Петровска, а иницијативата Зелен хуман град што стоеше зад неа, кажа дека во вториот круг нема да поддржи ниту еден од кандидатите, како и Бени Шаќири, поддржан од ЛДП и ДОМ. Како и да е, битката за Скопје се уште не е завршена, а само еден од двајцата кандидати ќе објави победа во метрополата и ќе раководи со градот во следните четири години.

За општина Гостивар не би требало да има дилеми дека раководењето со неа ќе го задржи Арбен Таравари од Алијанса, кој првично прогласи победа уште во првиот круг, но на крајот тоа сепак не го покажа финалното пребројување од ДИК. За овој град ќе мора да има и второ изборно соочување. За да се освои победа во прв круг потребни се 50 отсто плус еден од гласовите, што значи дека Таравари ќе мора да излезе на изборен мегдан и на 31 октомври, каде ќе го чека жестокиот конкурент од ДУИ, Невзат Бејта, кој има добиено 41,69 отсто од гласовите на гостиварчани.

За Битола ќе се води тешка битка. Таму Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 42,72 отсто од гласовите, додека веднаш зад него е Христо Кондовски од СДСМ, со добиени 39,19 отсто гласови. Горан Милевски од ЛДП, сегашен коалиционен партнер во власта, има освоено 7,3 отсто од гласовите, и на него СДСМ смета дека ќе им ги отстапи гласовите во вториот круг, со што би се обезбедила победа за нивниот кандидат. На овој начин СДСМ би ја задржала власта во оваа многу значајна голема општина. Милевски засега не открива дали и кому ќе ги отстапи своите гласови, додека, пак, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, вчера ги повика и оние партии од власта, кои планираат да мигрираат, кон, како што рече, ново парламентарно мнозинство, да застанат на нивна страна.

Во скопската општина Карпош во позначајна предност е кандидатот на СДСМ, Душко Весковски, кој успеа да ја добие довербата од 32,24 отсто од запишаните избирачи, наспроти Стевчо Јакимовски од ГРОМ кој освоил 23,69 отсто од гласовите. За таа општина ќе се води тешка битка. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека оваа партија во вториот круг ќе даде поддршка на кандидатите за градоначалници кои доаѓаат природно од политичките партии кои се дел од коалицијата за Обнова за Македонија, а каде што настапуваа различно од таа коалиција, каков што е меѓу другото, и случајот со општина Карпшош.

Охрид е значаен град со кој досега раководеше СДСМ, но сегашниот градоначалник Константин Георгиевски успеа да убеди за него да гласаат 42 проценти од охриѓани, а повеќемина од нив, 48,47 отсто решиле да гласаат за неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков. Сепак, таму значаен прој гласови освои и Гоце Цветковски, наречен Вегета, 4,6 отсто.

Во Куманово напнатоста уште отсега расте, а како ќе биде во претстојниот период, останува да се види. Таму практично битката е меѓу досегашниот градоначалник Максим Димитриевски, кој настапуваше како независен кандидат бидејќи не ја доби поддршката од матичната партија СДСМ, а сега успеа да освои 32,7 отсто од гласовите, додека, пак, неговиот против кандидат Оливер Илиевски, кој го номинираше СДСМ, има само малку помалку, односно 32,74 отсто, или разликата е само 22 гласа.

Она што за многумина е многу сензитивно, е како ќе помине вториот круг во Тетово, и кого таму ќе реши да поддржи СДСМ, дали Теута Арифи од ДУИ, која освоила 29,04 отсто од гласовите, или Билал Касами од Беса, со 27,37 проценти. И едниот и другиот се од партии коалициони партнери на СДСМ во власта, па затоа се смета дека и првиот и вториот избор на социјалдемократите може лошо да влијае врз владиното мнозинство во парламентот, што ја става во многу незавидна ситуација најголемата владејачка партија во земјава.

Скопската општина Центар делува дека е извесно кој ќе ја освои победата, бидејќи Горан Герасимовски од СДСМ ја добил довербата од 40,24 отсто од гласачите, наспроти Наташа Котлар Трајкова од ВМРО-ДПМНЕ, која има 33,27 проценти од гласовите на запишаните избирачи.

Во Струга, Рамиз Мерко од ДУИ, сегашен градски татко, добил 43,12 отсто од гласовите, а ќе се натпреварува со Идри Истрефи, кој има освоено 37,08 проценти.  

Во Чаир Висар Ганиу, актуелен градоначалник од ДУИ, има значајна предност, со 48,87 отсто, пред Беким Сали од Алијанса/Алтернатива, кој освоил 36,97 проценти.

Во Демир Капија ќе биде „жешко“ до самиот крај. Во таа општина битката ќе ј бијат лутите политички ривали СДСМ, чии кандидат Лазар Петров, со освоени 48,55 отсто од гласовите, е во сосема благо водство од само еден процентен поен пред Андон Донев од ВМРО-ДПМНЕ, кој има 47,55 проценти доверба од сограѓаните во неговата општина.

Уште понеизвесно и потешко ќе му биде на Стевче Митревски, кандидатот на СДСМ за Демир Хисар, кој со добиен 47,37 отсто од гласовите, нема ни еден процентен поен предност пред Никола Најдовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој освоил 46,92 отсто од гласовите на жителите од таа општина.

Напнато во вториот круг, барем според освоениот резултат, треба да биде и во општина Зелениково, каде Коста Маневски од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 45,4 отсто од гласовите, а буквално во врат му дише Борче Гиевски од СДСМ, чии освоен процент на гласови е само нершто понизок, и изнесува 44,3 отсто.

И во Ресен малкумина се тие што ќе одлучат кој ќе ја слави победата во вториот круг, бидејќи Живко Гошаревски од СДСМ има освоено 41,35 отсто, а нешто помалку од него има освоено Јован Терзиевски од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа 39,12 отсто.

Тешка „војна“ претстои и за Кичево, со оглед што двајцата кандидати, Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Дехари од ДУИ имаат разлика од само еден процентен поен, односно 38,4 наспроти 37,3 отсто.

Голем адреналин, барем според сегашните изборни резултати, треба да се крене и при гласањето во општина Василево, со оглед што таму жестоките конкуренти, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат разлика од само еден процентен поен. Односно, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Славе Андов таму освоил 48,81 отсто од гласовите, наспроти Маријан Јанев од СДСМ, кој на своето конто забележал 47,94 проценти од гласовите. Затоа, во следните две недели очигледно ќе има „немирни“ ноќи за овие кандидати, во обиди кој ќе убеди повеќе гласачи за него да го дадат својот глас и со тоа да му обезбедат понуда на овие локални избори.

Во Маврово Ростуша засега е резултатот неверојатно икзедначен, бидејќи Кандидатот на СДСМ Медат Куртовски добил 48,15 отсто од гласовите, наспроти Мевмед Џафери кандидиран од ВМРО-ДПМНЕ, со освоени 48 проценти. Но, таму не се успеа да се постигне потребниот цензус од 33 отсто излезени од гласачкото тело.

Тесен резултат во првиот круг има и во Македонска Каменица, каде води Соња Стаменковска од СДСМ, со 31,6 отсто, наспроти Душко Атанасовски од ВМРО-ДПМНЕ, со 29,82 проценти освоени гласови.

И во Ново Село има речиси изедначен резултат, Ѓорѓе Божиновски од СДСМ добил 48,88 отсто од гласовите, додека Звонко Ангелов од СДСМ освоил 47,51 процент.

Сегашниот градоначалник на Дебар, Хекуран Дука од Дебар, ќе треба добро да се „испоти“, а можеби и тоа нема да му успее, доколку сака да ја врати довербата на дебарчани, бидејќи во првиот круг освоил 46,15 отсто од нивните гласови, што е за повеќе од три процентни поени помалку од неговиот конкурент Беким Поцеста од Алијанса/Алтернатива, кој му води со 49,69 отсто од гласовите, со што за малку можел да ја однесе победата во Дебар уште во првиот круг од изборното соочување.

Изборните резултати по првиот круг кажуваат дека и во Дебарца ќе има тешка битка, и тоа по природата на нештата многу идентична со онаа во Куманово. Практично, таму ќе се води битка СДСМ против СДСМ, бидејќи актуелниот градоначалник од СДСМ Зоран Ногачевски, сега таму настапи како независен кандидат и освои во првиот круг 36,96 отсто од гласовите, што е з малку повеќе од 34,36 отсто колку што освои „официјалниот“ кандидат на СДСМ, Игор Крцоски. Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев за оваа општина изјави дека станува збор за нивни член кој сега настапува како независен, што влијае врз изборниот резултат.

Малку поспокоен може да биде Славе Кочовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е кандидат на таа партија за општина Вевчани, и кој освоил 49,68 отсто од гласовите, наспроти изборот на СДСМ, Сашо Јанкоски, чии процент на освоени гласови е 44,69 отсто. Сепак, се до последниот ден и до пребројувањето на последниот глас, не може да се прогласи за завршен изборниот натпревар.

Во Боговиње ќе има нерамен натпревар меѓу кандидатот на ДУИ, Бесник Емши, кој има сериозно водство и освоил 47,29 отсто од гласовите, со што е речиси недостижен за кандидатот од Алијанса и Алтернатива, Аљбон Џемаили, кој освоил 27,54 проценти од довербата на запишаните избирачи.

За општина Брвеница во голема предност е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, со 29,67 отсто од гласовите, а зад него со разлика од повеќе од десет процентни поени е Енвер Пајазити, кој е предложен од група избирачи, и кој освоил 19,07 проценти од гласовите.

Во Арачиново, општина со која досега раководеше СДСМ, во водство е ДУИ, со нивниот кандидат Ридван Ибраими, кој има освоено 44,17 отсто од гласовите, додека Миликије Халими од СДСМ ина освоено 39,08 отсто. ДУИ и СДСМ се коалициони партнери, а уште вечерта после првиот круг на локалните избори Артан Груби од ДУИ рече дека успеале да ја преземат општината од СДСМ.

За Врапчиште на 31 октомври ќе се натпреваруваат Исен Шабани од Алијанса/Алтернатива, кој сега има предност со 41,4 отсто, пред ривалот од ДУИ, Неби Реџепи, кој освоил 34,6 отсто од гласовите.

Во општина Гевгелија со која досега управуваше СДСМ, сега убедливо води Андон Сарамандов од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја освоил довербата на 47,1 отсто од избирачите, додека Сашо Поцков од СДСМ има помал процент, односно 34,69 отсто од гласовите на гевгеличани, што е разлика од над 12 процентни поени.

Податоците за Долнени говорат дека таму ќе се натпреваруваат Урим Ибески од ДУИ за кого доверба дале 28,56 отсто од гласачите и Аднан Џафери од СДСМ, за кого гласале 21,22 отсто. За победник во втор круг ќе се одлучува и во Желино, каде Фатмир Изаири од ДУИ со освоени 17 отсто ќе се натпреварува со Блерим Сејди од Беса, кој има освоено близу 16 проценти од гласовите.

Во Кочани, сегашниот градоначалник Николајчо Илиев од СДСМ, со освоени 48,16 отсто од гласовите, е во солидна предност пред Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, кој добил на своето конто 45,3 проценти.

И во Конче води Благој Илиев од СДСМ, со 46,8 отсто гласови, пред Златко Ристов од СДСМ со добиени 41,6 отсто.

Тодорче Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој добил 48,9 отсто од гласовите за општина Кратово, сериозно води пред Влатко Бојковски од СДСМ, со добиени близу 30 проценти од гласовите на запишаните избирачи во таа општина.

Во Македонски Брод Жарко Ристески од ВМРО-ДПМНЕ е во позначајна предност, има 37,39 отсто, а Живко Силјановски од СДСМ 27,03 отсто од гласовите.

Во Радовиш Ацо Ристов од ВМРО-ДПМНЕ, со добиени 38,2 отсто од гласовите, е во значајна предност пред Коле Чарачкиев од СДСМ, кој освои 25,6 отсто. Во Пробиштип Драган Анастасов од СДСМ, пак, води со 49,37 проценти, пред Мсарјан Миленковски од ВМРО-ДПМНЕ со 43,95 отсто од гласовите. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП