19 Март, 2024
0.0370

Јубилејни две децении Александар Антиќ е главен командант во Македонија

Објавено во: Колумни 14 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Како по иронија на судбината, скоро две децении подоцна, на денот кога е потпишан Охридскиот рамковен договор (со кој се спречи воениот конфликт во Македонија од 2001-та година, да не прерасне во крвава граѓанска војна со несогледливи последици), поранешните терористички борци (ОНА), овој пат пресоблечени во одела, како политичка елита (ДУИ), одново на маса ги поставуваат условите околу иднината на Македонија. Југословенскиот соработник на службите Александар Антиќ, во овие две децении на  пострамковна Македонија, е незаобиколен фактор во сите влади предводени и од левицата и од десницата. Али го надживеа и времето и од командант во Шипковица денес е „фактор“ на стабилност во држава која е веќе полноправна членка на НАТО-алијансата и се очекува да ги започне претпристапните преговори со Европската унија.

И по Тито-Али

Ако се погледне вордингот, на последните парламентарни избори од 15-јули, ќе се види дека битката се водеше исклучиво помеѓу досегашните коалициски партнери (Зоран Заев и Али Ахмети). Доскорешниот премиер од редовите на социјалдемократите, во својата предизборна кампања активно водеше политика на испраќање на ДУИ во опозиција, а на Ахмети во заслужена политичка пензија, велејќи дека е „добро и здраво за ДУИ да одмори малку во опозиција“. Сепак бројките го демантираа. Освојувајќи 15 мандати (за 5 повеќе од 2016-та), и победувајќи го својот номинален противник во т.н албански политички блок, и овој пат шампионот од Мала Речица ги победи сите, пак позиционирајќи се на позицијата која „природно“ му припаѓа-вечен партиципиент во сите македонски влади, од формирањето на ДУИ во 2002-та, скоро без исклучок до ден денеска. За некој ден ќе истече рокот,  во кој според уставноправните норми треба да се создаде новото парламентарно мнозинство после изборните резултати, а абер од формирање на такво нема.

И  СДСМ и ВМРО се виновни за неговата политичка бесмртност!

Проблемот лежи во предизборното ветување (наметнување), на стариот лисец од Мала Речица, кој кога се најде во теснец го исфрли најнационалистичкото барање: бланко PSE JO, премиер Албанец,но исклучиво од  редовите на ДУИ. За таа цел, го извади од фиока Насер Зибери, поранешен висок партиски функционер од веќе згаснатата ПДП. На почетокот, да не се разбереме погрешно: како човек кој верува во граѓанска, модерна и европска Македонија, немам ништо против етнички Албанец за премиер, ниту Турчин, ниту Ром, ниту од која било друга етничка припадност. Напротив, би гласал за него и би се радувал, доколку истиот работи за добробитта на сите македонски граѓани, неделејќи ги по етничка, религиска, партиска или било каква основа. Особено ако не е криминоген,неподложен на корупција, и со своите резултати направи прогрес на сите општествени и економски полиња во Македонија. Но, наметнувањето (читај: уценувањето) од страна на Ахмети, како услов без кој не се може во постизборната разврска во Македонија е без преседан. Многумина, сметаа(т), дека ова барање за Албанец премиер е само блеф, односно подигнување на влоговите на Али и ДУИ, како адут во ракавот за искамчување на поголеми концесии ( МВР, НБРМ, и други институции, за кои досега не ги имал како трофеј), но и самиот приспап е проблематичен, бидејќи пак се сведува на битпазарската уценувачка политика која Ахмети ја водеше во изминатите две децении. Истиот тој, јавно даде изјава дека „етничките барања и национални права“, се веќе застарена политика, и дека ДУИ во иднина ќе води политика со економско-инфраструктурна  и образовна програма, коѓоамити, воената формација, преслечена во политичка партија, ќе излезе од своето командантско руво и ќе стане модерна, европска и напредна партија. Мижи Македонијо, да ти баам. Понатаму ако отидеме, истиот тој Ахмети, даде изјава дека откако Македонија ќе стане полноправна членка на Северноатланската алијанса (НАТО), тој ќе се повлечел од политиката. Македонија е веќе скоро  половина година официјална членка на Алијансата, таков абер од него нема. Веројатно ќе каже дека откако Македонија ќе стане полноправна членка на Унијата, па тогаш ќе ги заокружи стратешките планови на неговото политичко дејствување и тогаш ќе се повлече. Но, најверојатно по примерот на Путин, и Али во своето политичко преживување ќе функционира по примерот дека „ете јас и да сакам да се повлечам, народот не ми дава“

Крајот на Али, ќе биде и крај на ДУИ каков што го знаеме?!

 Во суштина се крие друго нешто. Секој по повлекувањето од  јавната политичка сцена ( и еден Црвенковски и еден Груевски, па  и еден Георгиевски и Мијалков своевремено), кои биле „господари на животот и смртта“ на ова мало парче земја (последната дупка во Европа), ја губеле моќта, влијанието и силата која ја носеле согласно своите номинални функции и во матичните партии и на државниот пост. Ахмети, ниту е глупав, ниту е наивен и е свесен дека и тој ќе ја загуби истата во ДУИ, и во државата. Како поранешна  командантско-воена формација, оваа партија е специфична, бидејќи за да ги држите во едно и заедно сите раскарани кланови, групации, и криминогени-бизнис-лоби групи, единствен „лепак“ за тоа е незаменливиот Али.Тој е капакот кој го покрива тенџерето кое клокоти одвнатре.  Некој, некаде на некоја дебатна емисија кажа: „доколку Али се повлече од ДУИ, тогаш таа партија ќе биде како Либија после Гадафи, во крв до колена од развојуваните кланови за превласт во истата“. И што да правиме сега сите ние? Да ја чекаме физичката смрт на Алија, за да се понадеваме дека нешто на минимално подобро може да се смени и во наредните две децении, или пак да си легнеме на брашното дека „тоа е“, УДБА е наша СУДБА, облечена во албанска паравоена терористичка организација, и пресоблечена во одела и кравати, гарант и најбитен фактор за евроатланската иднина на Македонија?! Да не беше трагично, ќе беше смешно. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?