24 Април, 2024
0.0302

Јовановски: Независноста на судиите е најслабо оценета, неопходни се темелни реформи

Објавено во: Македонија, Интервјуа 17 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

По речиси две години од започнувањето на реформите во правосудството и донесената Стратегија за периодот од 2017 до 2022 година состојбите полека се подобруваат, но и натаму оценките за транспарентноста, ефикасноста и независноста на институциите се доста ниски. Центарот за правни истражувања и анализи го објави и Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството според кој најниска оценка од 2,2 е забележана кај областа независност и непристрасност. Извештајот се базира на Матрицата во која се мерат перцепциите на сите засегнати страни кои имаат допир со судскиот систем, од самите институции до граѓанските здруженија кои вршат мониторинг на состојбите. За резултатите од матрицата, за темпото на реформи, како и најдоброто решение за Специјалното јавно обвинителство разговаравме со Никола Јовановски, програмски менаџер во Центарот за правни истражувања и анализи.

Фактор: Што претставува алатката за мерење на перформансите и реформите на правосудството?

Јовановски: Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството е алатка преку која се анализираат клучни сегменти кои се важни за функционирањето на судството. Центарот за правни истражувања и анализи ја креираше Матрицата во соработка со судиите, јавните обвинители, судската служба, претставниците од Судскиот совет и Министерството за правда, правни експерти, методолози и статистичари, и други експерти. Самата Матрица се заснова на меѓународно признаени стандарди кои се прилагодени на контекстот во националниот правен и правосуден систем на Република Северна Македонија. Основна цел на Матрицата е да се утврдат конкретните проблеми и предизвици во функционирањето на правосудството и притоа да се истакнат вредностите и принципите кои треба да бидат преточени во пракса. Самата алатка подразбира и мерење на перцепциите на сите чинители во судството што всушност е само еден нејзин сегмент. Оттука, за да се добие сеопфатна и реална слика за состојбите во правосудството, измерените перцепциите беа ставени во корелација со постојната правна рамка, стратешките документи и извештаи на институциите, но и меѓународните мерења на правосудните реформи.

Ваквиот начин на сеопфатна проценка на состојбите во правосудниот систем до сега не беше применет во Северна Македонија и поради тоа важноста на оваа алатката беше препознаена и поради тоа вклучена во Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) на Министерството за правда.

Крајната цел на Матрицата е понатаму да биде користена од страна на државата со цел да се оценат, евалуираат и поттикнат понатамошни реформски процеси во правосудството од страна на најзасегнатите чинители. Токму преку редовното спроведување на Матрицата на одреден временски период лесно ќе можат да се утврдат одредени трендови, влошувања и подобрувања во правосудството и согласно тоа да се планираат следните чекори на развој на правосудството.

Фактор: Какви резултати покажа вашето прво мерење на реформите во правосудството и на што се однесува истото?

Јовановски: Првото мерење го спроведе Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Судскиот совет и Министерството за правда во периодот ноември-декември 2018 година и тоа резултираше со висока респонзивност од над 70 % од страна на целните групи. Резултатите од мерењето беа преточени и претставени во Првиот национален извештај кој има за цел да ја постави основата за унапредување на реформскиот процес во правосудството.

Интересно е да се каже дека првото национално мерење покажа големи разлики во перцепциите помеѓу судиите и останатите претставници на правната професија (адвокати, јавни обвинители итн.) кои се однесуваа пред се за квалитетот на судската правда и транспарентноста на судството. Во самиот извештај како најслабо оценета област е независноста и непристрасноста што всушност е и најзагрижувачки сегмент бидејќи овие постулати се основата за принципот на владеењето на правото. Имено, во наодите од извештајот е очигледно дека најголем дел од испитаниците вклучувајќи ги и судиите сметаат дека судиите не се доволно независни од надворешни и внатрешни влијанија во својата работа.

Фактор: Реформите во правосудството беа поставени како силен императив за продолжување на евроатлантските интеграции, особено за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Како од денешна перспектива гледате на постигнатото?

Јовановски: Земајќи ги предвид сите предизвици со кои се соочуваше правосудството во изминатиот период, и оцената на Република Македонија како “заробена држава”, во моментот реформските процеси во правосудството се движат во вистинската насока. Оваа констатација е потврдена и со ставот меѓународната заедница дека единствено вистинска и темелна реформа во правосудството ќе ја приближи Северна Македонија до долго очекуваната евроатланска интеграција  како и дека самата Стратегија реално ги отсликува потребите и проблемите во правосудните органи и ги утврдува решенијата за истите. Но сепак треба да се направи рамнотежа помеѓу реалните можности и очекувањата на граѓаните и меѓународната заедница, кои сакаат да ги видат промените час поскоро. Оттука, треба да сме свесни дека промената не може да се случи „преку ноќ“ и дека реформата претставува долг, темелен и сеопфатен процес во кој сите страни треба подеднакво да учествуваат.

Тековната Стратегија за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) ги опфаќа сите нови законски измени, формирање на нови институции во правосудниот сектор, како и вградување меѓународни стандарди и норми во правниот систем во државата. Како дел од граѓанските организации кои го следат имплементирањето на Стратегијата сметаме дека направените први чекори и донесените закони се доследно спроведување на реформата, но единствено со нивна доследна примена и реализација од страна на судските и правосудните институции ќе се потврди правната сигурност во државата и ќе се врати довербата на граѓаните во судството. 

Фактор: Постои ли вистинска правда или пак селективно спроведување на законите, особено во борбата со високата корупција, неказнивоста на политички и економски моќници, како и влијанието на политичките амнестии?

Јовановски: Несомнено е дека постојат одредени внатрешни и надворешни влијанија во судството, тоа го нотира и извештајот од првата имплементација на Матрицата за која зборуваме. Сепак, и покрај високиот процент на негативна перцепција, сметаме дека постои одреден напредок на ова поле благодарејќи токму на судиите и судската служба. Граѓаните треба да бидат свесни дека долги години, па дури и децении, во јавноста се презентира еден вид на „негативен имиџ“ за судството, без притоа да се земат предвид сите елементи на функционирање на судскиот систем. Имено судовите во Република Северна Македонија на годишно ниво решаваат повеќе од 500.000 предмети, а наодите од првата примена на Матрицата укажуваат дека граѓаните кои биле дел од судски постапки во судовите се генерално задоволни од правдата која ја добиле од институциите. Ова всушност значи дека правда во државата постои. Но се уште постојат и предмети на висока корупција кои таргетираат дел од политичките и економските фигури во Северна Македонија, тие се мал дел и процент од целокупниот обем на работа на судовите но истовремено единствено тие се презентираат секојдневно во јавноста и се користат за креирање и градење на целокупната слика за судството.

Фактор: Кој според вас е најдобар модел за решавање на статусот на Специјалното јавно обвинителство и постои ли простор за политички компромис кој вистински ќе ја задоволи правдата?

Јовановски: Формирањето на Специјалното јавно обвинителство во 2015 година беше логичен и неопходен чекор со цел да се врати владеењето на правото во држава која беше категоризирана како „заробена држава“ поради политизираното функционирање на нејзините институции. Со цел да се решат системските проблеми кои произлегоа од објавувањето на разговорите од незаконското следење на комуникациите, формирањето и улогата на Специјалното јавно обвинителство беше со цел да се започне суштинска борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Но, по истекот на законски утврдените 18 месеци за отворање нови истраги и поднесување обвиненија од страна на СЈО, како и по веќе започнатите реформи во правосудниот сектор, неопходно е да се предвиди крајот на оваа институција, и нејзините капацитети и искуство да се инкорпорираат во постојаните правосудни институции со цел тие да се зајакнат и да се врати довербата во нив. Затоа сметаме дека судбината на Специјалното јавно обвинителство е да се инкорпорира во постојаното редовното јавно обвинителство. 

Фактор: Што вие би им препорачале на надлежните институции, како да ги забрзаат реформите во правосудството, а што пак би им порачале на граѓаните како подобро да си ги остварат своите права?

Јовановски: Предизвиците со кои се соочува судството укажуваат дека се потребни темелни, суштински и квалитетни реформи. Во таа насока, нереално е да се очекува дека промени може да настапат за краток временски период. Сепак, треба да се забележи дека се направени напори и се започнати процеси за подобрување на состојбите во судството, преку донесување на клучни закони кои беа предвидени во Стратегијата за реформа на правосудството, како што е Законот за Судскиот совет, измените на Законот за судови, Законот за управните спорови но и други закони чија доследна имплементација треба да го зајакне системот на правдата во земјата. Вистинските и суштински промени мора да се случат на институционално, но и на индивидуално ниво и во таа насока потребно е да постои соработка, заеднички придонес, поттик и синергија меѓу сите засегнати страни во правосудството.

Надлежните институции мора да ја нотираат состојбата во која се наоѓаат и да ги воочат можностите за внатрешна реформа, како и да ги користат сите ресурси кои им стојат на располагање со цел да бидат ефективни во заштитата на правата на граѓаните на Северна Македонија. 

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП