25 Април, 2024
0.0296

Јовановски: Граѓаните заслужуваат еколошка правда која не смее да зависи од политичката волја

Објавено во: Интервјуа 25 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Правото на здрава животна средина е загарантирано и како уставна категорија, но граѓаните и заедницата сѐ уште немаат конкретни правни алатки за заштита од загадување, уништување на природата и бидоверзитетот. За придвижување во оваа насока неодамна се формираше Платформата за еколошка правда која ќе работи на институционални реформи и креирање на соодветни политики кои ќе овозможат поголема заштита на животната средина. За тоа колку правната рамка може да биде иксористена од граѓаните, активистите и експертите наспроти волјата на бизнис интересите и политичките елити, разговараме со Никола Јовановски програмски менаџер на Центарот за правни истражувања и анализи, кои неодамна го пласираа документот за јавни политики „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда?“.

Фактор: Може ли преку правни инструменти да се обезбеди еколошка правда за граѓаните кои имаат право на здрава животна средина и заштита на природните богатства. Што нуди теоријата, а што досега покажува праксата во Р. С. Македонија?

Јовановски: Највисокиот правен акт на државата – Уставот во темелните вредности го има инкорпорирано Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина (член 8), додека во членот 43 Правото на здрава животна средина е прокламирано како фундаментално право. Следствено на ова на државата и се пропишува обврска да ги овозможи сите услови за остварување на ова право на граѓаните. Од друга страна како потписник на Конвенцијата на ООН од Архус од 1998 година на граѓаните на Република Северна Македонија им се призна правото на пристап до информации и можноста да ги остваруваат своите права за сето она што е поврзано со заштитата на животната средина по судски пат.

Ова се само основите на нормативното и легислативното регулирање на прашањата кои ја уредуваат заштитата на животната средина. Во најголем дел се донесени актите за заштита и управување со животната средина, дополнително утврдени се и функциите на клучните чинители. Меѓутоа во делот на имплементацијата иако се воспоставени и усогласени голем број на законски одредби со меѓународните стандарди потребно е да се постават нови приоритети кои ќе ја одразуваат моменталната состојба и ќе одговорат на сегашните потреби. Дополнителен проблем е невоодначеноста во спроведување на одлуките на централно и локално ниво во делот на заштитата на животната средина.  

Дали државата преку своите институции до денес ги обезбедила потребните услови за остварување на овие права? Одговорот го знаеме сите и за жал секојдневно се соочуваме со последиците. Праксата покажува дека ниту граѓаните ниту здруженијата кои работат во областа на заштита на животната средина сѐ уште го немаат клучот за остварување на овие права пред се заради сериозните пречки на кои наидуваат секојдневно. Иако Република Северна Македонија постигна напредок во однос на обезбедувањето на законска и институционална структура во оваа област сепак, се нотираат огромен број на еколошки штети пред се од индустриско загадување пропратено со организиран криминал и корупција кои влијаат на квалитетот на водата, воздухот и почвата, а со тоа влијаат на здравјето на луѓето.

Фактор: Вашата иницијатива, но и се посилните граѓански движења во различни области за заштита на животната средина, справување со загадениот воздух, стопирање на неконтролираната и дива урбанизација, борбата за затворање на рудниците во Југоистокот, како и ангажманите за зачувување на заштитените планински и шумски подрачја сѐ повеќе го зголемуваат притисокот врз политичарите да преземат конкретни чекори. Така од една страна имаме бројни анализи, иницијативи и конкретни предлози за реформи и промена на регулативата, а од друга страна силни бизнис интереси. Може ли тука да преовлада како фактор на одлучување чистата политичка волја наместо интересите на заедницата и што може да се преземе од правен аспект?

Јовановски: Во моментов за жал сѐ уште се бориме факторот на одлучување да бидат законските прописи и интересите и потребите на граѓаните, но преовладува политичката волја. И тоа не е само моментално туку се провлекува години наназад. Меѓутоа на патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија сето ова ќе мора да се промени бидејќи Поглавјето 27 многу брзо ќе стане приоритет и поглавје кое ќе бара ангажман на сите засегнати страни.

Фактор: Која е главната цел на неодамна формираната Платформа за еколошка правда и кои активности ќе ги преземете во наредниот период?

Јовановски: Од ваша страна беше нотирано дека има голем број на здруженија, организации, алијанси кои секојдневно се борат за остварување на правото на здрава животна средина и тоа секако е за поздравување. Центарот за правни истражувања и анализи во рамките на проектот „Воспоставување на ефикасна и ефективна еколошка правда„ поддржан од Британската Амбасада – Скопје ја основаше Платформата за еколошка правда. Како ЦПИА сметаме дека вклученоста на сите страни во делот на креирање на политиките е клучот на успехот. Токму затоа во Платформата за еколошка правда се обидовме да направиме спој на искуството и експертизата кои ги имаат државните институции, истражувачките капацитети на Македонската академија на науките и уметностите, желбата и потребата на граѓанските организации за константно подобрување на состојбите, единиците на локалната самоуправа на локално ниво со што ќе се овозможи меѓусекторски пристап во работата. Многу често во решавањето на проблемите тргнуваме од последиците, наместо да се делува превентивно. Токму идејата со Платформата за еколошка правда е истата да претставува превентивен и контролен механизам. Преку широк консултативен процес ќе се обидеме да допринесеме во развивање на најсоодветна и ефикасна правна и институционална реформа на политиката за заштита на животната средина.

Фактор: Исто така го пласиравте документот за јавни политики „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда?“. Што очекувате од надлежните институции, дали барањата кои се содржани тука може да се реализираат?

Јовановски: Документот за јавни политики „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда?“ е изработен врз основа на наодите кои беа нотирани во „Анализата на празнини и недостатоци на институционалната и правната рамка на животната средина“ исто така изработен од Центарот за правни истражувања и анализи. Се обидовме во документот да ги инкорпорираме сумарните согледувања и препораките во делот на идентификувањето на проблемите, како и насоките и чекорите за подобрување на состојбата во животната средина. Од друга страна на еден сликовит начин преку таканаречен семафор го прикажавме степенот на формална и функционална усогласеност во пет категории и тоа ефикасност, транспарентност, ажурност, квалитет и пристап до правда. Опфатени и не помалку значајни се и меѓународните искуства на земјите од регионот и земјите членки на Европската унија во делот на управувањето со животната средина како водилка на патот во остварување на планираните реформи во преговорите на Република Северна Македонија со Европската унија.

Доколку се разгледаат сумираните препораки од документот потребно е да се изработи пред се стратешки документ со мерливи индикатори за мониторинг и евалуација. Комуникацијата и соработката помеѓу секторите, одделенијата и самите институции може да се подобри само преку воспоставување на интероперабилност со што ќе се овозможи и подобри размената на податоците, а од друга страна ќе се подобри комуникацијата. Во делот на зајакнување на правната заштита потребно е преиспитување  на законскиот правен концепт. Сето ова мора да се гледа и низ призмата на буџетските капацитети особено на општините наспроти законските надлежности.

Искрено не очекувам дека препораките можат да се реализираат преку ноќ, особено бидејќи институциите се соочуваат пред се со недостаток на ресурси за реализација на истите. Но преку зголемување на соработката со граѓанските организации и сите клучни чинители како партнери на државата заедно чекор по чекор верувам дека голем дел од препораките можат да се реализираат. Секоја имплементација на закон или препораки за подобрување изискува и финансиски средства и повторно доаѓаме до проблемот на добро планирање на буџетот потребен за животната средина и уште по интересно е прашањето на ребалансите на буџетите низ годините. Искуството покажува дека голем дел од буџетите со ребалансите не се користат во целост, и сето тоа придонесува за каскање во делот на остварување на приоритетите во заштитата на животната средина.

Фактор: Со надеж дека во догледно време ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ токму поглавјата поврзани со животната средина и владеењето на правото ќе бидат најтешки во преговарачкиот процес. Каков општествен капацитет ќе треба да се вложи во исполнување на европските стандарди и има ли придвижување на овие реформи кои секако ни се неопходни и за внатрешното функционирање без оглед кога ќе станеме членка на ЕУ?

Јовановски: Центарот за правни истражувања и анализи долги години работи во областа на владеење на правото и ги помага реформите во правосудството. Токму експертизата во оваа област и проблемите кои се од правна природа на некој начин не поттикнаа да размислуваме и да се вклучиме во заштита на животната средина. Иако постојат механизми за заштита на правото на здрава животна средина сепак, пристапот до правда не е подигнат на потребното ниво. Државата во името на сите преку своите институции се грижи за заштита на ова право, но сѐ уште не е отворен патот на индивидуата или групи на граѓани во името на останатите поактивно да се вклучат во ефективно обезбедување на заштитата на животната средина. Испреплетени се проблемите во делот на заштитата и пристапот до институциите од повеќе причини пред се бидејќи се ограничени можностите за пристап до правда и граѓаните немаат ефикасен облик на административна или судска заштита. Како потврда на ова е и фактот што управните судови не одлучуваат во полна јурисдикција, дополнително не се следат трендовите во меѓународното право и пресудите на Европскиот суд за човекови права и потребна е кривична заштита на гонењето и санкционирањето на кривичните дела против животната средина и природата.

Придвижувања има и тие се нотирани и во извештаите на Европската комисија кои се однесуваат на Република Северна Македонија, но тие не се доволни. Одговорот на вашето прашање каков општествен капацитет ќе треба да вложиме во исполнувањето на европските стандарди лежи токму во причините за основање на Платформата за еколошка правда, а тоа е инклузивен процес во кој свое место ќе најдат сите клучни чинители во креирањето и спроведувањето на реформите за заштита на животната средина.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“