20 Април, 2024
0.0259

Јавен интерес и база на спортот

Објавено во: Колумни 18 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Јавниот интерес во спортот е поттикнување, организирање и спроведување на спортски активности и спортски тренинзи од рекреативен и професионален карактер, планирање, изградба и одржување на спортските објекти, воспитно образовна и научно истражувачка работа во областа на спортот, унапредување на здравствената заштита, меѓународна соработка и промоција на државата преку спортот, како и многу други активности кои помагаат во насока на здрав спортски живот, спортска свест и култура која игра значајна улога во формирањето на карактерот и социјализација на граѓаните. 

Oд аспект на професионален спорт, обезбедувањето на условите за подготовки и учества на најголемите меѓународни натпреварувања - Олимписки игри, европски и светски првенства, со цел остварување на врвни спортски достигнувања, е јавен интерес за кој државата треба и мора да води сметка, како мотивација и пример за учесниците и правните субјекти во спортот. Сето тоа, како нераскинливи делови кои заедно функционираат и овозможуваат реализација на спортските активности, го сочинуваат системот на спорт во една земја. 

Како да се влијае врз зголемување на масовноста во спортот, како до подобри професионални услови, како до самоодржлив професионален клуб, како до врвни спортски резултати - тоа се прашањата со кои се занимава секој спортски субјект. Во зависност од можностите, поднебјето, целите, одговорот не секогаш е ист, но нешто што е заедничко за сите е - најважна е домашната база на спортисти која го формира костурот на секој клуб, односно младите спортисти во младинските спортски школи, од чии рамки растат идните спортски професионалци. 

Во САД универзитетскиот спорт е поделен на два дела. Едниот ги опфаќа спортовите кои се водени од свои главни организации, меѓу кои најпознатите се National Collegiate Athletic Association (NCAA), National Association of Intercollegiate Athletics (NAIA) и National Junior College Athletics (NJCAA), така што тимовите официјално ја претставуваат образовната институција во определен спорт. Индивидуалните спортови кои не се во организација на овие асоцијации се под организација на посебните асоцијации на специфичните спортови. Вториот дел, кој е во помасовен обем, има рекреативен карактер на учество и натпреварување.

 NCAA, на почетокот именувана како Intercollegiate Athletic Association (IAA), ја формирал американскиот претседател Рузвелт, како резултат на сериозни повреди и случаи на смрт на млади спортисти, а со цел да се утврдат одредени правила и контрола во спортот. Имајќи за цел да ја унапреди компетитивноста меѓу училиштата, во раните ’70 години од минатиот век, училиштата и универзитетите биле поделени во три дивизии по основ на кавалитетот на нивните спортски клубови, организациска поделба која и денес постои. Во учебната 2017/2018 година во организација на оваа асоцијација на високо квалитетен универзитетски спорт земале учество околу 500 000 студенти. Универзитетите во САД вложуваат високи финансиски средства во своите спортски објекти, спортски програми, тренерите и соодветната логистика. Просечните средства потрошени за универзитетски спортист се седум пати поголеми од средствата наменети за редовен студент. Оправданоста за овие стратегии се црпи од финансискиот бенефит на универзитетите и NCAA кои ги имаат од своите спортски програми. По основ на телевизиски права, реклами, лиценцирање, донации, билети, фан шопови и слично, NCAA во 2014 година имала приход од 989 милиони долари, од кои 80 милиони како профит, додека најпрофитабилни универзитети биле Texas, со приход од 93 милиони само од спортската програма на американски фудбал, Georgia и Penn State со 70 милиони истата година. 

Важноста на системот на училишниот и универзитетскиот спорт и нивните облици на организација е во улогата на создавање на хиерархија на спортските организации, наречена “Пирамида на перформанси”. Во основата се младинските спортски организации, отворени за сите. Со искачување на следните нивоа на пирамидата конкуренцијата се зголемува а бројот на учесници се намалува, се до постигнувањето на највисокото ниво на пирамидата - професионалниот спорт. Ова е систем на стигнување до професинално ниво, имајќи предвид дека универзитетските спортисти се “избрани” да се натпреваруваат во повисок степен како основа на професионалниот спорт, различен од речиси сите земји во светот (Dr. Thomas P. Rosandlich, The US Sports Academy founder, International Sports Hall of Fame). 

Европскиот пандан на овој систем е European University Sports Association (EUSA), организација формирана во 1999 година, но имајќи ја предвид неговата мисија - развој на односите меѓу европските национални спортски федерации, организација на натпреварувања, конференции, масовни спортски настани и активности на универзитетско ниво, улогата е сосема поинаква и истата нема како приоритет создавање и развој на национални спортски кадри, со оглед на тоа дека Европа има сосема различна државна, политичка и национална структура како континент. 

Националните спортски федерации се највисокиот облик на здружување на спортските субјекти во земјите и го организираат и водат националниот професионален спорт. Тие функционираат под чадорот на меѓународната федерација од соодветниот спорт која пак ги води натпреварувањата во меѓунардни рамки. Спортските клубови во Европа се организирани како здруженија на граѓани или како трговски друштва, во облик на спортски друштва (Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен, ЦСКА Москва, Партизан и Црвена Sвезда Белград) или пак самостојни клубови, а нивните младински школи се носители и основачи на базата на професионалниот спорт во своите држави. Финансиски моќните клубови имаат развиени младински погони и свои филијали дури и во други држави, вршејќи рана селекција на таленти и нивно вклучување во клупскиот спортскиот систем и програма во кои работат врвни стручни спортски кадри, создавајќи база на сопствени играчи. Голем дел од врвните професионални клубови и спортски друштва, пред се фудбалските, имаат мултифункционални спортски комплекси во приватна сопственост, кои ги имаат сите услови за одржување на врвен тренажен процес, во однос на затворени сали, базени, атлетски патеки, сместувачки капацитети, мединцински апарати и едуциран персонал. 

Во овој контекст, во нашето соседство, може да се споменат спортските комплекси како Планица во Словенија, Кошутњак во Србија, спортскиот тренинг центар Лутраки во Грција, Глориа во Анталија, Турција, вклучувајќи многу планински спортски центри кои покрај професионалните клубови, пружаат и спортско рекреативни услуги развивајќи го спортскиот туризам. Заедничко за оваа спортска инфраструктура е што сите тие центри се современи во однос на градбата и функционалноста, исполнувајќи ги високите професионални спортски потреби и на националните селекции од аспект на терени, медицински и сместувачки капацитети. Дел од ваквите спортски комплекси се организирани и водени од научно истражувачки и образовни институции, од кои би ги издвоил Националната спортска академија во Софија (НСА) како дел од нашето опкружување и Institut national du sport, l expertise et de la performance (ИНСЕП) во Париз. НСА е спортска образовна институција која е засебна од софискиот универзитет, со дипломски, магистерски и докторски студии во три спортски области, со највисок скор на акредитација од Националната агенција за евалуација и акредитација на Република Бугарија во областа на спортот.


 (лево, проф. Пенчо Гешев, Ректор на Националната Спортска Академија во Софија) 

Нејзиниот годишен буџет е околу 12 милиони евра (поголем од буџетот на Агенцијата за млади и спорт), од кои околу 70% ги обезбедува државата а останатото го обезбедува со стопанисување на огромниот мултифункционален кампус со голем број на спортски објекти. 


Во рамките на Академијата е и Центарот за истражување и применети активности во спортот, опремен со најсовремена медицинска апратура. 


Националниот институт за спорт, експертиза и перформанс (ИНСЕП) е француски образовен тренинг институт кој функционира под капата на Министерството за млади и спорт на Франција со одредена автономија, во соработка со проминентни образовни институции, влечејќи корени од 1987 година како Воена Гимназија. ИНСЕП располага со вкупно 75 терени од отворен и затворен тип, теретани, спа центри со крио бањи, мединцински простории за физиотерапија, а во нив работат 52 спортски професори, 20 истражувачки професори и 80 лица медицински персонал. Околу 50% од освојувачите на медали на Олимписките игри во Лондон своите подготовки ги реализирале во овој спортски комплекс. 

Од нашето опкружување вредни за споменување се и Заводот за спорт и спортска медицина на Република Србија кој има статус на национален тренинг центар, како и Кинезиолошкиот факултет во Загреб кој има спортски дијагностички центар, како и спортски терени во рамките на својот кампус. 


 (проф. Динко Вулета, поранешен долгогодишен декан на Кинезиолошкиот факултет во Загреб) 

Имајќи ја можноста да бидат дел од квалитетен спортски клуб и да работат со врвни тренери и во одлични услови, со голема и висока конкуренција, а со можност да бидат видени и откриени на спортскиот пазар, многу наши млади спортисти се одлучуваат да одговорат позитивно на повикот од различни младински спортски школи или образовни институции, продолжувајќи ја својата животна и спортска младост надвор од својата држава. Како да ги задржиме нашите таленти? Да им создадеме достоинствени услови! 

Да се почувствуваат вредни, да знаат дека некој мисли на нив, дека некој се грижи. Остварувањето на јавниот интерес во спортот го врши државата и единиците на локалната самоуправа, а за таа цел се изготвува стратегија за развој на спортот. Таквите стратегии се носат за подолг период, до 10 години, во кои се утврдуваат приоритетите за развојот на спортот со донесување на организациски и административни мерки и план за нивно реализирање. Ваква стратегија се изготвува со меѓусебна соработка на ресорното министерство или државниот орган на управата од областа на спортот, националните спортски федерации и Олимпискиот комитет, врз основ на детална анализа на моменталната состојба, основните стратешки принципи врз кои се проектира развојот на спортот, проценета финансиска конструкција на стратегијата и нејзини носители/реализатори. Стратегијата би била документ во кој интерес ќе имаат сите спортски субјекти и би стоеле цврсто зад нејзиното остварување. Таа ќе има за цел да ги оптимизира можностите и потребите и се стреми кон нивен баланс. За тоа е потребно знаење, искуство, енергија, храброст во преземање на такви чекори и победување на сопствените суети и его трипови. 

Вистинскиот прогрес во спортот можат да го донесат компетентни кадри. Кога сме кај стручни кадри, треба да се прашаме - како тоа немаме добар спорт, образование, култура, медицина, а нашите стручни кадри се добредојдени во развиените земји? До системот е, до стратегијата е!

Дејан Јовановски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок