13 Јули, 2020
0.0658

ЈАГМАТА ЗА БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ НАПРАВИ МНОГУМИНА ДА НЕ ГИ ДОБИЈАТ - наесен се чекаат европските пари

Објавено во: Економија 29 Јуни, 2020

Вистинската јагма што владееше за бескаматните кредити на Развојната банка, преку кои државата им помага на фирмите погодени од корона кризата да обезбедат ликвидност за да преживеат, доведе до тоа многу од компаниите кои барале, да не можат да ја добијат потребната финансиска поддршка.

Фактор ги доби податоците од Развојната банка, кои говорат дека за првата кредитна линија, КОВИД 1, преку која се одобрија заеми од 5,5 милиони евра, вкупната побарувачка била повеќе од двојно поголема, и изнесувала дури 13,8 милиони евра. Тоа значи дека немало доволно пари за да се покријат барања за заеми од 8,3 милиони евра. Преку втората кредитна линија, КОВИД 2, пак, преку која се нудеа бескаматни кредити од 8 милиони евра, досега се исплатени 7,1 милиони. Останатите 900 илјади евра не можат да се исплатат бидејќи почна предизборниот период, и за нив ќе мора да одлучува новата Влада што ќе се формира по изборите. Според математиките изведени врз основа на кредитните барања и просечниот износ на кредитите, за оваа линија се барале над 50 милиони евра, што значи дека непокриени ќе останат над 40 милиони. Ова значи дека гладта за бескаматните кредити кај фирмите погодени од кризата, била многу поголема од моќта на државата да ги задоволи сите потреби.

Европската унија планира на земјава да и додели грант од 30 милиони евра, и тие да бидат искористени за бескаматни кредити за компаниите, но тие средства ќе бидат ставени на располагање на земјава дури во септември или октомври.

Првата бескаматна кредитна линија КОВИД 1, всушност беше првиот брз одговор за помош на домашните фирми од најпогодените сектори - угостителство, туризам и транспорт. Од Развојната банка за Фактор велат дека ова за нив била прва ваква кредитна линија.

„Вакви бескаматни кредитни линии беа понудени и од регионалните развојни банки, но нешто малку подоцна“, објаснуваат оттаму. 

Јавниот повик се објави на 25-ти март и траеше 30 дена, а апликациите се обработувале по принципот „прв дојден, прв услужен“, како што пристигнувале. Првата група обработени апликации кои исполнувале услови биле одобрени на владина седница на 8-ми април, а веќе на 14-ти банката почнала со исплатите.

„Од аспект на временската рамка, сметаме дека успеавме во релативно кус рок да понудиме максимална поддршка на домашните компании од погодените сектори, секако во рамки на нашите можности. Неколкупати во текот на реализацијата на кредитната линија, дававме информации за тоа колкава побарувачка имаше за неа“ објаснуваат од Развојната банка. 

Всушност, за линијата КОВИД 1 имало барања за кредит од дури 1.890 компании, на вкупен износ од околу 13,8 милиони евра.

„Заклучно до исцрпување на средствата, беа обработени 1.024 апликации, или околу 54 отсто, од кои, 738 компании ги исполнуваа условите, додека 286 компании не ги исполнуваа.. Сумата пари која остана, еве да кажеме непокриена, е разликата меѓу побарувачката и вкупните средства со кои располагавме за оваа кредитна линија, намалена за кредитобарателите кои не исполнувале услови“, велат од Развојната банка.

Односно, разликата од 8,3 милиони евра не значи дека сите овие пари би биле исплатени, бидејќи некои би биле одбиени поради неисполнети критериуми. Се претпоставува дека тоа би биле околу 30 отсто баратели, колку што всушност просечно изнесува стапката на одбивање во првата кредитна линија.

Инаку, првичните проценки на Развојната банка биле дека со КОВИД 1 би успеале да покријат околу 600 компании, што било попесимистичка проценка. Сепак, до крајот на кредитната линија успеале да одобрат дури 738 апликанти, од кои 77 отсто се микро компании кои вработуваат до 10 лица. Последната обработена група апликации кои исполнувале услови, од Владата била одобрена на 12-ти мај. Банката потоа добила и неколку претставки, кои од нејзините служби биле разгледани и биле доставени соодветни одговори.

„Сите кредитобаратели чии кредитни апликации беа обработени, а не исполнуваа услови, беа индивидуално известени од службите, писмено, со причини за одбивањето. Најголем дел од апликантите, 38 отсто се одбиени заради негативен износ на капиталот и резервите како резултат на кумулирани загуби од работењето во претходните години, додека 28 отсто се одбиени заради несоодветна дејност, односно поднеле апликација, но нивната дејност не била дел од наведените во јавниот повик“, објаснуваат за Фактор од Развојната банка.

За втората бескаматна кредитна линија, пак, КОВИД 2, Развојната банка имала на располагање 8 милиони евра, од кој заклучно со денес се обработени и одобрени 593 кредитни апликации, со вкупно вработени 10.108 лица, а на вкупен износ од 7,1 милиони евра. 

„Во тек е обработката на апликациите за остатокот од средствата до исцрпување на кредитната линија. Поучени од имплементацијата на првата линија, каде апликантите во брзање да прибават документи, на неколку места создадоа редици, од денот на објавата на повикот до денот на почетокот на аплицирањето, оставивме повеќе работни деови за подготовка на документацијата. Исто така, за оваа кредитна линија, овозможивме, во соработка со Централниот регистар, да прибавуваме документи кои кредитобарателите нема да мора да ги прибават доколку ги немаат од претходно, со цел да не се создаваме метеж, т.е., да се олесни постапката и да немаат дополнителни трошоци. Ова придонесе првите два дена од повикот да имаме најголем број на пристигнати апликации“, објаснува Кире Наумов, директор на Развојната банка.

Според нивни проценки, за кредитната линија КОВИД 2 имало дури 4.340 барања од микро, мали и средни компании, и тоа од сите дејности. Ако се има предвид податокот дека просечната сума на еден кредит од КОВИД 2 е околу 11.970 евра, се извлекува претпоставката дека за оваа кредитна линија побарувачката била за близу 52 милиони евра. Тоа значи дека за околу 45 милиони евра фирмите имале потреба за заеми, но ќе мора да почекаат на новите кредитни линии што би ги обезбедила земјава.

Со оглед што од оваа линија досега се одобрени заеми од 7,1 милиони евра, оние што веќе се одобрени од Владата, ќе се исплатуваат без проблем и сега, и покрај тоа што е предизборен период, бидејќи за тоа нема никакви законски пречки. Но, оние 900 илјади евра кои се обработени, а уште не се одобрени од Владата, ќе мора да почекаат за по формирањето на новата Влада, иако за тоа прашање имало различни правни мислења. Очекуваме процесот да продолжи онаму каде што е застанат штом се создадат можности“, велат од банката.

Што ќе биде со оние фирми кои бараа, но не можат да добијат пари, а се погодени од кризата?

„Развојната банка, заедно со Владата, и тука пред се мислам на економските ресори во Владата, направија напори да обезбедат средства за нова бескаматна кредитна линија во периодот септември/октомври годинава. Се работи за износ од 31 милион евра, од кои 30 милиони евра треба да дојдат како поддршка од Европската Унија. Овие средства ќе бидат наменети за микро и мали компании, трговци поединци и занаетчии, а 30 отсто од кредитите ќе бидат неповратни за одредени таргетирани групи на компании согласно критериумите“, вели Кире Наумов, директор на Развојната банка.  

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Нина Ангеловска: Прифатени 5.000 приговори од средношколци и студенти за платежната картичка

Нина Ангеловска: Прифатени 5.000 приговори од средношколци и студенти за платежната картичка

Финансиски друштва во Македонија: Даваат брзи кредити во кризата, иако им е тешко да опстанат

Финансиски друштва во Македонија: Даваат брзи кредити во кризата, иако им е тешко да опстанат

И на финансиските друштва во Македонија им е тешко да опстанат во кризата

И на финансиските друштва во Македонија им е тешко да опстанат во кризата

Кризата и друштвата за брзи кредити: Дел затворија и отпуштија вработени, се билдаа дополнителни трошоци

Кризата и друштвата за брзи кредити: Дел затворија и отпуштија вработени, се билдаа дополнителни трошоци

Кој станува рамноправен во „Фершпед“ со таткото и синовите Накови?

Кој станува рамноправен во „Фершпед“ со таткото и синовите Накови?

„Македонска навигација“ подели милион евра за 13-та плата

„Македонска навигација“ подели милион евра за 13-та плата

Ангеловска: Прифативме 5.000 приговори за картичките, денеска ќе ги има на список

Ангеловска: Прифативме 5.000 приговори за картичките, денеска ќе ги има на список

НАВАЛЕТЕ НА ЗЕЛЕНА НАФТА - тие што имаат картички од лани ќе точат веќе од понеделник

НАВАЛЕТЕ НА ЗЕЛЕНА НАФТА - тие што имаат картички од лани ќе точат веќе од понеделник

Даноците нема да се менуваат, правичен данок е можен само по долга дискусија

Даноците нема да се менуваат, правичен данок е можен само по долга дискусија