Измамници со лажни венчаници доаѓале до недвижности од починати луѓе
Објавено во: Балкан 17 Јануари, 2020
Измамници фалсификувале документи за да наследуваат имот од покојници во Бугарија.
Oткриена e група која со помош на лажни венчаници доаѓала до недвижности и друг имот од починати луѓе.
Полицијата уапсила шест лица кои за пет години дошле до 15 недвижнини во вредност од 500 илјади евра.
Меѓу уапсените има еден полицаец, кој ги наоѓал податоците, и еден градски функционер во Софија. Улогата на полицаецот била да најде стари или неодамна починати лица со вредни недвижности и пари, а градскиот функционер од регистарот ги бришел потенцијалните наследници и издавал фалсификувани венчаници, наведува обвинителството за организиран криминал.
Една од измислените венчаници наводно е издадена во Русија.
Групата e откриена откако еден од нив, маскиран во жена, во средата се обидел да подигне околу 300 илјади евра, од една банка во Софија за да купи стан во кеш.
Престапниците внимавале жртвите да немаат блиски роднини.