Изјавата на Макрон дека се „темпирана бомба“ ги налути властите во БиХ
Објавено во: Балкан 08 Ноември, 2019
Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека не се проблем Македонија и Албанија, туку Босна која е „темпирана бомба“ затоа што се враќаат џихадистите од Сирија, ги налути властите во БиХ.
Претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, денеска изјави дека нема терористички напади во Босна и Херцеговина и го повика Емануел Макрон да ја посети земјата и лично да види каква е состојбата.
Комшиќ го информираше францускиот амбасадор во БиХ, Гијом Русон денескa за точните податоци што им се достапни на БиХ и на партнерите земји за бројот на луѓе од оваа земја кои биле или се на странските фронтови. Тој го информираше Русон за бројот на убиени граѓани на БиХ на странски фронтови, како и за бројот на оние што се гонети поради останување на тие фронтови.
„Макрон призна дека БиХ е „темпирана бомба“, која претставува опасност за ЕУ поради исламскиот тероризам“, изјави српскиот член на претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик.
Додик вели дека Макрон го кажал она на што тој долго укажува.
Тој истакна дека Макрон со својата изјава признал дека вака наказно устроена БиХ претставува опасност за Европската Унија поради исламскиот тероризам и војниците на џихадот кои беа регрутирани во БиХ за боиштата во Сирија, Ирак, а кои сега се враќаат во земјата.