19 Октомври, 2019
0.0299

Избор на нов обвинител како реалити шоу - Зошто политичарите не смеат да се мешаат?

Објавено во: Анализа 25 Јули, 2019

Конечното решение на СЈО и реформата на обвинителството се претвора во реално шоу со нафрлање на имиња. Откако премиерот несмасно ја предложи Вилма Рускоска за замена на Катица Јанева, шефот на опозицијата во обид да се измајтапи со премиерот иронично го предложи суспендираниот судија Владимир Панчевски.

Процесот на реформи наместо да се води сериозни сега се девалвира без да бидат прашани соодветните институции.

"Состојбата со растот на криминалот, особено на организираниот бара сериозен пристап и од политичките партии и од институциите, а гледаме дека тие ништо не работата освен што си се пазарат. Мислам дека е нарушена состојбата во СЈО,  и добро е тоа да се спои со обвинителството за организиран криминал. Кој ќе го предводи тоа најдобро ќе го каже државниот јавен обвинител кој според Уставот е доминус по ова прашање и не треба да дозволи да му се мешаат во раководењето на јавното обвинителство", изјави за Фактор поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.

Проблемот со изјавата на Мицкоски колку и да е саркастична им дава простор на истрошени кадри за кои се водат истраги за злоупотреби и корупција. Ако ништо друго барем Вилма Рускоска како јавен обвинител се нафати да го води предметот "Рекет" кој може да ја отвори Пандорината кутија и да повлече голем број на моќни фигури. Затоа нејзиното изедначување во овој момент со суспендираниот Панчевски е проблематично.

"Јас сум првиот што го обезличи СЈО и нивното криминално работење и сум жртва на монтиран прогон од власта 3 години. СЈО од сам старт е неуставна категорија, ревизија е секако потребна од сите аспекти", вели Панчевски. Тој и самиот има дилема дали го предлагаат или е посочен како лош пример.

Сепак, лошиот пример му донесе добар публицитет и поддршка на социјалните мрежи, реакција која опозицискиот лидер требаше и да ја предвиди. Законот за реформа на јавното обвинителство ќе се најде пред пратениците кои треба да одлучат дали СЈО ќе се трансформира и целосно ќе се префрли во одделението за организиран криминал. Ова обвинителство сега го води Вилма Рускоска и логично е тоа да продолжи да го прави.

Правните експерти кои ги консултираме велат дека изборот на јавен обвинител го прави исклучиво Советот на јавни обвинители. Еднаш со договор меѓу четирите политички партии беше именувана Катица Јанева за шеф на СЈО, но во исклучителна состојба. Затоа во Собранието повеќе не треба да се именуваат обвинителите како преседан кој нема да донесе ништо добро.


Х.С.