28 Март, 2024
0.0579

ИНТЕРВЈУ ВОЈНОВИЌ: За да бидете лидер во осигурувањето мора да ги одржувате ветувањата кон клиентите

Објавено во: Економија, Интервјуа 17 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Во фокусот на нашето работење се клиентите, сакаме да ја обезбедиме нивната сигурност и задоволство. Убеден сум дека и натаму ќе ја задржиме цврстата лидерска позиција на пазарот на неживотно осигурување. Тоа се постигнува ако ги одржувате ветувањата што сте им ги дале на клиентите. Ова во интервју за Фактор го нагласува Ѓорѓе Војновиќ, главен извршен директор на Триглав Oсигурување. Тој говори дека главниот предизвик во осигурителната индустрија во земјава е ниската економска моќ на населението и перцепцијата дека осигурувањето е трошок, а не инвестиција. За македонскиот осигурителен пазар вели дека е високо концентриран, конкурентен и динамичен. Во интервјуто, Војновиќ зборува за големиот број понуди што компанијата ги нуди во делот на осигурувањето, кои постојано се надгрaдуваат, како што се здравственото осигурување, банко осигурувањето, авто осигурувањето... Првиот човек на Триглав Осигурување е задоволен од резултатите на работењето на компанијата, а во тоа голема поддршка добива и од групацијата Триглав на која ѝ припаѓа, и која е една од водечките во Југоисточна Европа.

Собранието на акционери на Триглав Oсигурување Скопје во јули годинава реши да ве реизбере на позицијата главен извршен директор, што значи дека ја добивте довербата да раководите со компанијата и во следните четири години. Кои се резултатите кои беа убедливи за акционерите дека заслужувате да останете на кормилото на Триглав осигурување Скопје? Каква е во моментов позицијата на Триглав осигурување Скопје на домашниот осигурителен пазар, колкаво е Вашето учество на пазарот?

Војновиќ: Триглав Осигурување континуирано е лидер во доменот на неживотно осигурување во Македонија. Во фокусот на нашето работење се клиентите, со кои градиме однос на доверба и настојуваме да ја обезбедиме нивната сигурност и задоволство. Развиваме производи, со кои што ги штитиме нивните најважни аспекти, како што е доброволното здравствено осигурување, каде оваа година понудивме осигурување на малигни заболувања. Сакаме услугите да ги нудиме на релевантен начин, затоа воведуваме дигитални решенија, како што оваа година беше апликацијата за здравствено патничко осигурување. Секако, една од стратешките цели на компанијата е адекватност на капиталот, кој на крајот од третиот квартал од оваа година изнесуваше одлични 387 отсто.

Наш главен предизвик и цел во периодот што следи е да обезбедиме сигурна иднина и позитивно искуство за нашите клиенти преку целосни осигурителни услуги со висок квалитет, на сигурен, едноставен и иновативен начин, релевантен на потребите на пазарот. За да го постигнеме ова, ние мораме да ги користиме сите наши конкурентни предности и посветено да работиме согласно нашите вредности, агилност, едноставност и сигурност. Убеден сум дека и натаму ќе задржиме цврста лидерска позиција на пазарот на неживотно осигурување, ќе можеме да им понудиме на нашите клиенти најдобро, консолидирано решение за осигурување на начин што ним им одговара, и дека ќе понудиме финансиска сигурност и стабилност на нашите клиенти, партнерии вработени.

Како ја оценувате состојбата на осигурителниот пазар во земјава, дали тој е развиен и дали клиентите се задоволни од работата на осигурителните компании? Кои се клучните проблеми што ги адресирате, на што треба најмногу да се работи? Дали сте задоволни од растот на премиите за осигурување во вашата компанија и воопшто на осигурителниот пазар?

Војновиќ: Повеќето предизвици со кои се соочуваме во осигурителната индустрија доаѓаат од самиот пазар. Ниската економска моќ на населението и навиките на осигурување, т.е. перцепцијата дека осигурувањето е трошок, а не инвестиција, директно придонесуваат кон помала густина на осигурување во однос на регионот (80 евра по глава на жител во однос на просекот на ЕУ од 2.000 евра). Осигурителниот пазар има висока концентрација, компетитивен е и динамичен, што влијае на понудата, но и на самите компании. Покрај тоа, постои можност за либерализација на пазарот на авто осигурувањето и зелена карта, што ќе има влијание врз целата осигурителна индустрија. Сепак, од друга страна, потенцијалот на пазарот е голем и постои континуиран позитивен тренд во сите сегменти. Триглав е присутен на македонскиот пазар од оваа година во сите области на осигурувањето - имотно, здравствено, животно и пензиско, што ни отвора перспективи и можности за консолидиран пристап кон клиентите.

Со оглед на развојот во секторот, би Ве прашала, колку е силна конкуренцијата и што се треба да се направи за да се остане во врвот?

Војновиќ: Како што веќе напомнав, македонскиот осигурителен пазар е високо концентриран, конкурентен и динамичен. Повеќето компании на пазарот се дел од групации, и навистина е предност кога сте дел од групација, каква што е Триглав. Таа нуди размена на искуства и знаење, како и експертиза, која што ни овозможува да понудиме иновативни производи и услуги со навистина висок квалитет. Но тоа не е сѐ. Да бидете лидер не значи само да имате добра понуда, туку и да обезбедите соодветен третман на клиентите и да ги одржите дадените ветувања. Осигурувањето треба да понуди сигурност во иднината, тоа е поддршката што ја обезбедуваме за најважните сегменти од животот и осигурителните компании треба да се однесуваат соодветно на улогата што ја имаат во животите на своите клиенти. Токму таа внимателност и грижа, со кои што ја оправдувате довербата која ви е дадена, е фактор плус, кој што ги издвојува најдобрите.

НУДИМЕ И ДОБРОВОЛНО ОСИГУРУВАЊЕ ОД МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА

Сега се повеќе е популарно приватното здравствено осигурување. Кои новини во овој дел им ги нудите на клиентите и како ќе се постигне граѓаните да препознаат дека овој вид на осигурување е и исплатлив за нив? Дали можеби тој тип на осигурување е премногу скап за граѓаните, има ли шанси да се направи подостапен за да го користат повеќе клиенти?

Војновиќ: Триглав Осигурување доброволното здравствено осигурување го воведе на македонскиот пазар уште во 2015 година и за нас тоа е стратешки производ, којшто постојано го надоградуваме.  Ова е сегмент, кој што пружа огромни можности и има голем потенцијал. Триглав постојано работи на развојот на овој осигурителен сегмент и во обемот и во квалитетот на услугите кои што ги обезбедува, и веруваме дека токму нашиот пристап кон развојот на производите и услугите што ги нудиме, имајќи ги во фокус клиентот и неговите потреби, има најголемо влијание на успехот што го постигнуваме.

На почетокот на годината ги дополнивме производите за доброволно приватно здравствено осигурување со понудата на осигурување од малигни заболувања, производ кој ги третира најтешките проблеми на нарушено здравје на клиентите и кој има за цел материјално да ја покрие севкупната процедура на лекување на дијагностицирана малигна болест, почнувајќи од дијагноза, преку операции, до радио и хемотерапии.

Во рамките на пакетот за здравствена заштита Триглав нуди осигурување на специјалистичко вонболничко и болничко лекување и осигурување на операции, кое нуди територијално покритие и на територија на Словенија, како и дополнително покритие за ризикот малигни заболувања.

Осигурувањето може да се склучи во индивидуална форма, семеен пакет, или колективно осигурување во рамките на корпоративниот сегмент. Токму корпоративниот сегмент го препозна потенцијалот на овој вид на осигурување, вклучувајќи го во пакетите за бенефити за своите вработени, како одлична алатка за нивно задоволство и лојалност.

Банко осигурувањето е производ кој е нов, но се повеќе осигурителни компании го воведуваат. Дали и вие го нудите и би сакале ли да ни објасните нешто повеќе за овој производ, кој е бенефитот за клиентите?

Војновиќ: Осигурувањето ги допира сите аспекти во животот и нејзин таргет се широк дијапазон на генерации, а со тоа и профили на луѓе. Затоа, во стратегијата на групацијата се зацртани многуканалната продажба и дигитализацијата, како комплементарни фактори, кои ја диктираат и помагаат комуникацијата со клиентите.

Банко осигурувањето е уште еден продажен канал, кој ни овозможува да допреме до што поголем број луѓе и секако е еден од тековните трендови во доменот на осигурувањето. Тој на клиентите им нуди можност на едно место да обезбедат и банкарски и осигурителни услуги, што е во согласност со потребите на пазарот за брзо и ефикасно обезбедување на услуги. Триглав на своите клиенти им овозможува на овој начин да обезбедат доброволно здравствено осигурување, каско осигурување на возила и пловни објекти, осигурување од автомобилска одговорност, осигурување на кредити, здравствено-патничко осигурување и други производи на Триглав, бидејќи, пред сѐ, нашиот фокус е клиентот и неговото задоволство. Не смееме да заборавиме колку е важно да умееме да се прилагодиме на трендовите и на потребите, како и на промените кои што ни ги носи секој нов ден.

ЈА ЕДУЦИРАМЕ ЈАВНОСТА ЗА ПРЕДНОСТИТЕ НА НЕЗАДОЛЖИТЕЛНОТО ОСИГУРУВАЊЕ НА ВОЗИЛА

Кај осигурувањето на возила, и натаму доминира задолжителното осигурување. Како овој пазар да се развие и граѓаните да ги препознаат придобивките од незадолжителните класи на осигурување на возила?

Војновиќ: Мислам дека кон односот кон незадолжителното осигурување во голема мера придонесува перцепцијата дека осигурувањето е скапо и недостапно, што секако не е случај, затоа што производите се прилагодени кон различни потреби и можности, а секако и нудиме различни можности за плаќање. Наша должност е да го развиваме пазарот согласно неговите потребите и секако, да ја едуцираме јавноста за сите можности што осигурувањето ги нуди, како и неговите придобивки. Само на тој начин тоа ќе стане потреба и ќе ја развиеме навиката да го осигуруваме она што ни е најважно во животот. Бидејќи осигурувањето е токму тоа, поддршка и заштита токму кога тоа ни е најмногу потребно.

Сето ова се однесува и на незадолжителното осигурување на возила. Триглав Осигурување нуди навистина сеопфатна поддршка во овој сегмент, почнувајќи со зелената карта, потоа каско осигурувањето, коешто овозможува покритие од голем број ризици, дополнителното осигурување на возачи и патници, осигурување за лекување на повреди здобиени во сообраќајна незгода, осигурување на гуми, коешто го нудиме во соработка со Мотоцентар, и секако, Триглав автомобилската асистенција, којашто нуди 24-часовна поддршка во Македонија и во земјите од Европа, коишто спаѓаат во системот на зелена карта. 

Каква е Вашата стратегија, каде ќе се фокусирате како компанија и кои се целите што си ги задавате?

Војновиќ: На прагот сме на нова декада, која треба да донесе многу случувања и промени, и кога  носиме стратешки одлуки не само за следната година, туку и за периодот што следи. Триглав во изминатиот период работеше на надополнување на својата стратегија, во согласност со стратешките насоки на групацијата Триглав до 2022 година. На ниво на вработените, ќе работиме на организациската култура и на оптимизација на процесите. Се разбира, степенот на автоматизација на процесите, дигиталниот начин на работа и употребата на ресурси и податоци за подобрување на продуктивноста и деловната ефикасност е многу важен. Најважниот аспект што го мери нашиот успех е задоволството и лојалноста на клиентите, затоа ќе продолжиме да работиме на развој на комуникацијата со нив со цел да го зголемиме бројот на клиенти и обемот на осигурување. Конечно, финансиските цели, како што е профитабилноста во работењето, зголемување на обемот на работа, адекватноста на капиталот и управувањето со ризици, ги заокружуваат целите на компанијата, во согласност со стратегијата на Групацијата.

Какви се резултатите на Групацијата Триглав, која е една од водечките осигурителни и финансиски групации во регионот на Југоисточна Европа?

Војновиќ: Задоволни сме со работата и постигнатите резултати во првите девет месеци од 2019 година. Групацијата Триглав работи во исклучително тешки прилики на финансиските пазари, но дисциплинираното преземање ризици и растот на обемот на работа ни овозможуваат успешно да ги остваруваме зацртаните цели. Групацијата Триглав во првите девет месеци од оваа година во однос на истиот период претходната година за 10 отсто го зголеми обемот на бруто полисирана премија, која што изнесуваше 905 милиони евра и обезбеди 72 милиони евра добивка пред оданочување, што е за 3 отсто повисоко од претходната година. Во третото тромесечје комбинираниот коефициент од имотните осигурувања изнесуваше поволни 91,3 отсто, со што се потврдува доброто работење во дејноста на осигурување. Средствата на клиентите, со кои што управува Групацијата Триглав во взаемните фондови и во секторот на индивидуално управување, кон крајот на септември оваа година изнесуваа повеќе од 1,050 милиони евра, што е за 61 отсто повисоко, споредено со крајот на 2018 година, посебно поради ефектот од преземањето на друштвото АЛТА Склади оваа година. Триглав продолжува со спроведување на својата стратегија на развој и раст, насочена кон долгорочно стабилно, профитабилно работење и на зголемување на вредноста на Групацијата Триглав.

Групацијата на македонскиот пазар ги покрива сите осигурителни потреби на клиентите преку своите три компании, Триглав Осигурување, која работи во доменот на неживотни осигурувања, Триглав Осигурување Живот, која обезбедува осигурување на живот, а од оваа година и Триглав пензиско друштво, кое управува со задолжителен и доброволен пензиски фонд, во рамките на капитално финансираното пензиско осигурување.

Вие бевте избран за претседател на новото Здружение за финансиски организации, кое е еден вид спојување на досегашните здруженија за осигурување и за банкарство и други финансиски организации. Што се постигна со тоа спојување?

Војновиќ: Пред сѐ, би сакал да напомнам дека ова за мене е вистинска привилегија, но и голема одговорност. Спојувањето на овие две здруженија е сосема природно и оправдано, имајќи предвид колку овие индустрии се поврзани, зависат едни од други и соработката помеѓу нив обезбедува предности за обете страни. Развојот на осигурувањето и на банкарството има заеднички точки, како индустрии сѐ повеќе се преплетуваат, нивните производи се надополнуваат, а услугите коишто ги обезбедуваат за своите клиенти, во многу инстанци стануваат комплементарни, на пример банките како канал на продажба на осигурување. Сето ова во крајна линија значи подобри, нови и иновативни можности за клиентите, како во резидентниот, така и во корпоративниот сегмент.

Ова спојување овозможува да ги разгледуваме проблематиките во доменот на финансии заеднички и од сите аспекти, што сигурно ќе придонесе кон квалитетно решавање на проблемите и предизвиците, со кои што како индустрија се соочуваме.

Која е новогодишната желба што си ја замисливте, дали е лична, професионална или се однесува воопшто на државата, таа да стане подобро место за живеење идната година?

Војновиќ: Верувам дека здравјето е најважно од сѐ. Бидејќи за сѐ друго лесно можеме да најдеме решение, сѐ додека постои добра волја и решителност. Затоа, на сите им посакувам добро здравје, и, сѐ ќе биде во ред.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“

САНКЦИОНИРАН Е ВО УКРАИНА: Руски милијардер го купи „Звечево“

САНКЦИОНИРАН Е ВО УКРАИНА: Руски милијардер го купи „Звечево“