25 Април, 2024
0.0308

ИНТЕРВЈУ ТРПЕСКИ: Кризата е голем предизвик за економската наука но и предизвик за македонската економија

Објавено во: Економија, Интервјуа 26 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Познати светски економисти излегоа со свои видувања за економската криза предизвикана од коронавирусот и помеѓу нив во основа има консензус дека падот на економската активност ќе биде стрмен, што е очевидно. Но, предмет на анализа и понатамошна дискусија е прашањето за периодот кој следува, односно каков и колку ќе трае периодот на опоравувањето, вели во интервју за Фактор професорот Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет - Скопје, во рамки на УКИМ. Уникатноста на оваа криза, смета тој, нужно бара редизајнирање на економските политики... Во интервјуто професорот Трпески ги изнесува и своите очекувања дека денес економската наука има доволно акумулирано знаење за да одговори и на оваа криза, па последиците од неа нема да ги надминат оние од кризата од 2007 година. Разговаравме и за трите сета мерки кои ги донесе македонската Влада, за кои смета дека на почетокот не стартувале најсоодветно, но со вториот и со третиот пакет, како и за наредните што сигурно ќе ги има, очекува дека сето ова ќе се корегира. Во наредниот период, доколку кризата потрае, Трпески укажува дека нужно ќе биде мерките да се насочат и кон големите претпријатија. За ребалансот на буџетот вели дека зголемувањето на дефицитот и јавниот долг не можело да се избегне. Тешко дека во иднина Владата ќе може овој долг да го сервисира со постојните даночни шеми, па ќе биде потребно враќање кон малку посериозна фискална консолидација, што претпоставува воспоставување на нов, посовремен и поправеден даночен систем... Професорот открива и дека Економскиот факултет - Скопје веќе има изготвено протокол за јунската испитна сесија со физичко присуство, според кој сите активности околу пријавувањето на испитите ќе бидат по електронски пат, а личните контакти на денот на одржување на испитите речиси и да ги нема. За Ректоратот на УКИМ, пак, предводен од проф. д-р Никола Јанкуловски, смета дека успешно се справи со предизвикот на е-наставата и овозможи таа квалитетно да се заокружи...

Професоре Трпески, по што се разликува оваа економска криза од претходните кризи, кои се нејзините специфики? 

Трпески: Економската историја и теоријата на економскиот развој не познава повторување на еден идентичен економски циклус, ниту, пак, една иста криза или иста траекторија на просперитет. Сите економски кризи кои настанале до денес и биле предмет на испитување на еконмската наука имале свои карактеристики според кои се издвојувале и разликувале една од друга. Во основа, до појавата на оваа криза, економските шокови настанувале или на страната на агрегатната побарувачка или на страната на агрегатната понуда. Но, карактерисично за оваа економска криза е тоа што се појави и на страната на агреатната понуда и на страната на агрегатната побарувачка и што е предизвикана од типично неекономски, непазарни фактори, односно од појавата на пандемија на нов коронавирус – Covid 19. Со самата појава на кризата, познати светски економсти излегоа со свои видувања за можните сценарија и развојот на кризата во наредниот период. Во бројните форуми, кризата се визуелизираше со некоја од латинските букви, па имаше мислења (иако малубројни) дека кризата ќе ја има формата на буквата I (и латиница) што значи дека економијата ќе има слободен, вертикален пад, потоа форма на буквите L, V, U или W. Во основа, сите беа во право, но само во првиот дел од анализирањето ка кризата, односно дека падот на економската активност ќе биде стрмен, што беше очевидно. Останува оној втор дел од латинските букви, односно колку ќе трае дното на кризата и какво ќе биде закрепнувањето. Дали економската криза ќе достигне дно, ќе удри и ќе започне да расте или пак ќе достигне дно и растот ќе започне со извесно времснко задоцнување. За економска анализа останува отворено прашањето за динамиката на раст на економската активност откако еднаш ќе се достигне дното. Денес, овој втор дел е фокусот на економската наука. Анализите покажуваат дека дното на кризата нема да има голема временска секвенца, а растот нема да ја има динамиката на падот на економската активност, туку ќе се одвива со поспоро темпо.

Уникатноста на оваа економска криза нужно бара редизајнирање на економските политики. Политиките кои до сега биле водени за надминување на претходните економски кризи од глобален карактер сега треба значително да се ревидираат и да се прилагодат на оваа нова ситуација. Но, за економската наука ова нема да биде нешто ново и непознато.

КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА ЗЕМЈИТЕ ИЗЛЕГОА СО ГОЛЕМИ ЕКОНОМСКИ ПАКЕТИ

Каде е економската наука денес и колку таа може да помогне во оваа ситуација? 

Трпески: Она што денес охрабрува е фактот дека економската наука има достигнато едно доста високо плато на акумулирано знаење, преку кое за доста кратко време се покренаа, а и во наредниот период ќе се покренат, сите потребни механизми како одговор на економската криза.

Не треба да се занемари фактот дека денес, од аспект на достигнатото плато на макроекономијата и примената на научниот метод во истражувањето, неспорно е дека макроекономијата го носи епитетот наука. Ако погледнеме во поблиската историја, благодаерние на знаењата систематизирани во оваа наука, последиците на последната голема рецесија од 2008 година беа помали од оние кои ги предизвикаа големата депресија од 1929/33 и стагфлацијата од крајот на седумдесетите години од минатиот век. Иако макроекономистите не успеаа со точност да ја предвидат големата рецесија од 2008 година, како што не можеа да го предвидат ниту ова што сега се случи во 2020 година, што од своја страна е една од најголемите критики на макроекономската наука денес, сепак, брзата реакција со соодветно издржани решенија овозможија кризата од 2007 да биде пократка и од онаа од 1929/33 и од онаа што настана како резултат на стагфлацијата, а последиците да бидат помали. Впрочем, економските политики на ниво на поодделни национални економии, како и глобалните пакет мерки за справување со оваа криза, се должат на економската наука денес. Ова ни дава право да констатираме дека денес економската наука има доволно акумулирано знаење за да одговори и на оваа криза и дека последиците од неа нема да ги надминат последиците од кризата од 2007 година (како што претпоставуваат некои економисти), а периодот на траење ќе биде пократок.

Дали мерките кои ги преземаат одделни земји се доволни за справување со економската криза, или е потребен некој друг глобален пристап? 

Трпески: Истражувањата што веќе се прават во сферата на економската наука, иако базираат на недоволни податоци, покажуваат дека последиците од оваа економска криза предизвикана од новиот тип коронавирус Cоvid 19, ќе бидат слични на последиците од Големата депресија од 1929-1933, што би значело дека ќе бидат надминати последиците предизвикани од Големата рецесија од 2007-2009 година. Сигурно е дека кризата ќе доведе до значително намалување на економската активност и негативни стапки на раст на бруто домашниот производ.

Бидејќи се работи за криза од глобален карактер, која ќе се манифестира со големи последици, извесно е дека веќе се покренува и еден глобален механизам кој треба да го амортизира ударот на кризата и да ги ублажи последиците на истата. Потребата од повисоко ниво на координација и заеднички настап на државите во справувањето со кризата е поголема од било кога до сега. Денес сме сведоци дека во екот на кризата, кога пожарот е се уште силен, веќе се дизајнираат пакети мерки, кои како никогаш до сега се изразуваат во енормно високи износи, а како составен дел на стратегијата за глобален одговор на кризата. Извесно е дека ваквиот глобален одговор (пред се мислам на просторот на Европа) проследен со националните политики за справување со кризата, ќе дадат прилично добри резултати и дека економските последици на кризата ќе бидат амортизирани.

Правилно конципираните национални економски политики за справување со кризата, помогнати од глобалните пакет мерки како одговор на кризата, сигурно ќе дадат резултати. Мерките преземени на ниво на национални економии се клучни, но ефектите ќе бидат поголеми доколку тие се сместат во контекстот на глобалниот одговор на кризата.

Владата на Република Северна Македонија веќе донесе три пакети мерки. Дали се тие доволни за надминување на економската криза? 

Трпески: Во услови на драстичен пад на економската активност уште во првите два месеци од појавата на корона вирусот, не е спорно дека една масовна државна интервенција не само што е потребна, туку е и крајно нужна и за тоа помеѓу економистите денес мислам дека постои консензус, без оглед на која економска струја тие припаѓаат. Во основа содржината на пакет мерките е слична за повеќето држави, но она што е клучно при нивното донесување е нужноста од системскиот пристап, што подразбира креирање на една голема и целосна слика на пакет мерките кои се носат, и се разбира, нивно интегрирање во поширокиот контекст. Мислам дека во овој дел, на почетокот не постапивме баш најсоодветно, но со донесувањето на вториот и третиот пакет мерки, а најверојатно ќе има и следни пакети мерки, сето ова ќе се корегира. Во основа, мерките кои ги донесе Владата се насочени и на страната на понудата и на страната на побарувачката и се димензионирани согласно финансиските можности кои ни стојат на располагање. Во првите неколку месеци од кризата, со износ поголем од половина милијарда евра, што е речиси 5 проценти од бруто домашниот производ, Владата се обидува да ги амортизира проблемите, и на страната на побарувачката, и на страната на понудата. Дел од мерките кои ги донесе Владата се во насока на директна поддршка на реалниот сектор и всушност превенираат овој почетен стадиум на криза кај фирмите да не се претвори од криза на ликвидност во криза на солвентност што би довело до масовни банкроти и затоворање на фирмите. Од друга страна пак, со повеќе од 300 милиони евра ќе се поддржи и личната потрошувачка, и тоа кај оние семејства кои имаат пониски доходи, што ќе овозможи одржување на социјалната стабилност. Овие мерки кои се насочени на страната на побарувачката и кои се опфатени во третиот пакет на мерки ќе ја стимулираат индивидуалната потрошувачка, ама во крајна инстанца парите ќе завршат повторно кај домашни претпријатија, бидејќи со мерките се предвидува граѓаните парите да ги трошат на купување македоснки производи или пак во секторот на угостителството, кое е еден од најпогодените сектори во земјава.

Се разбира, ако ме прашате дали овие средства се доволни, одговорот е дека секогаш има потреба од повеќе. Некои земји донесоа пекти на мерки кои изнесуваат и до 10 проценти од нивните БДП, ама најверојатно овие пакет мерки се однесуваат на малку подолг период. Но, мислам дека во наредниот период политиката на Владата на поддршка на фирмите и граѓаните ќе продолжи, така што, правилното распоредување на финансискиот товар на буџетот на државата во овој и во наредниот период, е исправен пристап. Во наредниот период, доколку оваа криза потрае, мислам дека нужно ќе биде мерките да се насочат и кон големите претпријатија.

СО РЕБАЛАНСОТ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ И ЈАВНИОТ ДОЛГ, ШТО ВО ОВОЈ МОМЕНТ Е НЕИЗБЕЖНО, А ЌЕ СЕ РАЗДОЛЖУВАМЕ ВО ПОДОБРИ ВРЕМИЊА. НАЈБИТНО Е КАКО ЌЕ СЕ УПОТРЕБАТ БУЏЕТСКИТЕ СРЕДСТВА

Владата излезе со проекција дека економијата годинава ќе падне за 3,4 отсто, што е слично со очекувањата на меѓународните финансиски институции. Какви се лично Вашите очекувања? 

Трпески: Факт е дека имаме големо забавување на економската активност, но од денешна гледна точка мислам дека не би било добро да се изнесуваат било какви заклучоци околу стапките на намалување на БДП, бидејќи веројатноста да се погреши е многу поголема од онаа да се погоди растот на БДП. Самиот факт што релевантни институции растот на македонската економија за оваа година го проценуваат во релативно големи разлики во движењето на БДП, од умерен раст па се до позначителен пад на економската активност дури и над минус 5 проценти, покажува дека се уште не сме во можност да се направи точна проценка. Владата најверојатно проценката ја има направено врз основа на проценките на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. ММФ излезе со проекција дека глобалниот БДП во 2020 година ќе се намали за 3 проценти, но сега најавува дека во јуни ќе излезе со корекција на оваа проекција и дека таа ќе биде повисока од минус 3 проценти, бидејќи анализите покажуваат дека ударот на пандемијата врз економиите во светот ќе биде поголем отколку што првично се очекувало. Треба да имаме предвид дека македонската економија е многу мала и таа е маргинална економија во светски рамки, па било какво економско придвижување во еврозоната, пред се мислам на Германија, би имало поизразени позитивни ефекти на македонската економска активност.

Владата го донесе ребалансот на Буџетот, со кој расходите се зголемуваат за 53 милиони евра, а буџетскиот дефицит се продлабочува за 470 милиони евра. Дали ребалансот е нвремен, дали е реален и дали не требаше да содржи во себе позначајно кратење на расходите, особено на оние непродуктивните? 

Трпески: Улогата на фискалната политика е клучна во справувањето со економската криза. Секако, многу битна е монетарната политика, ама во оваа ситуација тежиштето е на страната на фискалната политика. Ребалансот на буџетот е согласно потребите кои произлегоа од новонастанатата состојба и од донесените пакет мерки и не би рекол дека е задоцнет, иако постоеше можност да биде донесен нешто порано, но тоа драстично немаше да ги смени работите. Сосема беше очекувано дека расходите ќе се зголемат, а дефицитот да порасне. Практично е невозможно на кризата да одговорите со сопствени сили, само преку прераспределба на средства внатре во буџетот. Владата со Уредба ги стопира сите непродуктивни трошења, мислам дека таксативно беа наведени, но исто така, треба да се биде внимателен да не се наруши дејноста која ја извршува јавниот сектор, бидејќи тогаш ќе се отвори плус уште еден проблем. Најверојатно во буџетот би можело да се скратат уште некои расходи и да се пренаменат во други ставки, ама сето тоа би било малку во однос на потребите. Со порастот на дефицитот, јавниот долг се движи кон плафонот од 60 проценти, но друг пат за излез од оваа ситуација нема. Ќе се раздолжуваме во подобри времиња.

ЌЕ НИ ТРЕБА ВРАЌАЊЕ НА КУРСОТ НА ФИСКАЛНА КОНСОЛИДАЦИЈА, ШТО ПРЕТПОСТАВУВА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НОВ ПОСОВРЕМЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ

Дали не го делите впечатокот дека онаа богата класа во земјава некако најмалку ќе биде погодена од корона кризата и дали не требаше да се размислува за некакова форма на прогресивно оданочување, со кое тие малку повеќе финансиски ќе и помогнеа на државата? 

Трпески: Како што мерките не треба да бидат исти за сите, во смисла исти мерки и за мали и средни и за големи претпријатија, така и товарот на трошокот од оваа криза не треба да се поднесе линеарно. Првиот впечаток е дека товарот ќе падне на лицата со понизок доход и на помалите претпријатија, ама многу е битно што ќе се случува во иднина и каква ќе биде идната владина политика во сферата на јавните финансии. Во наредниот период Владата во рацете го има механизмот на буџетот и даночната политика и тоа треба да го искористи за правилна прераспределба на доходот, што во крајна инстанца би довело оние кои остваруваат поголем доход повеќе да партиципираат во сервисирањето на финанските обврски кои државата ги создава денес. Имајќи го предвид порастот на буџетскиот дефицит и јавниот долг, тешко е да се претпостави дека во иднина Владата ќе може истиот да го сервисира со постојните даночни шеми. Речиси е извесно дека после сето ова Владата ќе мора да размислува да се врати на курсот на малку посериозна фискална консолидација, што претпоставува воспоставување на нов, посовремен даночен систем, со вградени механизми за оданочување согласно даночниот капацитет, и кој ќе овозможи порамномерна распределба на доходот.

Ќе се зголеми невработеноста, тоа веќе не е тајна, со што ќе прекине позитивниот тренд на нејзино намалување во последните неколку години. Колку време потоа ќе и треба на земјава да ги залечи овие рани и работите повторно да тргнат по позитивни текови? 

Трпески: Точно е дека пазарот на трудот ќе претрпи дисторзии и тие може да бидат значителни. Колкави ќе бидат тие нарушувања, од денешна гледна точка, можеме само искуствено да оцениме. Според оцените на Меѓународната организација на трудот, околу 80 проценти од светската работна сила би била погодена од оваа рецесија, а бројот на затворени работни места би бил мошне голем и во глобални рамки би достигнал дури 200 милиони. Нешто слични оцени можеме да дадеме и за пазарот на труд кај нас. Една генерална проценка е дека оваа криза нема директно многу да ги погоди вработените во јавниот сектор и вработените во секторите кои се помалку на удар на кризата, како што се информатичкиот и финансискиот сектор, кои заедно се околу 25 проценти од вкупната вработеност, тогаш очекувано е дека околу 75 проценти од вработените ќе бидат директно погодени од кризата, или пак индиректно во форма на скратено работно време, принуден одмор и слично. Но, како што кажав, ова се само искуствени оцени бидејќи мерките кои се преземаат, може и да не доведат до драстично губење на работните места.

Она што со сигурност го знаеме е дека невработеноста ќе се зголеми и дека ќе треба да помине долго време пазарот на труд да се врати на претходното ниво. Впрочем и самата економија после извесен период сигурно нема да се врати во истата, првобитна состојба, туку бавно ќе се враќа во некоја нова состојба проследена со определени структурни промени како резултат на продорот на напредните ИТ вештини и дигитализацијата. Во овој контекст не смееме да го занемариме продорот на т.н. Гиг економија (gig economy), која се повеќе ќе доминира во глобалните текови на добра и услуги, а чија основа се токму ИТ вештините, напредната технологија и дигитализацијата. 

Колку Економскиот факултет при УКИМ, каде декан сте Вие, беше консултиран и вклучен во носењето на мерките и какви беа Вашите сугестии? 

Трпески: Економскиот факултет - Скопје, во рамките на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, како институција не беше директно вклучен во креирање на економските политики и конципирање на мерките, но затоа, пак, поедини професори беа вклучени во советодавни тела во кои имаа можност да дадат свој придонес во справување со оваа криза. Инаку, ние како државен факултет, во секое време сме подготвени да ги ставиме на располагање нашите човечки капацитети, да излеземе во пресрет и да помогнеме за справување со кризата, но и понатаму, да помогнеме во креирање на политики и мерки за динамизирање на еконосмкиот раст во иднина.

РЕКТОРАТОТ НА УКИМ И ЕКОНОМСКОТ ФАКУЛТЕТ - СКОПЈЕ ПОКАЖАА ОДЛУЧНА ПОСВЕТЕНОСТ ДА СЕ СПРАВИ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ ЗА ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Професоре Трпески, образовниот систем секаде низ светот, па и кај нас, се соочува со силни предизвици, бидејќи наставата не може да се одвива класично како што досега бевме навикнати, туку главно онлајн. Како Економскиот факултет - Скопје ја организираше наставата и како ќе ја организира јунската сесија? 

Трпески: Економскиот факултет - Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, наставата ја организира преку користење на електронската платформа која овозможува двонасочна видеокомуникација помеѓу наставниците и студентите. Уште од првиот момент кога Владата на Република Северна Македонија ја донесе Уредбата со сила на закон, а Универзитетот Св. Кирил и Методиј ја донесе одлуката со која се отвори можноста за изведување електронска настава, ние веднаш пристапивме кон тестирање на неколку апликации кои овозможуваат изведување on-linе настава, при што како најстабилно и најприфатливо решение беше наставата да ја изведуваме преку апликацијата Google Hangout meet. Имајќи го предвид големиот број на студенти на нашиот факултет, ние на факултетот сме задоволни со фактот што само за седум работни дена успеавме наставата да ја продолжиме по електронски пат согласно редовниот распоред за изведување на наставата во летниот семестар во учебната 2019/2020 година.

Наставата на факултетот веќе е завршена, но јас морам да истакнам дека уште од првиот одржан час, па сè до крајот, е-наставатана Економскиот факултет-Скопје се одвиваше без проблеми и притоа најголемиот дел од наставниците и студентите искажаа задоволство од корисничкото искуство од учењето на далечина. Заедничките заложби на наставниците на факултетот и студентите претставенувани од страна на Факултетското студентско собрание на Економскиот факултет придонесоа за успешно спроведената е-настава. Се разбира, личниот контакт со студентите е сè уште неприксновен и незаменлив, но дефинитивно предностите од учењето на далечина не треба да се занемараат и потценат.

Што се однесува до одржување на испитите во јунската испитна сесија, ние заедно со нашите студенти претставувани од Факултетското студентско собрание, ги анализиравме сите аспекти за одржување на сесијата, притоа основна водилка ни беше ризикот да биде загрозено нечие здравје да биде сведен на минимум. Јунската испитна сесија ќе се спроведува комбинирано, усно испитување по електронски пат, со користење на платформите кои ги користевме за настава, но и со физичко присуство за оние испити кои по специфичноста на материјата и мора да се изведуваат во просториите на факултетот. Факултетот веќе има изготвено протокол за спроведување на јунската испитна сесија со физичко присуство, според кој сите активности околу пријавувањето на испитите ќе бидат по електронски пат, а личните контакти на денот на одржување на испитите скоро и да ги нема. Безбедноста по здравјето на вработените и нашите студенти ни е најбитна, а потоа се друго.

Во оваа прилика, иако веќе ја имам изнесено, јас повторно ќе ја отворам дилемата пред која се наоѓа високото образование. Дали после кризата да се врати на традиционалните класични методи на изведување на наставата применувани пред да се појави корона вирусот? Или да се приспособи на времето и да ги искористи можностите и предностите кои ги нудат дигиталните трендови? Дали интегрирањето на учењето на далечина во класичното студирање можеби ќе биде новата „нормала“? Одлуката ќе зависи од нас и од нашето корисничко искуство во текот на кризата!

Како, според Ваше мислење, УКИМ и менаџерскиот тим на проф. д-р Никола Јанкуловски, се справува со овие предизвици, дали се пронајде добар модел студентите да не изгубат од квалитетот на наставата и од знаењата што треба да ги стекнат? 

Трпески: Како што веќе напоменав, Економскиот факултет - Скопје многу бргу се престрои и успешно се прилагоди во изведување на е-наставата. Но, морам да напоменам дека ние тоа немаше да го постигнеме ако менаџментот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, не покажеше одлучна подготвеност да се координираат со Владата и Министерството за образование и да помогнат во донесување на потребните Уредби и Одлуки со кои ни го отворија патот да ја реализираме е-наставата. Морам да истакнам дека, имајќи ја предвид комплексноста на ситуацијата во која се најдовме, Ректоратот на УКИМ успешно се справи со овој предизвик и овозможи наставата квалитетно да се заокружи, на задоволство и на наставниците и на студентите на Економскиот факултет - Скопје.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија