25 Април, 2024
0.1523

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р. ВЛАДИМИР ЛАЗАРЕВИК: Фијаско стратегијата за корона вирусот не е грешка на граѓаните, властите потфрлија

Објавено во: Интервјуа 02 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Критички до крај, многу остро и отворено, д-р. Владимир Лазаревик, експерт по јавно здравје и поранешен заменик министер за здравство смета дека владините мерки во однос на борбата против корона вирусот во земјава целосно потфрлија. Во интервју за Фактор вели дека во ниту еден момент властите не смееја да очекуваат дека граѓаните еднакво и бескомпромисно ќе се однесуваат според нивната замисла во пракса. Според него станува збор за политизација на одлуките и тотален хаос. Во интервјуто истакнува дека од самиот почеток претпочитал полиберални мерки, со цел да нема колапс на македонскто стопанство и главно фокусот да биде ставен на пронаоѓање на случаите и нивните контакти и да се ограничи движењето само во тие делови. „Допрва ќе се чудиме што не снашло“, вели тој.

Истовремено, д-р. Лазаревик, кој во изминатиот период работи во Дубаи, направи кус преглед, каква е ситуацијата таму, нагласувајќи дека со затворањето на Дубаи практично целосно се уништи економијата и градот се наоѓа во тешка еконосмка состојба. Смета дека ќе бидат потребни години градот да се опорави на економски план. 

За да стигне во земјава, имаше извесно патешествие, а прашањата за ова интервју ги одговори во самоизолација.

Пред неколку дена се вративте во Македонија. Од ОАЕ, односно од Дубаи, слетавте прво во Белград, а потоа се вративте во земјава. Зошто беше потребно едно вакво патување, дали деловните обврски ве примораа кусо да застанете во соседна Србија или постои друга причина?

Лазаравик: Пред сè сакам да потенцирам дека јас во повеќе наврати сакав да се вратам во Македонија од причини што моето семјество е тука, а јас бев блокиран во Дубаи каде работам, но доаѓав речиси секој месец дома. Но, условот да дојдам дома бараше да морам да одам во државен карантин 14 дена, со дополнителна изолација од 14 дена во домашни услови. Тоа не можев да си го дозволам од причини што имам работни обврски кои не сум сигурен дека би можел да ги исполнувам доколку сум во државен карантин. Така, единствената причина за моето враќање во Македонија да биде преку соседна Србија е дека во Белград можев да слетам без притоа да бидам задржан или принуден да одам во државен карантин. Србија е една од првите земји во Европа која целосно се отвори за сите граѓани вклучително и странски државјани. Беше доволно да отидам во нивниот Институт за Јавно здравје, да направам ПЦР тест со кој можев да влезам во Македонија. Тоа го направив, и откако влегов во нашата држава бев упатен во домашен карантин каде и сега се наоѓам. Тоа повторно е бесмислено, од причини што прво имам направено тест, второ можам и нов тест да направам и доколку и тој тест е негативен мојот домашен „притвор„ е практично безпредметен. Но....задоволен сум што сум дома со моите.

Пред да се навратиме на прашањата кои се однесуваат на актуелната ситуација со корона вирусот во земјава, би можеле ли одблиску да ни направите еден преглед каква е реалната состојба во Обединетите Арапски Емирати каде престојувате веќе извесен период. Како таму се погрижија здравствените власти за справување со кризата?

Лазаревик: Не сум сигурен дека се справија на соодветен начин. Практично, ОАЕ ја пресликаа идентичната стратегија на најголемиот број земји, а иницијално инспирирана од Кина. Тотален карантин, затворање на државата, и забрана за движење на секаде. Дополнително, воведоа засилено тестирање со кое се рекордери низ целиот свет. Пред да започне карантинот имаа околу 400 нови случаи на дневна основа. Денес откако се решија да ги ослободат мерките имаат од 600-800 нови случаи. Така, не гледам каков успех имаат направено, но она што е јасно е дека задоцнето сватија дека на овој начин не може да се борат против короната и мора да ја отворат државата. Таа грешка мислам ќе ги чини многу скапо и тоа ќе се покаже во наредните години.

Во последниве неколку месеци сведоци сме на безброј економски анализи кои предвидуваат големи рецесии во земјите со кои светот допрва ќе се соочува. Како здравствен економист, како ја оценувате економската состојба во Дубаи, која во последниве години направи светски бум во сите области, посебно во туризмот. Таму туристичкиот сектор најави затворање на рисорти, хотели и така натаму, дури до следната година.

Лазаревик: Економијата на Дубаи е заснована на 4 клучни столба: авио транспорт (и клучната компанија Емиратс), туризам, трговија (големи молови), и градежништво. Со затворањето на Дубаи практично целосно се уништи економијата и градот се наоѓа во тешка еконосмка состојба. Презадолжени се. Деновиве властите настојуваат да го отворат градот, но населението е толку престрашено од короната, да не е јасно како воопшто и колку време ќе биде потребно да се поврати во некаква нова нормала. Така сè на сè, сè уште е рано да се сумираат резултатите, но првичните показатели се дека број на нови случаи има секојдневно, а од економска гледна точка состојбите ќе имаат долгорочни последици. Летото не е сезона за туристи во Дубаи, најрано кога може да се вратат туристите ќе биде после Октомври. Но, шансите тоа да се случи ќе бидат директно поврзани со можноста да се лета, како и со состојбите околу вирусот. Мое искрено мислење е дека жестината на одговорот против короната ќе резултира со негативни последици на еконоски план од кои Дубаи ќе се опоравува со години. Имајте во предвид дека речиси 90% од жителите на Дубаи се странци, голем дел од нив загубија работа со кризата, а голем дел си отишле, или ќе си одат дома. Нема да им биде лесно да се повратат во живот, иако Дубаи важи за град кој лесно ги пребродува големите кризи. Ќе видиме.

Вашите ставови се доста критични во однос на затворањето на земјава, односно затворањето на границите, задолжителен државен карантин за сите што се враќаат во Македонија, самоизолација, како едни од мерките кои треба да придонесат во спречување на ширењето на вирусот. Како експерт по јавно здравје, сметате ли дека требаше поинаку да се постапи, дали можеби според вас постојат поефикасни мерки за справување со Ковид-19 кризата и што мислите за колективниот имунитет?

Лазаревик: Да, моите позиции се многу критични и конзистентни од самиот почеток. Јас не мислев и сè уште не мислам дека нашиот одговор против короната е соодветен. Мислам дека нашите спроведоа една копи пејст или пресликана кинеска политика без притоа многу да мислат како истата ќе се спроведе во пракса, ниту пак какви ќе бидат долгорочните последици од истата политика. Прво започнаа со невидена жестина на целосно затворање, за да деновиве кога ние се соочуваме со наплив на нови случаи да се најдеме во позиција на отварање. Тоа е една недопустива контрадикторност која самата по себе покажува дека политиката која ја спроведа од почетокот е погрешна. Не можете вие да воведете карантин и блокирање на државата во услови кога имате 40 нови случаи дневно, за да после ја отворите делумно државата во услови кога имате повеќе од 40 случаи дневно. Сега ние сме најдени во една небулозна состојба да не знаеме што да направиме. Клучната грешка која ние ја направивеме е што спроведувавме здравствена политика преку прес конференции. Ќе се собере Комисијата и министерот ќе одржат дневна прес конференција, и мислат ја завршија работата. Клучниот принцип на секоја јавно здравствена политика е КОНТЕКСТОТ во кој истата се спроведува. Не можете да очекувате дека населението еднакво и бескомпромисно ќе ја спроведува вашата замисла во пракса. Ова се учи во сите учебници по јавно здравје, дека властите мора да најдат соодветни механизми на комуникација преку кои ќе ги информираат граѓаните. Тоа ни не го направивме, и сега ги обвинуваме граѓаните, кој бил крив, дали МВР, дали религиозните обичаи, или којзнае што не. Значи една целосно политизација на одлуките, хаос. Мојата стратегија ќе беше сосема спротивна пред се од причини што борбата со короната е маратон, а не е спринт. Ние се залетавме да трчаме трка на 100 метра и издржавме во вторите 100 метра. Сега се чудиме што не снашло а трката уште не започнала што се вика.

Многу светски студии покажаа дека е исклучително ретко корона вирусот, односно Ковид-19 да се пренесе од децата на возрасните, но за разлика од повеќе европски земји кои ги отворија вратите на училиштата, кај нас, минстерот за образование Арбер Адеми, уште на почетокот на мај информираше дека оваа година училишната настава до завршувањето ќе се спроведува онлајн. Исто е и со наставата на универзитетите, а неизвесно е и дали ќе има физичко присуство на јунската сесија. Како гледате на сето ова?

Лазаревик: Видете, затворањето на училиштата ќе има долгорочни економски последици за цели генерации на ученици. Со самото тоа што децата не се во училиште, родителите не се во можност да одат на работа и да бидат продуктивни. Тоа е катастрофа за економијата и покрај тоа што кај нас се чини тоа луѓето не го разбираат. Кај нас повторно политиката која ја води министерството направи атмосфера да граѓаните се избезумени од короната, и да не може ниту да се зборува за враќање на децата во училиштата додека во Словенија веќе учениците ја посетуваат наставата. Истото се случува и во многу други земји. Да не спомнувам дека во Шведска децата никогаш и не беа спречени да одат на настава. Најголемиот проблем е што ние ќе имаме потешкотии како да ги вратиме децата во училиште и од септември. Короната нема да помине преку ноќ, и шансите ние да живееме со неа уште долго се големи. Децата мора да одат во училиште, училиштата мора да се прилагодат кон новата ситуација, а населението мора да разбере дека живее во нова “не„нормалност.

Вонредната состојба во земјава е продолжена за уште две недели, и покрај фактот што полицискиот час е укинат, кафеаните, кафулињата работат непречено, големите трговски центри исто така беа меѓу првите кои ги отворија вратите за граѓаните. Истовремено бројките на заразени со вирусот од ден на ден растат, што мислите за ваквата владина стратегија?

Лазаревик: Тоа укажува на две позиции. Првата е дека Владата го признава поразот на почетната стратегија, и сега откакако прво прерано го прогласија за успех, се соочуваат со тотално фијаско. А втората е дека докажаа дека креирањето на јавното здравје им е во директна спрега со политиката, поточно е крајно политизирано. Тоа е голем проблем за кој ние како држава мораме да извлечеме поука и да најдеме начин како во иднина да се справуваме. Не смееме ние како држава независно кој е на власт да си дозволиме да ја политизираме струката, и со тоа да влијаеме на нивните одлуки. Денешната фијаско стратегија се сруши како кула од карти и тоа не е грешка на населението, тоа е грешка на тие кои ги креираат таквите политики. Одговорност за ова мора да има. Не може во соседна Србија да нема ниту еден нов случај, кај нас да има нов бран епидемија.

Во оваа криза, економијата во Македонија е најпогодена, а дел од економските професори имаат сериозни песимистички размислувања за огромен пад на БДП, ќе помогнат ли според вас предложените пакет мерки од страна на Владата?

Лазаревик: Не, мерките дефинитивно нема да бидат доволни да се опорави економијата. Не само што не се доволни, туку се погрешни. На пример има мерки со кои на родителите на деца до 10 години им се овозможува да бидат дома, каква е таа мерка? Или им се дава помош на фирмите да им исплаќаат плата на вработените, но до кога? Како Владата очекува дека фирмата која ги вработува тие луѓе ќе опстане ако нема работа или ако вработените седат по дома? Токму заради тоа јас од почетокот се залагав за полиберални мерки, да не ја затвориме целосно економијата, туку да се фокусираме на пронаоѓање на случаите и нивните контакти и да се ограничи движењето само во тие делови. Да се работи со заедниците, да се најдат влијателни луѓе во заедниците кои можат да им укажаат на граѓаните за опасноста од раширување на вирусот. Ние тоа не го сторивме, туку ја блокиравме државата, ја уништивме и таа мала економија која ја имаме и сега допрва ќе се чудиме што не снашло. Целото глобално движење на затворање на државите повторно ќе споменам иницирано преку Кина, а спонзорирано преку СЗО се покажа дека не дава посакувани разултати насекаде. Поточно, не може истата стратегија да има подеднаков ефект во Америка и во Африка. Прво демографската слика на населението е целосно различна. Денес повеќе од 90% од сите смртни случаи на Ковид 19 се во богатите земји, не се во сиромашните. Зошто? Па зошто во богатите земји живеат луѓе кои се и над 80 и 85 годишна возраст. Зголемента смртност во Шведска е во старските домови, каде има популација која е над 80 годишна возраст. Во Африка практично и да нема толку стари луѓе а и нема старски домови. Слично е и кај нас. Нашето население е далеку помладо од населението во Шведска, или во други високо развиени земји. Така да таа смртност треба да се споредува по возрасни групи, и ќе видите какви се разликите. Токму од причини што светот свати дека глобалното затворање на економиите е погрешна стратегија државите почнаа да се отвараат со цел да можат да спасат што може да се спаси. На пример сите туристички дестинации ги отвораат границите и покрај тоа што короната е се уште и тоа како присутна. Би сакал да бидам оптимистичен, но за жал моите предвидување се дека погрешната стратегија директно придонесе да се соочуваме со двоен неуспех: ниту да успееме да се справиме со епидемијата на соодветен начин, ниту да ги балансираме еконосмките последици кои ќе бидат несогледиви и ќе се провлекуваат во наредните неколку години, ако не и деценија. 

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“