16 Април, 2024
0.0294

МАЈМУНСКИТЕ СИПАНИЦИ СЕ КАКО „ПРОШЕТКА ВО ПАРК“, СПОРЕДЕНИ СО КОВИД-19: Интервју со проф. д-р Драган Даниловски

Објавено во: Македонија, Интервјуа 26 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Здравствените власти во Македонија објавија дека постои загриженост поради ширењето на мајмунските сипаници низ европоските земји и дека го подготвуваат здравствениот систем. Веќе се во преговори за набавка на антивирусниот лек „тековирамат“ како и набавка на вакцини против сипаници, а најавија и дека ќе обезбедат посебни дијагностички китови, односно тестови за мајмунските сипаници..

Епидемиологот Драган Даниловски во денешното интревју за Фактор посочува дека нема место за голема паника, образложувајќи го својор став до најситни детали.

-Не, не треба да бидеме загрижени за појава на нова пандемија! Ризикот за општата популација е низок. Најпаметно би било да си го „свртиме погледот настрана“ и да не обрнуваме премногу внимание на лавината најразлични, вознемирувачки информации, редовно гарнирани со „пригодни“ фотографии (дури, понекогаш, од вариола вера)! За да си го сочуваме умот и разумот! Но, тоа не значи дека сите треба да си го „вртат погледот настрана“! Институциите мора да се подготват максимално, како да се работи за вариола вера! Апсолутно е неопходно да се обезбедат разумни количини на вакцината JYNNEOS и лекот тековиримат, како и вакцинија имуноглобулини, вели во денешното интервју за Фактор, еден од најпознатите епидемиолози, проф. д-р Драган Даниловски

Од почетокот на мај во Европа почна ширењето на мајмунските сипаници, односно откако жител на Британија го внесе во земјата по враќањето од Нигерија. Набрзо по овој случај за две до три недели бројот на заразени се зголемува, заради што алармира и СЗО, а земјите веќе ги подготвуваат здравствените системи за евентуално избувнување на нова епидемија. Постои ли место за паника, има ли можност од избувнување на нова пандемија?

Проф. Даниловски: А зошто би биле загрижени? Дали затоа што еден одамна познат вирус што предизвикува зооноза „скокнал“ од земјите каде што е ендемичен (Централна и Западна Африка) меѓу нас „западњаците“? Треба ли да се „трескаме од земја“ за околу 160 заболени низ 12-13 земји? Треба ли да паничиме, кога епидемиолозите сѐ знаат за него!?

Знаат одамна дека е ДНК вирус, кој често не мутира (за разлика од РНК вирусите, каков што е САРС-КоВ-2).

Знаат дека претежно циркулира меѓу своите животински домаќини, мајмуни, прериски кучиња, глодари или други, сеедно, во ендемските краишта во Африка.

Знаат дека тој ретко може, таму кај што е ендемичен, да се пренесе и на човек, заради близок контакт со болно животно.

Знаат дека пренесувањето од човек на човек е мошне тешко, затоа што е потребен подолг близок контакт со лезиите (плускавците полни со бистра течност или гној – стручно: папули, везикули, пустули - и красти) на кожата или плунката (заради везикули на усната слузокожа - енантем).

Знаат дека не лебди во воздухот (како короната) и дека крупните капки плунка имаат краток домет низ воздухот.

Знаат дека бројките се практично симболични, иако имаат тренд на линеарен пораст. Знаат дека болеста е идентификувана во десетина европски земји, заедно со САД, Австралија, Канада и Израел. Најмалку 160 потврдени случаи на мајмунска сипаница се пријавени овој месец во неафриканските земји, според Global.health, група која собира податоци за заразни болести. Сите случаи, освен 10, се во Европа: 56 во Обединетото Кралство, 41 во Шпанија, 37 во Португалија и едноцифрени случаи во Австрија, Белгија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Шведска, Швајцарија, Чешката Република и Словенија.

Знаат дека леталитетот (смртноста кај заразените) кај овој западноафрикански, поблаг тип на вирусот (врз основа на податоци од Африка) е околу 1 на 100 (а не 1 на 10). Знаат дека многу од луѓето кои добиле мајмунска сипаница во сегашната епидемија немаат историја на неодамнешно патување во Африка или позната изложеност на заразено лице.

Знаат дека, во голема мера, идентификуваните случаи се кај млади мажи (20-50 години), кои имаат секс со мажи, што треба да наведе на претпоставка дека болеста се шири преку контакт кожа на кожа, можеби од изложеност на осип и лезии за време на сексуалната активност.

Знаат дека, ако смртноста во Африка е 1 на 100, тогаш во западните земји сигурно ќе биде многу пониска.

Знаат дека заразни се само оние што имаат симптоми и дека е лесно тие да се препознаат и изолираат.

Знаат дека преносливоста му е ниска – базичниот репродукциски број R0 е помал од 1 – и дека тоа значи невозможност за експоненцијален раст на бројките. Заради што, линеарно расте бројот на нови случаи.

Знаат дека, заради тоа, лесно може да се стави епидемијата под контрола: да се идентификуваат, изолираат и лекуваат заразените, да се следат контактите и да се предупредат сами да си обрнат внимание на можна појава на симптоми во следните три недели.

Знаат дека нема потреба од изолација за нив (освен ако добијат симптоми).

Знаат дека сите што биле вакцинирани пред 1972 година против големите сипаници (variola vera, smallpox) се заштитени и од мајмунските сипаници (85%), зашто се сродници (подгрупа Orthopoxvirusi на фамилијата Poxviridae. Во оваа подгрупа спаѓаат и вирусите на вариола вера, вакцинија и кравјите сипаници).

Знаат дека 99% од заболените спонтано ќе оздрават за 2-4 недели, само со т.н. симптоматска и „супортивна“ терапија (терапија на поддршка).

Знаат дека постои вакцина и лек за ризичните пациенти и потешките случаи.

Знаат дека мајмунските сипаници не претставуваат сериозна закана за јавното здравје и дека, затоа, заслужуваат внимание само во стручните медицински кругови.

Знаат дека никогаш нема да има потреба од рестриктивни мерки и масовна вакцинација!

Не може да не знаат дека мајмунските сипаници се како „прошетка во парк“, споредени со КОВИД-19. Ако сето тоа се знае, чуму, тогаш, толкава оркестрирана врева од сите медиуми, но и светски здравствени агенции? Зарем не заслужува народов мирно лето? Не му беше ли доста од стеги и стравови? Како некому да му е душевна храна сеењето страв... а можеби и други мотиви се во прашање...

Конкретен одговор на вашето прашање: Не, не треба да бидеме загрижени за појава на нова пандемија! Ризикот за општата популација е низок. Најпаметно би било да си го „свртиме погледот настрана“ и да не обрнуваме премногу внимание на лавината најразлични, вознемирувачки информации, редовно гарнирани со „пригодни“ фотографии (дури, понекогаш, од вариола вера)! За да си го сочуваме умот и разумот!

Но, тоа не значи дека сите треба да си го „вртат погледот настрана“! Институциите мора да се подготват максимално, како да се работи за вариола вера! Апсолутно е неопходно да се обезбедат разумни количини на вакцината JYNNEOS и лекот тековиримат, како и вакцинија имуноглобулини.

2. Колкав е процентот на смртност, СЗО споменува од 3 до 6 отсто, нели е тоа дури и повеќе од короната?

Проф. Даниловски:Ако навистина леталитетот (смртноста) би бил 3-6%, како што тврди СЗО, тоа би било повеќе од короната. Но, СЗО, исто така, имаше наведено дека леталитетот изнесува 0-11%. Од друга страна, Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) наведуваат податок од 10%.

Тука треба да се знае дека постојат два типа на вирусот, западноафрикански тип, којшто е поблаг и во Африка има леталитет од околу 1% и централноафрикански тип, којшто е поопасен и има леталитет од околу 10%.

Сите досегашни околу 160 регистрирани случаи на мајмунски сипаници во Европа, обете Америки и Австралија се предизвикани од поблагиот, западноафрикански тип. Досега нема регистрирани смртни случаи. Со оглед на далеку поразвиените здравствени системи во Европа и САД во однос на африканските, веројатно тоа така и ќе остане.

За споредба, леталитетот од КОВИД-19 се покажа дека се движи од 1 до 5 отсто, врз основа на званично регистрираните податоци за бројот на случаи на болест, односно бројот на смртни случаи. Според некои согледувања, меѓутоа, реалниот број на случаи веројатно е дури до 10 пати повисок, а на починати 2-3 пати, така што вистинските вредности на леталитетот би биле пониски. Кај нас леталитетот во просек е 3%.

3. Дали има висока трансмисија и кои се иницијални симптоми?

Мајмунските сипаници не се шират лесно меѓу луѓето. Како што наведовме погоре, проценето е дека базичниот репродукциски број R0 е помал од единица. Буквално интерпретирано, тоа значи дека едно заразено лице во просек заразува помалку од едно осетливо лице или поинаку кажано, десет заразени заразуваат помалку од десет осетливи лица. За да може да дојде до експоненцијален (експлозивен) раст, R0 треба да биде поголемо од единица. Оттука е јасно дека мајмунските сипаници не претставуваат сериозен јавно-здравствен предизвик.

Преносот од човек на човек настанува преку близок контакт со заразен материјал од кожни лезии на заразено лице, преку капки плунка при продолжен контакт лице в лице и преку контаминирани предмети (на пример, постелнината во која лежел болниот). Доминирањето на дијагностицираните случаи кај мажи кои имаат секс со мажи сугерира дека заразувањето се случило за време на сексуален однос. Но, ако се знае дека осип може да се јави и на гениталиите, станува јасно дека заразувањето настанало заради директен контакт со лезиите. Сѐ уште не е јасно дали вирусот го има во семената течност и вагиналниот секрет. Влезни места се оштетена кожа и сите слузокожи.

Врз основа на епидемиолошката проценка на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), висока е веројатноста за ширење на мајмунските сипаници кај лица кои имаат повеќе сексуални партнери, но и меѓу членови на семејствата на заболените, како и меѓу здравствените работници. Иако повеќето актуелни случаи се со благи симптоми на болеста, вирусот на мајмунската сипаница може да предизвика тешка болест кај одредени популациски групи (малите деца, бремените жени, имуносупримираните лица), но ризикот за тоа сѐ уште не е точно проценет. Сепак, севкупниот ризик се оценува како умерен за лицата кои имаат повеќе сексуални партнери (вклучувајќи некои групи на мажи кои имаат секс со мажи) и низок е за пошироката популација.

Инфекцијата со вирусот на мајмунските сипаници започнува со период на инкубација. Во овој период не постои заразност. Периодот на инкубација трае во просек 7-14 дена, но може да се движи од 5 до 21 ден.

По завршување на периодот на инкубација се јавуваат т.н. продромални симптоми. Понекогаш, може да постои заразност во овој период. Првите симптоми се: покачена температура, малаксаност, главоболка, понекогаш болки во грлото и кашлица и лимфаденопатија (отечени лимфни јазли). Лимфаденопатијата е карактеристична за мајмунските сипаници. Таа обично настанува со појава на покачената температура, 1-2 дена пред почетокот на осипот или ретко, заедно со појава на осипот. Отекуваат лимфните јазли на вратот (субмандибуларните и цервикалните), пазувите (аксиларните) или во препоните (ингвинални) и се појавуваат симетрично на обете страни или само на едната страна на телото.

По продромалниот стадиум, се развива осипот (лезии во устата и на телото). Лезиите напредуваат низ неколку фази пред да отпаднат: енантем (осип во устата и јазикот), макули, папули, везикули (плускавци), пустули (плускавци полни со гној) и красти. Лезиите се со релативно иста големина и се во иста фаза на развој на едно место на телото (на пр. пустули на лицето или везикули на нозете). Дисеминираниот осип е центрифугален (повеќе лезии на екстремитетите, лицето), дланките, стапалата, но во помала мера и на трупот и гениталиите. Лезиите се болни до фазата на заздравување, кога се јавува свраб (фаза на красти).

Заразноста постои од почетокот на енантемот (осип во устата и јазикот) сѐ до фазата на красти.

4. Многу брзо откако СЗО објави дека има антивирусен лек против мајмунските сипаници „Тековирамат“, во светски рамки почнаа шпекулациите и теориите на заговор, дека и овој вирус е "намерно" пуштен особено поради фактот што ЕМА го регистрирала лекот во јануари годинава. Вашиот став околу ова?

Проф. Даниловски:Тековиримат (Tecovirimat - SIGA) е лек за лекување на вариола, мајмунски сипаници и кравји сипаници, три инфекции предизвикани од вируси кои припаѓаат на исто семејство (ортопоксвируси). Се користи и за лекување на компликации кои можат да настанат по вакцинација против вариола. Се користи кај возрасни и деца со тежина од најмалку 13 килограми.

Точно е дека во јануари 2022 година Европската агенција за лекови (ЕМА) го има одобрено лекот за лекување на вариола во земјите на Европската унија. Но, исто така е точно дека претходно лекот беше одобрен и од ФДА во САД во септември 2018 година.

Причините се превентивни: да се биде подготвен за можен биотерористички напад со вирусот на вариола вера, зашто ранливоста на човечката популација кон вариола вера е веќе неприфатливо голема. Зошто?

Прво, вакцинацијата против вариола е завршена во 1972 година. Откако е ерадицирана во 1980 година, повеќе немало потреба од вакцинирање на новите генерации. Оттогаш, поминати се 50 години. За тоа време стекнатиот имунитет и кај вакцинираните пред 1972 година во голема мера е избледен, иако базична заштита постои и понатаму.

Второ, сите генерации родени по 1972 година не се вакцинирани. Практично, претставуваат имунолошки „наивна“ популација за вариолата. Но, вакцината против вариола штитеше и од мајмунските сипаници. Бидејќи вариолата е ерадицирана, ситуацијата на намалена имунолошка заштита од вариола, сега ја искористува вирусот на мајмунските сипаници. Помеѓу 2010 и 2019 година, повторно се појавија случаи во Либерија и Сиера Леоне по четиридецениско отсуство и во Централноафриканската Република по три децении. Прашање на време беше кога вирусот ќе се прелее во остатокот од светот. Ова совршено беше познато во научните кругови. И тоа е уште една причина зошто се преземени клучни превентивни мерки: подготовка на вакцина и специфична терапија.

Трето, пандемијата на КОВИД-19 покажа на дело што значи да се биде имунолошки „наивен“... и неподготвен како светска заедница во целина за глобални предизвици...

Четврто, во овие бурни времиња, не може да се држи „главата в песок“ и да не се претпостави дека постои – макар и теоретска – шанса, некој да изведе биотерористички напад. Затоа, подобро е да се делува превентивно, наместо да се најдеме затечени, како со ковидот.

Ако љубителите на теории на заговор не се во состојба да ги разберат горните наводи, за жал, нема начин да се разубедат. 

5. Сепак и од стручен аспект, како делува лекот, дали е ефикасен и дали има ефикасна вакцинација против мајмунските сипаници?

Проф. Даниловски:Тековиримат функционира така што инхибира еден протеин, кој се наоѓа на површината на ортопоксвирусите (вариола вера, мајмунски сипаници и кравји сипаници). Со интеракција со овој протеин, лекот ги спречува вирусите да се репродуцираат нормално, забавувајќи го нивното ширење во телото.

Ефективноста, пак, на тековиримат била утврдена со студии спроведени на животни инфицирани со вируси сродни со вирусот на вариола вера, имено, со вирусот на мајмунските сипаници. Евалуацијата се засновала на мерење на нивното преживување на крајот од истражувањето. Животните третирани со тековиримат живееле подолго за 50%, во споредба со животните третирани со плацебо. Вакво тестирање било единствено можно да се одобри, зашто испитувања на ефикасноста врз луѓе доброволци не би биле изводливи од етички причини.

Безбедноста (појава на несакани дејства) на лекот била евалуирана кај 359 здрави човечки доброволци без инфекција со сипаници. Најчесто пријавени несакани ефекти биле главоболка, гадење и абдоминална болка.

Вакцината, наречена JYNNEOS, е произведена заради истите превентивни причини, како и лекот тековиримат. Се работи за жива вакцина произведена од атенуиран вирус на вакцинија (Modified Vaccinia Ankara-Bavarian Nordic - MVA-BN), ортопоксвирус кој не може да се реплицира.

На 24 септември 2019 година Администрацијата за храна и лекови (ФДА) на САД ја има одобрено вакцината JYNNEOS за превенција на вариола вера и мајмунски сипаници, за возрасни постари од 18 години, за кои ќе се утврди дека се изложени на висок ризик за инфекција со вариола или мајмунски сипаници. Ова е единствената вакцина за превенција на мајмунски сипаници во моментов одобрена од ФДА.

Актуелната епидемија на мајмунски сипаници не претставува глобален ризик за јавното здравје. Но, дефинитивно претставува предупредувачки знак!

Сѐ повеќе и повеќе опасни вируси, кои битисуваат во животинската популација, скокаат во човечката популација. Да ги спомнеме птичјиот грип, МЕРС, САРС-КоВ-1. И секако САРС-КоВ-2.

Не е тешко да се согледа зошто овие зоонозни вирусни епидемии стануваат посериозни и почести. Сечеме сѐ повеќе шуми во кои живеат животните и меѓусебните контакти на луѓето и животните стануваат сѐ поверојатни. Климатските промени и недозволената трговија со диви животни само го влошуваат проблемот. Комбинацијата на уништувањето на шумите, климатските промени, густината на населението и урбаната експанзија сѐ повеќе го зголемуваат ризикот за појава на нови вируси со капацитет да предизвикуваат епидемии. Освен ако радикално не смениме нешто, пред сѐ, во нашата колективна свест...

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

КОЈ ПИЕ НАЈМНОГУ ВО ЕВРОПА: Изненадувачки податоци за Македонците, еве колку пијат

КОЈ ПИЕ НАЈМНОГУ ВО ЕВРОПА: Изненадувачки податоци за Македонците, еве колку пијат

КАРПОШ ПОВТОРНО ВИСОКО НА ЛИСТИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ – Охрид останува уште една „медина“ за градежниците, еве каде најмногу ќе се гради

КАРПОШ ПОВТОРНО ВИСОКО НА ЛИСТИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ – Охрид останува уште една „медина“ за градежниците, еве каде најмногу ќе се гради

ЕВРОПА СЕ „ДЕЛИ“ НА ДВА ДЕЛА, И МАКЕДОНИЈА ПРЕД ГОЛЕМ ШОК: До крајот на месецов не очекува значително студено време

ЕВРОПА СЕ „ДЕЛИ“ НА ДВА ДЕЛА, И МАКЕДОНИЈА ПРЕД ГОЛЕМ ШОК: До крајот на месецов не очекува значително студено време

ПРЕКУ ОТВОРЕН БАЛКАН СЕ БАРААТ СЕЗОНСКИ РАБОТНИЦИ И ЗА АЛБАНИЈА: Сезонава се очекуваат над 10 илјади туристи, а нема кој да работи

ПРЕКУ ОТВОРЕН БАЛКАН СЕ БАРААТ СЕЗОНСКИ РАБОТНИЦИ И ЗА АЛБАНИЈА: Сезонава се очекуваат над 10 илјади туристи, а нема кој да работи

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАИР ВО ГОЛЕМА ТАГА: Почина неговата мајка, тажната вест ја сподели на социјалните мрежи

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАИР ВО ГОЛЕМА ТАГА: Почина неговата мајка, тажната вест ја сподели на социјалните мрежи

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Србите реагираа по најавите дека Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Србите реагираа по најавите дека Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница

СТОИЉКОВИЌ: Али, Бујар, Таљат, Артан се осудија степенот на непријателството кон Србија и српскиот народ да го подигнат на највисоко ниво

СТОИЉКОВИЌ: Али, Бујар, Таљат, Артан се осудија степенот на непријателството кон Србија и српскиот народ да го подигнат на највисоко ниво

ФУРКАН САЛИУ ДО МВР: Уништувањето на доказен материјал верувам знаете подобро од мене дека е кривично дело

ФУРКАН САЛИУ ДО МВР: Уништувањето на доказен материјал верувам знаете подобро од мене дека е кривично дело

УСТАВНИ ИЗМЕНИ: Гир се надева дека ќе бидат донесени поскоро

УСТАВНИ ИЗМЕНИ: Гир се надева дека ќе бидат донесени поскоро